„ЕХО АПАРАТОТ Е ГОЛЕМ КОЛКУ ВРАТА“: поранешниот директор на болницата во Кичево по кривичната пријава од МВР - „ниту сум го зел, ниту ми е потребен“
Објавено во: Македонија 19 Ноември, 2024
Шокантно и погубно за мојата репутација е на вести да гледам лаги, дека „полицијата ми нашла украден ехо-апарат“ дома, а ехо-апаратот никогаш не ги има напуштено просториите на болницата, ниту пак полиција дошла кај мене дома, вели Станко Трпески, поранешен директор на болницата во Кичево, откако МВР поднесе кривична пријава дека „додека бил директор неовластено присвоил дониран ехо-апарат од болницата“.
Трпески вели дека апаратот, според неговите сознанија,не ја напуштил болницата.
- Тој апарат е голем колку врата, а во целата болница има камери. На ехо-апаратот има баркод и во која било здравствена установа да завршел - би бил најден. Ниту сум го зел, ниту ми е потребен - објаснува доктор Трпески за „Слободен печат“.
Тој ова го смета за политички исценирана хајка, која има за цел да му ја наруши репутацијата.
- Конкретниот ехо-апарат за кој ме гонат, во мое време си беше во магацин. Не беше ни отворен, тоа е пакет голем како фрижидер. Не знам дали излегол од болницата, ама според моите сознанија ехо-апаратот никогаш не ја напуштил болницата туку е цело време од еден во друг, во трет магацин - вели тој.
Запрашан зошто апаратот не бил во употреба, тој вели дека двајцата доктори што требало да го користат, биле во Скопје на специјализација и супспецијализација и затоа апаратот не се користел во времето на ковид пандемијата.
- Од технички причини апаратот не беше ставен во употреба. Со овој ехо-апарат се прави ехо томографија на срце и на штитната жлезда. Двајцата доктори што требаше да го користат беа на специјализација и затоа не беше ставен во функција. На датумот кој се наведува во соопштението на МВР, јас бев на конгрес во Солун, користев одмор. Не е во моја надлежност да го чувам тој апарат откако сум ја предал функцијата. Според моите сознанија, апаратот бил прво во еден магацин, па во втор, па во трет. Па кога се вратив од пат го нашле на четврто место. Годинава на 7 август јас направив примопредавање во болницата на нов директор и заминав на одмор и на конгрес во Солун. Додека бев на конгрес ми се јавија дека им се расипало ехото. Јас им реков, имате уште два ехо-апарати во болницата. Епа ги нема велат. После дознав дека го нашле, кога се вратив од Солун - вели Трпески.
Инаку, МВР вчера информираше дека поднеле кривична пријава против некогашен директор на болницата во Кичево бидејќи од 08.07.2021 до 07.08.2024, во својство на директор на ЈЗУ Општа болница – Кичево, со намера да се стекне со противправна имотна корист, неовластено присвоил ехо апарат M9 Mindray, кој му бил доверен во службата, како донација од Министерство за труд и социјална политика во вредност од 2.134.482 денари.
Претходно пак, на 21 октомври, во дневниот билтен на МВР излезе информацијата дека „во Општата болница во Кичево недостига ехо апарат кој бил дониран за време на пандемијата“.
Фото: МИА