ФАКТОР НА КОНФЕРЕНЦИЈА НА НЛБ ГРУПАЦИЈАТА ВО ЉУБЉАНА, МОЌНИ ПОРАКИ - веруваме во регионот, политичарите да не се расправаат, туку да „градат“, така ќе нѝ нема рамен
Објавено во: Финансии 12 Септември, 2023
Овој регион има голем потенцијал за раст и развој, но политичарите треба да престанат да ги проблематизираат политичките граници и итно да почнат да ја градат и обновуваат неопходната инфраструктура. Инфлацијата беше многу висока и беше еден од најголемите предизвици, а поради неа се кренаа и каматните стапки. Но, сега сите сме сведоци дека таа забавува, иако се поделени мислењата уште колку време ќе трае. Она на што треба да се фокусираме е нашите деца да се вратат и да останат овде, да знаат дека ќе имаат добро платена работа и висок стандард. Регионот и сега кубури со кадри, особено квалификуваните. А секако, зелената транзиција е нешто кон што треба сите да се ориентираме, и банките тука ја имаат клучната улога. Никој не мора да биде перфектен и одеднаш да ги исполни сите зелени стандарди, но итно мора од некаде да се почне. Само кога сето ова ќе го постигнеме и ќе се обединиме како регион, никој повеќе нема да ни биде рамен.
Ова беа неколкуте
клучни поенти од Конференцијата што во Љубљана ја одржа НЛБ, моќна банкарска Групација, која освен
во Словенија, со своите подружнициработи многу успешно во сите поранешни југословенски држави, освен во
Хрватска, односно во Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и
Херцеговина. Групацијата има
амбиции за проширување и во Албанија и Хрватска. Минатата година НЛБ
Групацијата
ја заврши со добивка од речиси 450 милиони евра пред оданочување. Капиталот на
ниво на групацијата е висок и овозможува натамошен развој, а групацијата, како
што потенцира Бродњак сега е во историски најдобра кондиција и фокусирана
е на регионот, кој, како што вели тој, е наш дом. Токму Блаж Бродњак,
првиот човек на НЛБ Групата и претседател на Управниот одбор на НЛБ д.д,
конференцијата ја отвори со практичен пример за тоа колку е важна зелената транзиција. „Колку е важна
зелената транзиција доволно покажуваат поплавите кои и се случија на Словенија,
една најголема досега проиродна катастрофа. Настрадаа 100 отсто од посеаните
површини, тоа не му се случило никому. Досега имавме седум вакви сличникатастрофални
случаи, оваа година. Тоа доволно говори дека мора да ја промениме нашата логика, нашето
размислување. На пример, треба да размислиме каде ќе ја изградиме нашата куќа
за која ќе земеме кредит, дали тоа ќе го направиме на подрачје кое би можело да
се поплви и во иднина, но и да размислиме дали тоа некој ќе го осигура. Значи,
со климатските промени, ќе мора да се сменат работите. Прв чекор е да се
вратиме на зелената природа. На нашите деца им е битен квалитетот на животот, а
не можеме да ја смениме свеста ако не го смениме односот. НЛБ во овој контекст
ја издаде и првата зелена обврзница“, рече Бродњак. Меѓу приоритетите
на Групацијатае одржливоста и зелена транзиција, а во таа насока НЛБ неодамна ја издаде и првата зелена обврзница во вредност
од 500 милиони евра.
Тој порача и дека сите ние како општество и како граѓани, треба да се бориме со конзумеризмот.
„На пример, тој е особено изразен во модната индустрија, каде непрекинато се троши и се купуваат нови парчиња. Јас би сакал овде да споменам дека можеби најздрава економска логика е онаа на баба ми, таа јаде само сезонска храна, онаа што ја има во државата во моментов, таа не купува увезена храна. Таа, исто така, купува нови чевли само кога тие и се потребни, односно кога ќе ги искине старите“, нагласи првиот човек на групацијата.
Арчибалд Кремсер, Главен финансов директор на НЛБ, исто така се осврна на тоа колку е важна зелената транзиција во регионот. Нагласи дека Словенија ќе издаде 1,2 милијарди евра одржливиобрзници, односно секоја година по 100 милиони евра ќе се одвојуваат за финансирање на клучни зелени проекти.
