06 Октомври, 2024
0.0291

Економијата закрепнува без ценовни притисоци

Објавено во: Економија 15 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци. Остварувањата во надворешниот сектор и натаму обезбедуваат одржување на девизните резерви на соодветно ниво, доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина. Ризиците во овој период се поврзани со неекономски фактори поврзани со домашните политички случувања и ескалацијата на економско-политичките случувања во Грција (особено во јуни), чиишто ефекти засега се оценуваат како многу ограничени, главно материјализирани преку каналот на очекувањата се заклучоците кои беа констатирани на вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

Имено, на аукцијата беа понудени  благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25%.

Во вакви услови, излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и на ефектите врз девизните резерви.

„Најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Согласно со објавените податоци за БДП растот на економската активност во првиот квартал на 2015 година е во рамките на очекуваниот, аиндикативните високофреквентни податоци за вториот квартал упатуваат на продолжување на растот на домашната економија. Исклучок е индустриското производство коешто во периодот април-мај во просек бележи пад од 3% на годишна основа. Последните инфлациски остварувања од јуни покажуваат задржување на позитивна годишна стапка на промена, трет месец последователно и со тоа намалување на ризиците од продолжено намалување на цените. Во просек, во првите шест месеци од годината општото ниво на цени во домашната економија се намали за 0,3% на годишна основа. Просечното годишно намалување на инфлацијата во 2015 година е резултат на пониските цени кај енергетската компонента на инфлацијата, додека цените на храната и базичната инфлација бележат благ раст на годишна основа. Инфлациските остварувања засега се оценуваат дека се во рамки на проектираните. Последните оцени за надворешните претпоставки споредено со априлските проекции упатуваат на можност за помал пад на светската цена на нафтата, додека пак последните оцени за светските цени на храната упатуваат на можни посилни увозни притисоци преку овој канал врз домашната инфлација во однос на априлските проекции. Честите промени во очекувањата за цените на примарните производи упатуваат дека неизвесноста околу идното движење на овие производи е значајна, а можноста за нагли промени кај овие категории е голема.

Согласно со последните расположиви податоци, во текот на вториот квартал на 2015 година, девизните резерви забележаа пад, којшто е повисок од очекуваниот со априлските проекции. На девизниот пазар НБРМ интервенираше со нето-продажба на девизи, што во еден дел  беше очекувано, со оглед на исплатата на дивиденди кон странските акционери, што се случува вообичаено во овој период од годината. Во однос на расположливите индикатори за надворешниот сектор за вториот квартал, тие сè уште се недоволни за да можат да дадат прецизна слика за позицијата на билансот на плаќања во однос на проекцијата. Податоците за надворешната трговија заклучно со мај упатуваат на остварување на трговски дефицит во линија со планираниот за вториот квартал од годината. Истовремено, нето-откупот од менувачкото работење заклучно со втората декада на јуни дава сигнал за нешто пониски приватни трансфери, во однос на очекуваните за вториот квартал согласно априлската проекција. Анализата на показателите на адекватност на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се движат во сигурна зона.

Ликвидноста на домашните банки под влијание на автономните фактори во јуни забележа умерен раст, наспроти претходните три месеци кога автономните фактори влијаеја врз намалување на ликвидните средства во банкарскиот систем. Во вакви околности, банките го зголемија износот на пласирани краткорочни вишоци во депозити кај Народната банка. На пазарите на пари, продолжи нагорниот тренд кај обемот на трговска активност, како на пазарот на меѓубанкарски депозити, така и на секундарниот пазар на хартии од вредност, при што реализираните каматни стапки се задржаа на релативно стабилно ниво.

