ФАКТОР АНАЛИЗА: Топ-10 компании од Прилеп со најголема добивка, место има и за печатницата на Хари Локвенец
Објавено во: Економија 05 Јуни, 2024
АД Мермерен Комбинат е неприкосновен на врвот по најголем остварен профит во 2023, кога станува збор за компании од Прилеп. Од градежен материјал кој оди главно на кинескиот пазар, грчките газди имаат добивка која наедно е и најголема во дејноста експлоатација на руда во Македонија.
Тутунски комбинат е акционерско друштво во државна сопственост, но работи во партнерство со Филип Морис и во последните две години тоа му носи позитивни резултати. За тоа зборува заработката која го носи на второто место на листата. Остварената добивка најверојатно се должи на дивидендата од заедничката фирма-ќерка со Филип Морис.
Гентерм, од слободната зона Алинци, каде што произведува електронска и електрична опрема за моторни возила, е на третото место и по неколку години стагнација, конечно излегува од кризата што глобалните текови ја зафатија автоиндустријата.
„Комфи Ангел‟ е македонско-британска компанија, чиј фронтмен е Ирена Јакимовска. Специјализирана е за производство на перници, јоргани, прекривки, заштитници за душеци, вреќи за спиење,
постелнина во различни дезени и од различни материјали и главно извезува во десетици други земји.
Меѓу петте најуспешни е и АД Прилепска Пиварница. Како што е познато, а и како што говори ЦДХВ, двајца најголеми но воедно и единствени акционери кои поседуваат над пет отсто од капиталот се братот и сестрата Сашко и Панде Самарџиоски. Имено, и двајцата располагаат со по 36,32 отсто од акциите.
Крин-КГ од Беровци изработува плочи од мермер, кварцит, травертин и други материјали од камен. Компанијата поседува и рудници за гранит во Мариово. Доминантен сопственик е Христо Китаноски. Оваа компанија наедно е една од најуспешните по остварена добивка во 2023 по производство на градежни материјали на ниво на Македонија.
Витаминка оствари доволно висока добивка што ова акционерско друштво си дозволи годинава да подели дивиденда. Во Топ-10 се уште Микросам на семејството Самак, Кривогаштани-Промет за преработка и конзервирање на овошје и зеленчук на Роберт и Горан Цуцулевски, како и печатницата Гинис, во чија сопственичка структура е и Хари Локвенец, доскорешниот директор на Национални железници - Инфраструктура и поранешен пратеник. А.К.
Извор: Централен регистар
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.