Андреас Буркхарт, Главен директор за ризици, се надоврза дека комуникацијата на банката со клиентите е интензивна, банката им помага при нивните одлуки.
„Ако на пример, вие изградите куќа на погрешно место, тогаш е логично да се очекува дека можат да се случат несакани работи. Затоа и е многу битна комуникацијата со клиентите. Ако ние како банки сме проактивни, ќе овозможиме полесен живот за клиентите“, рече Бурхарт.
На прашањето дали им се исплати на банките да бидат „најдобар студент“ за климатските промени, тој одговори дека тоа секако се исплати.
„Не мора секој да биде перфектен на почетокот, но треба да се има јасен пат по кој се оди. И нашите клиенти исто така, можеби на почетокот тоа не го сакаат, но на кројот сепак сите го избираат тој пат, бидејќи е правилен“, објасни тој и продолжи „Значи доколку изградите куќа на погрешно место, можеби нема да можеме да ве заштитиме на вистински начин. Или поедноставно, доколку изградите куќа на место кое е ризично од поплави, нема да добиете кредит од наша страна“, нагласи Бурхарт.
Првиот човек на банката, Блаж Бродњак, се осврна и на дигитализацијата на банкарскиот сектор, но и во рамките на Групацијата НЛБ. Тој рече дека дигитализацијата е предизвик, да се дадат онлајн решенија за банкарското работење, па всушност фактот што сѐ може да се реши преку мобилен телефон, е многу значајно за клиентите. Но, треба да се има предвид дека од една страна дигитализацијата го подобрува искуството на клиентите, но од друга страна, постојат софтвери во дарк зоната, односно измами кои можат да направат вашите пари од контото да исчезнат преку ноќ.
„Затоа е неопходно многу да се внимава. За нас беа креирани неколку лажни профили, и како нив да ги препознае просечниот клиент. Овие криминалци работат дење, ноќе за да ја испразнат вашата сметка. Многу често луѓето добиваат пораки за кои мислат дека се од банката и во кои се бара да ги пратат нивните лични податоци. Значи, тие ќе погрешат, ќе ги испратат на погрешна адреса, и може да се случи нивната сметка преку ноќ да е празна. Значи, дигитализација – да, но мора да бидеме внимателни. И ние како банка, но и нашите клиенти, треба да бидеме внимателни и да не паднеме во таа замка, а за нас е најважно вашите пари да бидат безбедни“, потернцира Бродњак.
Арчибалд Кремсер на ова нагласи дека Групацијата НЛБ токму на дигитализација,заштита и други ИТ трошоци годинава инвестира сума од 100 милиони долари.
„Ние сме Групација составена од повеќе банки, па затоа, ако сакаме поголема сигурност и безбедност, тие решенија не смееме да ги направиме на брзина. Мораме да знаеме со какви ресурси располагаме, а еден од тие ресурси секако дека е времето. Нашите клиенти се повеќе сакаат дигитални услуги“, рече тој.
Како еден од предизвиците во делот на дигитализацијата тој ја спомена и интеграцијата на Н Банка (поранешна Сбер Банка во Словенија) кон НЛБ. Тој процес се финализираше пред неколку дена, така што сега банката и официјално е припоена кон НЛБ.
„Се мора да биде направено многу сигурно за клиентите, и затоа ние инвестираме многу во делот на дигитализацијата“, рече Кремсер.
Инаку, една од клучните пораки на првиот човек на Групацијата, Бродњак, која одекна на форумот, е дека политичарите во регионот треба да престанат да се караат и да работат на инфраструктурата, како и дека Словенија треба да се приближи до Западен Балкан.
