ЕКСКЛУЗИВНО: За „Жан Митрев Клиник“ има заинтересирани купувачи, но одлука за продажба на болницата нема
Објавено во: Македонија 06 Јануари, 2021
Менаџментот на „Жан
Митрев Клиник“ преговара за продажба на клиниката на странски инвестициски
фонд, дознава Фактор. Нашите извори брифираат дека разговорите се во
напредна фаза, пред реализација на продажбата.
Од клиниката за Фактор потврдуваат дека има заинтересирани, но дека нема одлука за продажба. Додаваат дека поради тоа што станува збор за успешна компанија често, во последните десет години, имале понуди од странски фирми за инвестиции во болницата.
„Во последните 10 години во континуитет добиваме понуди од странски компании кои сакаат да инвестираат во успешна приказна како нашата. Стратегиите за глобален развој т.е регионално присуство и проширување на бизнисите се нешто што секојдневно се случува секаде во светот, па и Македонија не е исклучок. Токму успешноста на „Жан Митрев Клиник“ како бренд е препознаена и тоа секако дека придонесува дополнително за постојано да сме на радарот на ваквите компании. Не е прв пат да има заинтересирани, но одлука за продажба нема, велат од клиниката за Фактор.
Инаку Клиничката болница „Жан Митрев“ е втора најголема приватна болница според остварените приходи во 2019 година кои се последни расположливи. Таа година која не беше пандемиска компанијата остварила приход од 21,7 милиони евра што е раст за 37 отсто во споредба со 2018 година. Профитот на „Жан Митрев“ во 2019 година изнесува 4,05 милиони евра и ја прави оваа клиничка болница најпрофитабилна меѓу приватните болници според остварена добивка во апсолутен износ таа година.
Ова друштво е во сопственост на кардиохирургот– штипјанецот Жан Митрев. Тој е докажан и еден од најуспешните кардиохирурзи во Македонија, кој пред повеќе од 20 години, односно на 1 март 2000 година со првата бај-пас операција ги постави темелите на современите медицински услуги. Со тоа и започнува новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија. Во последната изјава за Фактор, односно за очекувањата на приватен и на професионален план за претстојната година, академик Жан Митрев истакна:
-Ние пред 20 години го започнавме нашето патување со визија за воведување на висококвалитетни здравствени услуги во Македонија. Напредувавме полека, но сигурно и докажавме дека не е важно каде си, туку каков си. Оваа година бевме едни од ретките борци кои се осмелија во време на пандемија да поминуваат ригорозни проверки и ја добивме втор пат по ред акредитацијата од JCI. 2020 беше долга и значајна година за нас, бидејќи од нас се бараше да се прилагодиме брзо, но успеавме. Посветеноста, истрајноста и континуитетот во работата на целиот тим придонесоа да се реализираат нашите цели. Новата година е нова шанса, нова можност за да направиме повеќе и подобро, да дадеме уште, да сакаме посилно. Да се отвориме за нови авантури и нешта кои претходно не сме ги правеле, вели тој за Фактор.
Александра Томиќ
Анита Буховски