ФАКТОР НА ДЕНОТ: Денес 225 заразени, се размислува за рестриктивни мерки
Објавено во: Македонија, Корона Вирус 02 Октомври, 2020
АЛАРМАНТЕН БРОЈ ЗАРАЗЕНИ
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1694 тестирања, а регистрирани се 225 нови случаи на ковид-19 во: Скопје-96, Куманово-8, Штип-7, Прилеп-8, Тетово-15, Струга-3, Велес-5, Битола-8, Охрид-2, Кавадарци-6, Гостивар-2, Гевгелија-1, Струмица-11, Крива Паланка-7, Радовиш-1, Кочани-17, Пехчево-1, Берово-10, Валандово-3, Виница-1, Делчево-2, Кратово-1, Свети Николе-6, Кичево-4.
Инаку, на 18 јули биле регистрирани 241 новозаболен, ова е втора најголема бројка.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 96 оздравени пациенти од: Скопје-33, Куманово-10, Штип-2, Прилеп-5, Тетово-13, Велес-2, Битола-3, Кавадарци-1, Гостивар-5, Крива Паланка-1, Кочани-6, Пробиштип-3, Македонски Брод-1, Берово-1, Виница-1, Свети Николе-3, Кичево-2, Ресен-4.
Во болнички услови се починати 6 лица, тројца пациенти од Скопје (63, 71 и 83г), по еден од Прилеп (78г), Тетово (63г) и Битола (59г).СЕ РАЗГЛЕДУВА МОЖНОСТА ЗА РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ
Заклучивме дека денеска и утре треба да се направи увид за начинот на трансмисија на вирусот во секоја општина посебно, изјави министерот за здравство, Венко Филипче по состанокот со Комисијата за заштита од заразни болести.
Филипче потенцира дека до викендот ќе знаа какви мерки и во која општина треба да воведат.
„Ако нешто откриеме, да може да одлучиме какви мерки и каде би се вовеле“, рече Филипче во живо на вестите на Сител, по завршувањето на средбата.
Дали ќе се намали работното време на угостителските објекти или да се намали бројот на маси ќе се знае по епидемиолошките прашалници.
Филипче не исклучува и затворање на градинки и училишта.ДЕЛ ОД СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА БОЈКОТИРААТ
За министерката за образование и наука, Мила Царовска, најавите на бојкот на наставата се неодговорни и дека сите носиме одговорноста за заштита на јавното здравје. Смета дека во исклучително посебни услови, во време на пандемија, успешно стартуваше учебната година, со тоа што дел од учениците наставата ја посетуваат со физичко присуство, под посебни протоколи, а поголемиот дел следат онлајн на платформата.
-Има комисија којашто навистина си ја знае работата поврзано со епиодемиолошката состојба. Ако тие велат дека нашето јавно здравје е заштитено само на овој начин, а одлуките нивни се базираат на факти, јас ги почитувам и барам од сите родители, сите ученици, сите директори, сите градоначалници, да ја следиме нивната препорака, да ги следиме нивните одлуки, зашто само така можеме да се одржиме на ова ниво и понатаму да го намалуваме бројот на заразени во нашата држава. Се што ќе значи непочитување на нивните одлуки го носи во ризик нашето здравје, здравјето на сите наши најмили и тоа не е само флоскула, тоа се животи, тоа се нечии мајки, тоа се нечии татковци, тоа се нечии баби, тоа се нечии дедовци. Да не си ги ризикуваме животите на нашите најблиски, сакајќи на неконструктивен начин да покажеме незадоволство, изјави денес Царовска.
Министерката повторно нагласи дека ова не е ситуација во која се наоѓаме затоа што сакаме, туку затоа што мораме и затоа треба да се носиме со ситуациите коишто се пред нас, со достоинство.ЗАЕВ КАЖА СТАВ ЗА НАЈНОВИТЕ ПРОВОКАЦИИ ОД СОФИЈА
Премиерот Зоран Заев вели дека ќе биде внимателен во коментарите со цел да се дојде до решение кое ќе носи придобивки и за двете страни, коментира за македонско - бугарските односи.
„Гаранцијата на идентитетските прашања е потврдена со договорот за добрососедство со Бугарија“, вели премиерот Заев за последните провокации од Софија со кои се проблематизира и македонскиот јазик.
Посетата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи следната недела ќе биде претходница на посетата на Заев кон крајот на октомври или почетокот на ноември, потврди денеска премиерот.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.