Единствената жена рудар во Србија заработува леб со седум кори
Објавено во: Стил 05 Август, 2016
Единствената жена рудар во Србија, Мира Крџиќ од Ушче повеќе од 20 години секој ден слегува во јамите на рудникот Баљевац, а како шеф на смена преводи 40 мажи.
Заработува леб со седум кори, работејќи ја рударската работа, една од најтешките на светот.
Таа објаснува дека неа целиот живот и е врзан со рудници, а и нејзиниот сопруг Божидар бил рудар и веќе две години е во пензија.
„Без оглед на тоа што работев три смени, во темница во рударските јами, и покрај сите домашни куќни обврски, секогаш сакав да изгледам убаво и уредно. Оние кои прв пат ме гледаа не веруваа дека сум рудар. Еден лекар мислеше дека се шегувам и дека сум секретарка во некоја фирма“ - вели Крџиќ.
Таа додава дека во текот на работата имало тешки моменти, но не се откажала за разлика од многу мажи кои сметале дека оваа работа е претешка за нив.
„Сама се изборив за работна рамноправност за која многу се говори. Верувам дека тоа секоја жена може да го направи ако верува во себе. Многу сакав да бидам рудар и бев пресреќна кога тоа ми го дозволија“ - објаснува оваа жена.
Крџиќ завршила средна Рударско - техничка школа, и од 30 години работен стаж, само една година била ангажирана во администрација. Остатокот од работниот век го поминала во рударските јами.