ДВОЈНИТЕ ПАСОШИ НА ВИДЕЛИНА ВЕДНАШ - ВМРО-ДПМНЕ го „пушти“ предлогот пратениците да имаат само македонско државјанство, како ќе изигра СДСМ
Објавено во: Македонија 23 Март, 2021 07:15
Како што и најавија, опозиционерите од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа предлог за измнени и дополнувања на Законот за пратениците, со кој сите народни избраници би смееле да имаат само македонско државјанство и ниту едно друго, односно од некоја друга држава. Сето ова се случува во време кога Собранието уште не работи бидејќи не може да се обезбеди кворум, па поради тоа и утре нема да може да се изгласа петтиот пакет економски мерки за фирмите и граѓаните, како што претходно беше најавено.
Инаку, на предлог законот кој стигна во Собранието и за кој тие предлагат да се носи по скратена постапка, се потпишани најголемиот број од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, како што стои во самото предлог законско решение, доколку тоа се изгласа, ќе важи не само за некои наредни пратеници, туку веќе и за народните избраници од овој пратенички состав, бидејќи би требало да влезе во сила 30 дена по објавувањето во Службен весник.
Пред околу две недели, владејачката СДСМ се изјасни дека за нив вакво законско решение е прифатливо, и не само тоа, туку и дека тие сметаат дека треба да почне да важи уште за пратениците од овој собраниски состав.
Па, доколку за овој предлог закон гласаат и ВМРО-ДПМНЕ, тој без проблем би можел да се донесе, бидејќи за него не е потребно да се почитува принципот на Бадентер.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за Фактор вели дека за да се изгласа овој закон не е потребно обезбедување на бадентерово мнозинство, бидејќи, како што појаснува, самиот Закон за пратеници во претходните два состава е гласан без Бадентер.
Според него, доколку СДСМ навистина го прифаќаат ова решение, односно пратениците да имаат само македонско државјанство, тоа можат и да го покажат на дело, со тоа што законот ќе биде ставен на седница и ќе биде изгласан по скратена постапка.
„Доколку се согласуваат со овој закон како што велат, бујрум, нека повелат да ја стават точката на дневен ред и тој може да биде изгласан по скратена постапка“, вели Мицевски. Инаку, според него, клучна новина што ја предлагаат со овој закон, е само тоа пратениците да мора да имаат само и исклучиво македонско државјанство.

„Тоа важи и за амбасадорите, согласно Законот за МНР, што значи дека ова решение е преземено оттаму, односно и амбасадорите можат да имаат само македонско државјанство. Исто така, ова важи и за Агенцијата за национална безбедност, како и за Агенцијата за разузнавање“, објаснува Мицевски.
Како што е познато, предлог законот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беше најавен откако бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов на Фејсбук објави листа со имиња со бугарски пасоши, кои, според него, се совпаѓаат со дел од членовите на партијата, што ВМРО-ДПМНЕ децидно го демантираше.
Инаку, интересно е дека во предлог законот што го доставиле до Собранието, ВМРО-ДПМНЕ како да го признаваат новото име на државата, па во него навеле „Република С. Македонија“, со С кое е многу посветло и понезабележително од останатите букви. Ги прашавме во ВМРО-ДПМНЕ дали тоа значи дека го признаваат новото име на државата. Оттаму велат дека не го признаваат, но мора така да напишат за законите да им бидат примени во Собранието.
„За нас новото име на државата е неприфатливо, бидејќи се донесе надвор од вољата на граѓаните, и покрај неуспешниот референдум, но моравме така да постапиме за да не ни биде вратено законското решение. Ова од причина што сите закони во Собранието се поднесуваат на овој начин, а во спротивно се враќаат законите, амандмание, како и сите документи“, ни изјави Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ вчера не можевме да добиеме став дали ќе се стави на дневен ред и ќе се гласа за ова законско решение.
Пред десетина дена, од СДСМ рекоа дека би поддржале таков закон.
„Апсолутно го поддржуваме таквото законско решение, и не само што го поддржуваме, туку и нашиот став е дека тој закон треба да биде донесен, и треба да важи од сегашниот пратенички состав“, рече тогаш пратеничката од СДСМ Снежана Калеска Ванчевска.
А албанските партии веќе најавија дека се против законот.
„Темата за двојно државјанство е потрошена и тоа го дозволува нашиот закон. Мислам дека не може да вршиме дискриминација врз ниту еден граѓанин, било министер, пратеник и кој било граѓанин на нашата земја“, истакна Артан Груби од ДУИ, прв вицепремиер.
Албанската опозиција, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива најави блокада и на овој закон, што всушност го направија и за многу други закони, што беше во знак на револт за нерешавањето на нивниот предлог закон за државјанство.

Пратениците
предлагачи во образложението на законските измени напишале дека со нив ќе се доуредат прашања кои во
изминатиот период сериозно го нарушиле угледот на функцијата пратеник во однос на условите кои едно лице треба да
ги исполни за да биде кандидат за пратеник и да може да биде избран за пратеник
во Собранието.
„Со усвојување на овој закон се овозможува да запрат сите напади врз пратениците кои во последно време се сѐ почести и предизвикуваат изигрување и манипулација на јавноста и гласачите во Македонија. Имено со ова решение се предвидува услов со кој за пратеник може да биде избрано лице кое е државјанин само на Република С. Македонија, со што ќе се зголеми дигнитетот и довребата на граѓаните кон самите пратеници“, се вели во образложението на законот.
Со овој закон се уредува дека за пратеник може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин само на Република С. Македонија, - да наполнил 18 години живот, да има деловна способност, не е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување се уште не е започнато и не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.
„Одредбата од член 2 од овој закон ќе се усогласи со Изборниот законик во рок од 30 дена по влегувањето во сила на овој Закон“, се вели во предлог законот, што значи дека тој би важел веќе и за овој пратенички состав.
Инаку, порадинеуспехот да се постигне договор на кординациите за кворум во собранието меѓу кординаторите на пратеничките групи, собранискиот спикер Талат Џафери ја одложи седницата закажана за денеска, на која на дневен ред беа околу 30 тина точки, меѓу кои и економските мерки од петтиот пакет. Овој предлог закон за само едно државјанство на пратениците, не беше на дневен ред.
Џафери вчера рече дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ поставила ултиматум дека ќе прави кворум, но само доколку се дискутира за, според нив, најважните точки. Спикерот рече дека тоа се коси со деловникот, бидејќи сите точки веќе се ставени на дневен ред. Рече дека ќе ја свика седницата кога ќе биде сигурен дека ќе може да се обезбеди кворум, а пратениците на опозицијата ги повика да си ја оправдаат својата плата со работа.
Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека тие не се должни да прават кворум и дека за тоа служи парламентарното мнозинство. А, токму од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица го блокираат законот за државјанство, со кој во земјава би се регистрирале како жители со сите права што им следуваат граѓаните кои според предлагачите од Алијанса и Алтернатива, со години, па и децении, живеат во земјава. Поради оваа блокада, албанскиот опозициски блок ги “кочи“ сите други законски решенија .
Нина Нинеска-ФиданоскаМожеби ќе ве интересира
Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки
Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица
СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината
Притвор за ексдиректорот на Управата за матични книги и уште шест други лица
Орце Ѓорѓиевски: Финансиска полиција подигна обемна документација од Град Скопје, Комунална хигиена и ЈСП




