ЕВЕ ЗОШТО НЕКАДЕ ПОЧНАА ЕКСТРА ДА ГИ ДАНОЧАТ - и македонските банки со енормен раст на нето каматните приходи, дури 58 милиони евра за прво полугодие
Објавено во: Финансии 30 Август, 2023
Веќе станува целосно јасно зошто италијанската Влада воведе екстра оданочување на банкарските профити.
Имено, главниот мотив за тоа беше фактот што сите централни банки ширум светот ги зголемија основните камати, на што и банкарите ги зголемија своите каматни стапки, но по се изгледа дека повеќе пораснаа оние на кредитите, наспроти оние на депозитите. Тоа им донесе на банките огромни нето приходи од камати, што, пак, ги „набилда“ до небо нивните профити.
Истата таа ситуација е пресликана и на ниво на нашиот банкарски сектор.
Народна банка на Македонија го објави групниот Биланс на успех на домашните банки, а од него се гледа дека сите 13 банки во земјава во првото полугодие од годинава оствариле вкупен профит од 121 милиони евра, што е раст за 31,5 милиони ева или за над 35 отсто во однос на истиот период лани, кога профитот бил 89,2 милиони евра.
И, од она што може да се види од бројките на НБМ, е дека најголемиот пораст е кај нето приходите од камати. Имено, во првото полугодие од годинава нето приходите од камати кај сите банки достигнале 190,3 милиони евра, што е раст за дури 57,7 милиони евра во однос на истиот период лани, кога изнесувале 132,6 милиони евра.
Или, рстот кај нето приходот од камати е двојно поголем од растот на вкупните банкарски профити.
Тоа значи дека зголемувањето на основнта камата, што и кај нас како и во другите држави беше предизвикано од инфлацијата, им било навистина во прилог на банките, зголемувајќи ги нивните нето каматни приходи, а со тоа и банкарските профити.
Кога станува збор за другите ставки од билансот на успех, може да се види дека кај нив нема големи промени.
Па така, во првите шест месеци, нето приходите од провизии и надоместоци биле 51,6 милиони евра, или кај нив имало пораст од три милиони евра, потоа нето приходите од курсни разлики се околу 15 милиони евра или се зголемени за два милиони, додека поголемо отстапување има кај другите приходи од дејноста, кои се значајно намалени, за околу девет милиони евра, но тоа не кажува многу, бидејќи станува збор за инцидентни приходи кај бнкарските институции.
На расходната страна банките ги зголемиле своите трошоци, но не значајно.
Па така, резервациите за лошите кредити биле 31,5 милиони евра, што е раст за околу 2,5 милиони евра, додека трошоците за вработените достигнале 51,6 милиони евра, или имаат раст од седум милиони евра, што заначи дека или се зголемиле платите на вработените, или менаџерските бонуси, или, пак и едното и другото заедно. И кај останатите расходи од дејноста зголемувањето е за околу седум милиони евра.
Или, сума сумарум, нето приходите од камати се оној клучен носител на банкарската профитабилност, и токму на тој приход цели да го одночува италијанската Влада за тамошните банки.
Инаку, веќе не треба да се повторува дека петте големи банки се убедливо најпрофитабилни и во првото полугодие нивниот вкупен профит бил 108,8 милиони евра, наспроти 82,9 милиони во истиот период лани.
Средните банки се подобруваат, па нивниот профит дстигнал над 10 милиони евра, што е повеќе од двојно зголемување, додека, пак, кај малите банки вкупниот профит е слаб, околу 1,5 милиони евра, што е само малу повеќе споредено со истиот тајминг минатата година.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.