ДУИ ЌЕ СЕ ПРОВЕТРУВА: Чистка на совеста или спин пред гласачите?
Објавено во: Македонија 07 Март, 2017
Чистката што се најавува во ДУИ, на сите нивоа и структури е политички маркетинг за враќање на изгубениот кредибилитет, после лошиот резултат што партијата го имаше на последните парламентарни избори. Потегот со кој Али Ахмети, најавува дека ќе се испитува работењето на секој функционер од неговата партија од 2002 година па досега, и ако се утврдат злоупотреби ќе има и одговорност – се смета за логичен, во обид да се поправи имиџот кај електоратот.
„Тоа може да има само маркетиншка цел. По бруката со платформата што му дале супер-гориво на Груевски, сега мора да смислат нешто друго. Ако сакаат да ги најдат тие што правеле злоупотреби нека отидат пред огледалото. Мислам дека целта е да се одбегнат внатрешните реформи, оти главните актери на злоупотребите наводно на крајот ќе испаднат чисти, дека сите изкажани работи ти биле обични инсинуации итн. Мислам дека во ДУИ имаат добри кадри кои треба да дојдат на чело на таа партија и да продолжат напред, Поинаку со импровизации ќе исчезнат од политичката сцена. Исто така тука се поставува прашањето за потребните маханизми за истражување на можните злоупотреби, а тие ги нема, па оттука целата таа работа е обична детска приказна“- вели аналитичарот Мерсел Биљали.
За универзитетскиот професор Сами Беслими, резултатите од предвремените парламентарни избори, беа јасен сигнал дека, ДУИ не може да смета на подршка од електоратот доколку не промени нешто суштинско во пристапот на водење на политиката, но и да направи корените промени во кадровската структура на партијата. Според Беслими ДУИ не може повеќе да продолжи да се однесува како формален коалиционен партнер во извршната власт, туку посветено и одговорно, согласно програмските определби и ветувањата дадени во предизборието.
„Не ќе може повеќе да смета на поддршка, заради мир во куќа да ги жртвува сопствените приоритети. Тоа сигурно не ќе може да го исполни доколку не направат длабоки кадровски промени, без да се ослободи од луѓето кои што прилично долго време го рушат угледот на партијата. Таквиот приод ќе му овозможи на лидерот на ДУИ, да се ослободи од луѓето кои што се огрешиле со законот, но и да го потврди јавно искажаниот став дека, ДУИ дава недвосмислена поддршка на СЈО и дека, ниту еден член од неговата партија не може да сметана заштита од партијата доколку се огрешиле пред законот. Поинаков приод би бил погубен за самата партија, но и за самото партиско раководство, вели за Фактор Беслими.
И според Андреја Стојковски од Македонски центар за европско образование, потегот на ДУИ може да се смета за очекуван после, не само поради лошиот резултат што ДУИ го направи на последните парламентарни избори, туку и поради тоа што последните анкети покажуваат дека поддршката на граѓаните за оваа партија се топи се повеќе.
„Ако му веруваме на она што го видовме албанската заедница најповеќе и верува на СДСМ и тоа со нивно формирање на влада може само да се зацврсти, потоа на БЕСА и дури на крајот на ДУИ.Оттаму, за мене е разбирливо зошто од партијата инсистираат на проверка на нивните функционери во минатата влада. Постапувањето во вакво "чистење на нивното име" ќе придонесе за подобрувањето на позицијата во наредниот период, вели Стојковски.
Дополнително, се смета дека вклучувањето на меѓународната заедница во најавената чистка во сопствените редови, ќе ја направи партијата конструктивен дел од поранешната владеачка коалиција и натаму ќе го зајакне нивниот углед кај гласачите.
„Вклучувањето на меѓународната заедница, или барањето на меѓународна помош во оваа активност впрочем ќе биде добро и за функционирањето на СЈО што за Македонија е услов за враќање на демократијата и владеењето на правото, што пак е услов за интеграција во ЕУ и НАТО. Да се потсетиме, ДУИ го има ова како главна точка во својата програма и точка каде што може да испорача резултат“ вели Стојковски.
Од ДУИ, посочија дека довербата на граѓаните им е најважна, па затоа, за обелоденување на целосната и единствена вистина, ќе се ангажира за длабоко истражување на активноста на секој функционер од 2002 година досега.
„Довербата на граѓаните за спроведување на изборните ветувања е остварено со речиси непрекинато учество во сите надлежности, што има направено партиските експоненти да станат предмет на постојана критика, но, исто така, бескрупулозни клевети, кои вклучуваат неаргументирани обвиненија за корупција, небулозни за национално предавство дури и безмислени обвиненијата за убиство, “посочија во партиското соопштение на ДУИ.
Сепак, останува дилемата дали вакквата намера на ДУИ е реална и каква завршница ќе има целиот тој процес, односно дали партијата ќе успее да го врати нарушениот углед.