Филипче: Ова е доказ дека нашите членови веруваат во исправноста на политиките кои ги водиме

Објавено во: Македонија 06 Април, 2025 22:27
Староновиот претседател на СДСМ, Венко Филипче вети дека ќе ја врати државата на победничката патека, за доброто на Македонија, за доброто на сите граѓани. Според него, победата на изборите во партијата е заедничка победа на сите членови на Социјалдемократскиот сојуз кои искрено веруваат во вредностите на социјалдемократите - правичноста, напредокот и еднаквоста.
Ова го кажа вечерва на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче, откако беше прогласен неговиот избор за лидер на партијата на директни внатрепартиски избори, на кои тој беше единствениот кандидат.
Тој од вкупно 23.712 запишани избирачи добил 18.001 глас, додека 139 ливчиња се неважечки, соопшти претходно претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски.
- Тоа што освоив двојно повеќе гласови од претходниот пат е само доказ дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не беше само технички организиран, туку е доказ дека нашите членови искрено веруваат во исправноста на политиките кои изминатиот период ги водиме и така и ќе продолжиме. Искрено ќе комуницираме со сите, секој еден ќе биде слушнат сечија идеја ќе биде добро анализирана, и доколку е добра ќе биде вградена во нашите политики, рече Филипче.
Оцени дека задачата што претстои пред партијата е тешка, со оглед дека почнуваат подготовките за локалните избори.
- Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе не претстават на локалните избори, луѓето кои имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пред пријателите и познаниците во своите општини, луѓе на кои може да им се верува дека политиките и програмите кои ќе ги ветат, ќе може да ги исполнат. Ќе имаме тешка работа затоа што ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ, за жал нивните градоначалници не испорачуваат добри политики, гледаме се повеќе корупциски скандали, не ги водат општините како што треба, рече Филипче.
Тоа, според него, најдобро се гледа по примерот на градот Скопје, којшто, како што рече, заради инаетот и бизнис интересите на градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ нема ни јавен превоз, ни чисти улици, ниту еден проект за доброто на граѓаните и оти Скопје мора повторно да стане метропола.
- Имаме уште една тешка друга борба - а тоа е да се бориме против оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, која што во изминатите десет месеци само покажа дека ниту знае ниту умее да се справи со проблемите, дека се што кажаа излажаа, дека не испорачаа ниту едно ветување, понеспособна влада државава немала никогаш досега.
Затоа, рече, имаме обврска пред граѓаните да покажеме дека сме подготвени и мотивирани, дека знаеме, умееме и ќе се бориме за доброто на државата и дека ќе ја вратиме на европскиот пат.
- Нема да дозволиме граѓаните да бидат манипулирани. Нема ниту една област во која нешто добро се случува. Видете што се случува и какви катастрофални политики се водат во земјоделството, образованието, здравството. Гледајте што се случува со платите на работниците, ги убедуваа дека можат да живеат со 400 евра месечно, какви лицемери седат во владата - оттука јасно им порачувам СДСМ е силна, спремна и консолидирана и се враќа на победничката патека. Ние ќе бидеме тие што ќе ја вратиме државата на победничката патека, заклучи Филипче.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.
Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори. Тогаш негови противкандидати му беа Јован Деспотовски и Александар Бајдевски, додека Славјанка Петровска се повлече од трката ден пред изборите. Филипче ќе има мандат од четири години.
Фото: СДСМ
Можеби ќе ве интересира
„ГО ВОЗНЕМИРУВАМ ЧОВЕКОТ ЗА КОЈ СМЕТАМ ДЕКА Е НЕПРАВЕДНО ОСУДЕН“ - еве што порача Палевски од судницата
„НЕ МОЖЕ ДА ДОДРЖИ ОБВИНЕНИЕТО КОН АЛЕКСАНДАР“: Туфегџиќ по денешното судење укажа дека имало 'понижувачки однос' кон таткото на Вања

„Советниците на власта со максимални напори се трудат да го избегнат изборот“: Крстевски - единствен кандидат за градоначалник на Кочани

ЕДНО ЛИЦЕ ОД ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО И ДВЕ ЛИЦА ОД ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ ВО ДОМАШЕН ПРИТВОР: Обвинителство за останатите бара продолжување на мерките

ТРИ ЛИЦА КОИ СЕ ЛЕКУВАА ВО БУГАРИЈА СЕ ВРАЌААТ ДОМА: во тамошните болници има уште пет повредени во пожарот во Кочани

„НЕ ВИДОВ КОНКРЕТНИ ЧЕКОРИ ЗА ПРОНАОЃАЊЕ НА ВАЊА“: Александар со детали за потрагата и за имотот кој требало да им го препише на девојчињата

Затворена спортска сала во Струга поради небезбедност

ДИСКА, НОЌНИ КЛУБОВИ, КАБАРЕА, ГОСТИЛНИЦИ, РЕСТОРАНИ, КАФЕ БАРОВИ - за три недели заработиле казни од 530 илјади евра

Се подготвува интерпелација за Тошковски поради селективна истрага