„Зборувам за базичната инфраструктура, за патишта, пруги... и кога ќе ги снема тие политички граници, никој нема да ни биде рамен. Ние мора да бидеме поврзани со нашите партнери од Западен Балкан, така ќе станеме еден силен играч. Сега ни требаат шест дозволи од шестразлични влади .... Сега не е време за безвезни работи. Јас секогаш ги проверувам налепниците на производите и ако не се произведени тука, не купувам. Ние бираме, одлуката што ќе купиме е наша, а наша должност е да ги поддржиме нашите производи. На пример во Швајцарија нема да видите да купат туѓ производ. Тоа е должност и лојалност“, рече Бродњак.
Антонио Аргир, кој македонската јавност добро го памети како поранешен прв човек на НЛБ Банка Скопје, од каде замина во Љубљана на високата позиција член на Управниот одбор на НЛБ Групацијата, нагласи дека таа е фокусирана на овој регион.
„Ние го сакаме и го третираме како наш дом. Регионално ние важиме за голема финансиска групација, но во однос на големите сме релативно мали, што ни е предност. Ние имаме комуникација со сите 8.000 вработени во нашата Групација, во сите држави. Во Скопје, на пример, имаме картичен центар, додека во Сараево , центар за роботика и автоматизација. Ковидот дополнително ни помогна за развивање на технологијата и придонесе луѓето да се анимираат во групните активности“, потенцира Аргир.
На прашањето дали регионот на Западен Балкан заостанува во поглед на дигитализацијата, Аргир го искажа неговиот личен впечаток дека кај технологијата нема заостанување, туку повеќе кај употребата. Кај технолошката понуда сме дури и подобри од некои земји, рече тој.
Како голем проблем во државите од Западен Балкан Аргир ја истакна сивата економија.
„Сивата економија во некои земји од регионот зафаќа дури и повеќе од 40 отсто, и мора да се пгрижиме околу тој проблем, бидејќи добрите бизниси имаат сериозна нелојална конкуренција“.
Потенцира дека неодамна е лансиран Смарт ПОС, и за малите и за големите претпријатија.. Групацијата ги донесе и Google pay иАpple pay во земјите, кои сами тоа не би го постигнале. Аpple pay доаѓа следниот квартал во Словенија, а потоа и во другите држави.
На прашањето од модераторот до Антонио Аргир дали тој се смета за еден од храбрите луѓе кој пред една година дојде да живее и работи во Словенија во Нова Љубљанска банка, каде што е член на Управниот одбор, Аргир со многу интересен одговор.
„Многу луѓе ми рекоа – Вие се преселивте во Словенија. Мојот одговор на тоа е дека јас сум човек на оваа Групација и на овој регион. Јас не се преселив, туку тоа е дел од мојата задача. Овој регион е од Вардар до Триглав. Значи тоа не е преселба. Дојдов со цел да се фокусирам на обезбедување подобар живот за луѓето. Земјите од регионот се кандидати за ЕУ, а одовде од Љубљана јас ја чувствувам разликата што значи да се биде во ЕУ. Затоа, можам да кажам е дека човек да биде патриот значи да инвестира во една земја, да инвестира во знаење и во луѓето. Важно е заедно да растеме, да сме конкурентни локално, но и глобално“, рече Аргир.
На говорниците им беше поставено и прашање околу каматните стапки кои значајно се зголемија во последниве 20 месеци. Затоа сега се поставува дилемата дали да се одберат фиксни или варијабилни стапки за клиентите, со оглед што доколку инфлацијата не се олади, каматите би можеле и натаму да растат.
„Повеќе од две третини од нашето портфолио е на фиксни каматни стапки. Тоа за клиентите е добро, а за нас како Групација, која што има одлични биланси, е битно што ние можеме да си го дозволиме тој своевиден ризик. Така што, тоа не го сметаме како голем проблем. Нашите клиенти се паметни и внимателни и се чувствуваат добро со овие каматни стапки. Така што, каматните стапки сега навистина се високи, но не толку колку што беа во 2009,, така што ние во тоа не гледаме некој голем проблем. Што всушност значи дека во тој дел, НЛБ е во „добра кожа“, порачаа првите луѓе на Групацијата.
За инфлацијата беше кажано дека таа нагло порасна, на некои пазари дури и до 20 отсто, а централните банки донесоа мерки, главно добри и оправдани. Се очекува инфлацијата да почне да се намалува во 2024 година.