Движењата на девизниот пазар во јуни беа под влијание на вообичаените сезонски движења, карактеризирани со повисока побарувачка на девизи од страна на приватниот сектор, за исплата на дивиденди кон странските инвеститори. Дополнително, умерено зголемување на побарувачката за девизи беше регистрирано и од страна на останатите економски субјекти, поврзано со зголемената неизвесност креирана од домашните политички случувања и преговорите на Грција со меѓународните кредитори. Притоа, повисоката потреба за девизи покрај од сопствените средства на банките беше надоместена и од Народната банка, којашто интервенираше со продажба на девизи на банките-поддржувачи. Сепак, остварувањата на девизниот пазар во првата половина од годината се подобри на годишна основа, главно како резултат на подобрите остварувања на девизниот пазар на банките со фирмите, во услови на повисока понуда на девизи врз основа на извоз на новите капацитети од слободните економски зони, девизни приливи поврзани со реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти и намалена побарувачка за девизи при пониска цена на нафтата и понизок увоз на електрична енергија.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за јуни покажуваат натамошен солиден раст на вкупните кредити на приватниот сектор, со што се задржува континуитетот на поволни поместувања на овој сегмент. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во јуни изнесува9,1% и е над проекцијата за вториот квартал од 8,8%. Во однос на депозитниот потенцијал, првичните  податоци со јуни покажуваат раст на вкупните депозити на месечна основа, којшто во целост е воден од растот на депозитите на корпоративниот сектор. Депозитите кај домаќинствата втор месец по ред бележат намалување на месечна основа (иако во јуни тоа е во помал обем споредено со мај), како последица на зголемената неизвесност која потекнува од домашните политички случувања, како и ескалацијата на случувањата поврзани со должничката криза во Грција (особено изразени во текот на јуни). Остварувањата кај вкупните депозити со јуни се послаби од проектираните, при што на крајот на вториот квартал вкупните депозити на годишна основа се повисоки за 8,8%, додека проекцијата предвидува раст од 10% на годишна основа.

Во однос на движењата на меѓународните финансиски пазари доминираа настаните поврзани со случувањата со Грција, коишто добија одредена разрешница на почетокот на јули со постигнување на договор со европските партнери за отпочнување на преговори за трета програма за финансиска помош преку Европскиот стабилизационен механизам. Со тоа, се создаваат услови за натамошно засилување на економскиот раст во евро-зоната потпомогнато со мерките на ЕЦБ за поттикнување на кредитната активност и стабилизирање на инфлациските очекувања. Во САД, остварувањата на макроекономските показатели се поволни, со што се потврдуваат очекувањата на пазарните учесници дека првото зголемување на каматните стапки од страна на ФЕД би можело да се случи во втората половина на годината. Сепак, кај глобалните пазари се воочуваат и одредени ризици, поврзани пред сé со остриот пад на цените на берзата во Кина, со неизвесен ефект врз идната економска активност на овој глобален трговски партнер. Дополнително, неколку фактори и на страната на понудата и на страната на побарувачкатаа, влијаеја врз намалување на цената на нафтата, што може да има ефект врз задржување на глобалната инфлација на ниско ниво.

Општо земено, иако во периодот од последните априлски проекции, ризиците од домашна и од надворешна природа се зголемија, последните макроекономски показатели и оцени засега не упатуваат на позначајни промени во амбиентот на спроведување на монетарната политика. Фундаментите на економијата и натаму се солидни. Показателите за адекватност на девизните резерви и натаму остануваат во сигурна зона. Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци. Движењата на кредитниот пазар веќе подолг период се генерално поволни, сугерирајќи на релативно ефикасна трансмисија на досега донесените монетарни мерки врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки. Сепак, одредени показатели укажуваат на можни првични ефекти од неекономските фактори, чиешто влијание главно се материјализира преку каналот на очекувањата. Податоците за пазарот на депозити покажуваат на извесна воздржаност на населението во поглед на штедењето во банкарскиот сектор особено во домашна валута, што покрај сезонските фактори (вообичаената исплата на дивиденди во овој период) е уште еден фактор што придонесува за падот на девизните резерви во овој период. Сепак, овие промени се случуваат во релативно краток период, при што неповолните поместувања засега се многу ограничени. Оттука,  многу веројатно е дека станува збор за привремени трендови, коишто во следниот период се очекува да се стабилизираат паралелно со постигнатиот договор за стабилизирање на домашниот политички амбиент, и очекувањата за склучување на нова сеопфатна програма за структурни реформи и финансирање на Грција како главни фактори на неизвесност во овој период“, покажува извештајот на НБРМ.

