Екологистите бараат заштита на Осогово за економски развој на регионот
Објавено во: Економија 01 Февруари, 2013
Осоговските планини да се прогласат за заштитен терен со цел да се овозможи економски развој на регионот, побараа екологистите. На трибината во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД) тие ја разгледаа „Студијата за валоризација со предлог за формирање заштитен предел - Осоговски Планини“ која беше изготвена со учество и на општините Крива Паланка, Кочани, Македонска Каменица, Пробиштип, Кратово, Ранковци и Чешиново - Облешево и ресорното Министерство во рамки на проектот „Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас”, кој се спроведува од 2007 година.
Претседателот на МЕД Љупчо Меловски истакна дека прв пат е изработен документ кој ќе биде прифатлив за луѓето што живеат во регинот. „По многу дискусии одлучивме прв пат во Македанија да предложиме категорија на заштита која истовремено ќе овозможи покрај заштита на животната средина, паралелно и економски развој“, рече Меловски. Според заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, Министерство активно се залага, не само за генерално подобрување на состојбата со животната средина во државата, туку и за остварување напредок во конкретни области. „Ова подрачје е идентификувано како приоритетно за заштита во источниот дел од државата. Природните, заедно со културните и историските вредности, кои во Осоговските Планини се сочувани во карактеристични форми, претставуваат значаен потенцијал за одржлив развој во овој регион. Ова природно богатство е од големо значење, не само за нашата држава, туку и пошироко“, истакна Темелковски.Република Македонија, додаде тој , ја поддржува Европската иницијатива „Зелен појас“, односно нејзината регионална гранка „Балкански зелен појас“, која вклучува зачувување и унапредување на биолошката разновидност и избалансирано управување на природните ресурси, преку создавање прекугранични заштитени подрачја долж линијата на некогашната железна завеса.