Светозар Јаневски, прв човек на винарската визаба „Тиквеш“, која е една од клиентите на македонската НЛБ Банка, рече дека нас ни требаат сериозни акции поврзани со климатските промени, но тие се скапи, па прашањето е дали тоа банките би можеле да го поддржат. На ова Бродњак објасни дека некои работи навистина зависат од банките, но некои не, туку за нив улога играат и самите клиенти. Повтори дека локалната економија може многу да ја поддржат сите граѓани, со тоа што во продавниците главно ќе купуваат сезонски локални производи.
Говорниците се осврнаа и на штедењето, за кое се нагласи дека можеби се намалило поради инфлацијата, но стапките во Словенија сеуште се над просекот во ЕУ.
Андреј Ласиќ, член на Управниот одбор на НЛБ Групацијата, се осврна на ниската невработеност во последниот период.
„Ако ги гледаме стапките на невработеност, тие се ниски, особено ако се споредат со пред 10 години. Во одредени региони имаме стапка на невработеност нула, така што тешко е да се најдат вистински кадри и тоа прави притисок врз трошоците на банките“, рече тој, додавајќи дека бараат кадри секаде во регионот за да се дојде до луге кои се потребни за дигитализацијата.
За регионалната економија тој е оптимист, бидејќи таа е диверсифицирана.
Хедвика Усеник, член на Управниот одбор на НЛБ Групацијата, рече дека во некои земји паднала побарувачката на кредити за куќи, на пример Словенија и Србија, но во некои земји тоа не е случај. Потенцијалот е висок, задолженоста е ниска и имаме простор за раст, нагласи таа.
По конференцијата следуваше изјава на Блаж Бродњак за регионот, а на прашање од новинар на Бих во смисла какви се плановите на банката за таа држава, Бродњак одговори дека тие апсолутно веруваат во овој регион.
„Ние веруваме во овој регион, апсолутно. Растот во овој регион е повисок отколку во ЕУ и така ќе биде и во иднина. Тоа се големи можности, зборуваме за историски можности прилики, бидејќи голем дел од европскиот синџир на набавки се движи токму кон овој регион, кон овој дел на Европа. Големите индустриски сили, како што се Германија, Швајцарија практично бараат можност деловитекои се произведувале во Азија, повторно да се произведуваат во централна Европа. И ние сме тука блиску, така што јас сум апсолутно сигурен дека пред нас е светла иднина, но дека мора да се сработи домашната задача. Што значи дека треба прво да ја изградиме таа потребна инфраструктура, а што се однесува до БиХ, конечно да се завршат автопатиштата, да се поврзе тој Y во двата правци, и тогаш Босна ќе просперира, јас сум апсолутно уверен во тоа“, рече Бродњак.
Ја повтори и пораката до политичарите, дека треба да престанат да се расправаат.
„Ние зборуваме со години дека веќе не е време за политички граници. Тие се во главите. Тие се тука да хранат некои партикуларни интереси. Децата ни заминуваат со забрзано темпо, и ако сакаме тие деца да ги задржиме тука, мораме да им ја создадеме таа визија и перспектива. Дојде време да се престане со таа кавга, да се престане да се зборува за граници, бидејќи ЕУ не познава граници. Значи, треба да се ослободат границите за луѓето, за талентите, за стоките, за богатството и за капиталот, и на тој начин да се создадат услови за работа и така да се создадат перспективи за младите дека тука ќе има работа која ќе биде добро платена, и на тој начин луѓето ќе сакаат овде да останат. Тоа, за нас како банка, ако сакате, тоа е еден егоистичен интерес. Ако нема луѓе, со кого ќе банкариме? Значи, ние сакаме нашите деца и внучиња да останат овде, тука добро да се чувствуваат, и заедно да градиме подобро општество и подобра модерна иднина.
НЛБ Групацијатае присутна во сите држави од поранешна Југославија со исклучок на Хрватска, И во Косово ние имаме голема амбиција да растеме. Интерес ни е да работиме и во Албанија. Ќе бидеме природен избор за бизнисите од регионот“, рече Бродњак.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.