Можеби ќе ве интересира

ТРЕСКАТА „НОЌ НА ВЕШТЕРКИТЕ“ ЌЕ ДОНЕСЕ СКОРО 12 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ НА АМЕРИКАНСКАТА ЕКОНОМИЈА Приходите може да бидат поголеми одбожиќната продажба

ТРЕСКАТА „НОЌ НА ВЕШТЕРКИТЕ“ ЌЕ ДОНЕСЕ СКОРО 12 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ НА АМЕРИКАНСКАТА ЕКОНОМИЈА Приходите може да бидат поголеми одбожиќната продажба

НЕВЕРОЈАТНА ЗАРАБОТКА НА ОКТОБЕРФЕСТ, КЕЛНЕРИТЕ СТИГНУВААТ И ДО 10.000 ЕВРА НЕТО: Шеторите имаат промет и до девет милиони евра

НЕВЕРОЈАТНА ЗАРАБОТКА НА ОКТОБЕРФЕСТ, КЕЛНЕРИТЕ СТИГНУВААТ И ДО 10.000 ЕВРА НЕТО: Шеторите имаат промет и до девет милиони евра

НЕМААТ РАБОТНИЦИ, ПА КОРИСТАТ ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА: Јапонија вака го решава овој проблем

НЕМААТ РАБОТНИЦИ, ПА КОРИСТАТ ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА: Јапонија вака го решава овој проблем

ЗЕМЈИТЕ НА ПОРАНЕШНА СФРЈ ЛЕЖАТ НА БОГАТСТВА, САМО СЛОВЕНИЈА БУКВАЛНО НЕМА НИШТО: Но, тие се побогати од сите заедно

ЗЕМЈИТЕ НА ПОРАНЕШНА СФРЈ ЛЕЖАТ НА БОГАТСТВА, САМО СЛОВЕНИЈА БУКВАЛНО НЕМА НИШТО: Но, тие се побогати од сите заедно

ВО ЕДЕН ЕВРОПСКИ ГРАД СЕКОЈ МОЖЕ ЛЕСНО ДА НАЈДЕ РАБОТА: Стапката на невработеност таму изнесува помалку од два отсто

ВО ЕДЕН ЕВРОПСКИ ГРАД СЕКОЈ МОЖЕ ЛЕСНО ДА НАЈДЕ РАБОТА: Стапката на невработеност таму изнесува помалку од два отсто

НА ПОВИДОК МЕГА ПРОИЗВОДИТЕЛ НА АВТОМОБИЛИ: Во преговорите влегуваат премиум брендови

НА ПОВИДОК МЕГА ПРОИЗВОДИТЕЛ НА АВТОМОБИЛИ: Во преговорите влегуваат премиум брендови

На покана на ЕИБ, Анѓушев говореше за поставување батерии на фотоволтаични електрани во Штип

На покана на ЕИБ, Анѓушев говореше за поставување батерии на фотоволтаични електрани во Штип

ВО ВТОРНИК СЕ ПОТПИШУВА ДОГОВОРОТ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Министерката Кочовска ќе отпатува во Будимпешта

ВО ВТОРНИК СЕ ПОТПИШУВА ДОГОВОРОТ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Министерката Кочовска ќе отпатува во Будимпешта

ЦЕНАТА НА НАФТАТА И НАТАМУ РАСТЕ, ДАЛИ НИ ДОАЃА НОВ ИНФЛАЦИСКИ БРАН: Што ќе донесе војната на Блискиот Исток?

ЦЕНАТА НА НАФТАТА И НАТАМУ РАСТЕ, ДАЛИ НИ ДОАЃА НОВ ИНФЛАЦИСКИ БРАН: Што ќе донесе војната на Блискиот Исток?