Добивај вести на Viber
Минатата година Македонија ја заврши на трето место во Европа според процентуалниот раст на Бруто-домашниот производ, покажаа пресметките на Европската комисија.
Со раст од 3,1%, Македонија била веднаш зад Романија со 3,5% и Литванија со 3,3% раст на БДП, јави дописникот на МИА од Брисел.
„Од производната страна, најголем придонес за растот на БДП дојде од градежниот сектор, кој има зголемено производство за 33 проценти на годишно ниво, по 4,8-те проценти во 2012 година, во голема мера надминувајќи го производствениот сектор. Сепак, производство на фабриките силно се зголеми во четвртиот квартал и продолжи да испраќа голема добивка и во првите два месеци од 2014 година“, се наведува во прогнозата.
Целата Европска унија во 2013 година имала раст од 0,1%, додека еврозоната била во рецесија од -0,4%. САД забележале раст од 1,9%, а Јапонија од 1,5% од БДП.
За годинава, Европската комисија предвидува земјава да биде четврта во Европа според економскиот раст. Се предвидува земјава да оствари нешто послаб раст од ланскиот, од 3,0%, а пред нас да бидат Летонија (+3,8%), Литванија (+3,3%) и Полска (+3,2%).
За Хрватска и Кипар се предвидува да бида земјите-членки на ЕУ кои годинава ќе останат во рецесија, а Грција за првпат по подолг период се очекува да оствари раст од 0,6%.
„Опоравувањето на ЕУ веќе зема замав. Дефицитот паѓа, а инвестициите растат, додека ситуацијата со вработувањата се подобрува. Континиураните реформи на земјите-членки на ЕУ се исплатија. Мора да продолжиме со напорите да креираме повеќе работни места за Европејците и да го засилиме растот на економијата“, истакна в.д. комесарот за економски прашања и монетарна политика на Европската унија, Сим Калас.
Во однос на Македонија, позитивни се прогнозите за раст на БДП и за 2015 година, кога Еврокомисијата прогнозира дека ќе оствари раст од 3,2 отсто.
„Под услов структурните реформи за подобрување на бизнис-средината да се спроведуваат (како што е олеснување на процедурите за лиценцирање), се очекува да продолжи создавањето нови работни места. Иако стапката на невработеност и понатаму останува висока, таа во просек се намали за два проценти на 29 отсто во 2013 година, а во однос на претходната година. Па, на сметка на тековните обновувања, се очекува понатамошно подобрување во овој дел“, оценува Еврокомисијата.
Најголемите предупредувања за Македонија се за влошениот трговски биланс и влошената состојба на тековната сметка. „Балансот на трговијата со стока ќе се влоши во текот на двете години, иако тоа ќе се покаже помалку значајно во повлекувањето на раст во 2015, отколку во 2014 година. Главно на сметка на очекуваното дополнително намалување на приватните трансфери, во комбинација со проширување на дефицитот од трговската размена, дефицитот на тековната сметка е проектиран за речиси двојно во 2014 година. Финансирањето на тековната сметка, на тој начин ќе зависи повеќе од приливите на странските инвестиции и надворешното задолжување на Владата, кое се очекува да се зголеми со оглед на значителното финансирање напотребите за инвестиции во јавната инфраструктура“, стои во извештајот.
И Европската комисија очекува задолженоста на земјава да продолжи да расте а догодина да надмине и 40% од БДП. Од ланските 36,0 проценти на БДП, годинава задолженоста се очекува да се зголеми на 38,7 отсто, а догодина на 40,8 проценти, предвидува прогнозата на ЕК.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: