ЕСМ: СДСМ непринципиелно бара АД ЕСМ да не почитува закони
Објавено во: Економија 28 Јануари, 2025
Од АД ЕСМ велат дека опозицијата неосновано ги коментира барањата за корекција на максимален приход и цена на друштвата за производство и дистрибуција на топлина, формирани од АД ЕСМ, кои вршат енергетска дејност поврзана со пазарот на топлинска енергија.
Потенцираат дека компаниите треба да се придржуваат кон одлуките и актите донесени од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
„Имено, согласно подзаконскиот акт кој го регулира максималниот приход и цена, вршителите на дејност имаат обврска да достават Барања до Регулаторната комисија за енергетика доколку настанат значителни промени на околностите и елементите што постоеле во времето на одобрување на регулираниот максимален приход и цената на топлинската енергија. Во тек на тековната грејна сезона зголемена е цената на природниот гас, енергент што претставува основно погонско гориво за производство на топлинска енергија, поради што се доставени барањата до РКЕ. Независно дали Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука за корекција на регулираниот максимален приход и цената, сакаме да потенцираме дека топлинската енергија останува најеколошки и најекономичен начин на загревање споредено со другите начини на греење“, велат во соопштението.
Додаваат дека СДСМ во соработка со нивните поранешни коалициони партнери, трите друштва за производство, дистрибуција и снабдување со топлина ги оставија со милионски долгови по разни основи.