ЕКОНОМИЈА ЗА ВТОРАТА ПОГРЕШНА СЛИКА: Целта ни беше да прикажеме природа, а не да ги промовираме нашите убавини
Објавено во: Економија 16 Јуни, 2020
Целта на ваучерите за домашен туризам беше прикажување на природа, а не промовирање на одредена дестинација на земјава, велат од Министерството за економија за Фактор, откако денеска се појави нова „погрешна“ слика токму на ваучерот за туризам, која сега не може да биде променета.
Откако целата кампања за ваучерите беше промовирана со фотографија од местото Конигсе, Германија, денеска се појавува нова грешка, односно се дознава дека и на самиот ваучер за туризам, ставена е фотографија исто така од друга држава, но овој пат не од германско, туку од француско езеро, односно од езерото Анисе во Франција.
Фактор го праша Министерството за економија зошто не е сменета и втората погрешна слика, која се наоѓа на ваучерот за туризам.
„Сликите се сменети и укажуваме дека платформата во моментот има за цел на луѓето да им испрати ваучери на нивните меил адреси и на угостителските објекти да им овозможи да се регистрираат на истата, со цел прифаќање на ваучерите за одмор. Ваучерите се веќе пратени до сите вработени лица кои имаат приходи до 15.000 денари и истите се регистрирани во Платформата домасиедома/pushimenevend со QR код и ПИН код на име на сопстевниците на Ваучери“, велат од Министерството за економија.
На нашето прашање чија е одговорноста за овие два големи лапсузи, од Економија велат дека за поставените слики Министерството за економија веќе им се извинило на граѓаните. Но, укажуваат дека целта на сликите е прикажување природа, а не да се промовира одредена дестинација во земјава.
„Но, истовремено укажуваме дека целта на сликите беше прикажување на природа, но не промовирање на одредена дестинација во Република Северна Македонија. При доградување на платформата, на неа ќе бидат прикажани убавините на нашата држава“, потенцираат од Економија.
Се интересиравме и кој точно, односно на која агенција и беше доделена од страна на Владата кампањата за ваучерите за домашен туризам, и како била избрана агенцијата или субјектот што ја правел кампањата.
Од ресорот на министерот Крешник Бектеши велат дека за презентирање на Платформата од страна на Министерството за економија „немало конкретна кампања освен транспарентно, навремено и отворено презентирање на Уредбата и кординацијата со приватниот сектор, се со цел што поголем број на угостителски капацитети да се пријават на истата за да граѓаните имаат поголема понуда за искористување на ваучерите“.
А Фактор вчера пишуваше за погрешната фотографија на насловната страна на кампањата за промоција на домашниот туризам, за која реагираше и самиот британски фотограф.
Потоа Министерството за економија објави дека е сменета погрешната фотографија.
Оттаму изјавија дека фотографијата која и претходно постоеше, била преземена со сите авторски права.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.