30 Април, 2024
0.1004

Фокусирани на пропагандата, заборавија дека инвестициите треба да донесат раст

Објавено во: Економија, Колумни 21 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Нема ден, а да не бидам „фрапиран“ од резултатите кои ги постигнуваат преродбенците или можеби попрецизно кажано од начинот на кој го презентираат и толкуваат оствареното. Имено, премиерот мошне сериозно и натаму не „убедува“ дека стапката на раст од 2,6% на БДП во првото полугодие од годинава  е успех, иако пред само некое време тој  проектираше 4%. И замислете, тоа ти бил десетти највисок раст во Европа, а заборава дека пред само неколку месеци се фалеше дека Македонија во првото тримесечие од годинава остварува, како втора во Европа, највисок раст од 3,2% на БДП. Во желбата да се пофали дури  превиде  дека со рангирањето  како „десетта“, самиот тој  признава дека осум земји веќе не „претркале“ и дека Македонија го губи темпото на раст. Сето тоа  не е битно. Важно е да има „раст“ и „висок ранг“ и дека „тој“ очекува растот да се зголеми во наредниот период.  А што не се зголемува, кој памти? Останува ветувањето дека натаму ќе биде подобро. Изгубен во маглата што самиот ја создаде, очигледно е дека, што и да се случува во економијата, премиерот не може да излезе од популистичката пракса на владеење, засилена со пропагандна машинерија  која ги спинува и извитоперува  фактите за да го прикаже успехот на власта.  Од макроекономијата покрај трупањето на нововработени во администрацијата, во фокусот на вниманието  му е само  економскиот раст, но само тогаш кога може да каже дека е повисок од некои други земји. Не е битно што трендот на движење е во опаѓање, а остварениот раст е 2,5 пати помал од потребниот за да се почувствува подобрување на стандардот на населението. Притоа, никогаш не кажува со колкав обем на средства „успехот“ е остварен. Во опседнатоста со рангот веќе не забележува дека ни пропагандистите во негова служба полугодишното „остварување“ не го користат за да го поткрепат „успехот“ на владата. Дури и тие знаат дека аргументот е фаличен во таа насока. Затоа ги форсираат видливите остварувања како што се патчиња, игралишта, сали, водоводни и канализациони мрежи, градинки и училишта, давање пасоши на лице место ..... Тие знаат дека за власта е успех дури и кога врши исплата на некоја законска обврска  која ја презела спрема определена структура на граѓани или доверители. Па, нели, таа  може и да не ја изврши? Се‘уште мислат дека државата, односно партиите на власт, можат  да прават што сакаат и кога сакаат. Извесен период, како што покажа практиката, и можат, но не и за секогаш. Реалните текови, по покус или подолг период, ја креваат маглата околу „успесите“, а изгубените во неа остануваат на чистина, со проблемите кои ги игнорирале. Паѓањето на БДП во еден квартал од годината и не би било проблем доколку не се работи за изразен тренд на забавување на економските активности кои отпочнаа уште од крајот на минатата година и се интензивираа годинава. Загрижувачки е што власта тоа не го гледа или не сака да го види, и се‘уште мисли дека неповолните случувања во економијата ќе може да ги „фризира“ и надомести  со истакнување на нормални секојдневни работни остварувања во општините и државните институции.  Не сфаќа дека се работи за тектонски поместувања врз чии урнатини ќе мора да се изгради нов модел на развој кој ќе генерира и побрз раст и порамномерен развој. Годинешниве неповолни резултати се само последица на јаловоста на практиката на развој инспирирана од остварување на „ветени и неветени“ проекти, без било каква анализа за општествено економската оправданост  на вложувањата од буџетските средства, за приоритетите и за ефикасноста во нивното изведување. Во овој контекст власта веќе мора да сфати дека,  подолг период, проблем на динамиката на растот не е обемот на инвестиции, туку неефикасноста во нивното реализирање. Поради тоа треба да престане манипулацијата дека ни недостасуваат  средства за развој и дека затоа е потребно натамошно стимулирање на странските директни инвестиции (се разбира, добро е да ги има и повеќе, но под разумни економски услови). Податоците на учеството на бруто инвестициите во БДП покажуваат дека тие веќе се на ниво  кое власта, пред да дојде актуелнава, го  посакуваше за   да се оствари задоволителна динамика на раст.  Во 2005 година со бруто инвестиции од 20,4% беше остварен раст на БДП од 4,7%, а во 2007 година со бруто инвестиции од 24,1% се реализира  највисок пораст на БДП од 6,5%. Мнозина сметаа дека со ова ниво на инвестиции може да се оствари  посакуваната задоволителна динамика на раст. Оттогаш, меѓутоа, бруто инвестициите имаат тренд на зголемување, а стапката на економскиот раст на намалување. Во минатата година бруто инвестициите достигнаа учество од 30,6% во БДП, а стапката на раст  беше само 3,8%. Овие трендови  зборуваат за слом на ефикасноста во инвестирањето. Тие изнудуваат да се напуштат волунтаризмот и импровизациите  во инвестирањето, а трошењето на домашната и дополнителната странска акумулација да се насочи во остварување на суштествени развојни цели.  Мораме да се привикнуваме  на ситуации во кои бруто инвестициите  нема да го надминат оствареното учество во БДП од минатата година, па нивното ангажирање мора да биде попродуктивно. Не смее да се заборави дека можностите за зголемување на инвестирањето веќе удрија во плафон.  Стопанството е исцрпено и се бори со финансирање на тековното работење за да преживее. Државата е презадолжена и мора да почне, како што сугерира и ММФ, да го редуцира буџетскиот дефицит, при што, најпрво, ќе настрадаат капиталните инвестиции, бидејќи другата потрошувачка е многу ригидна (плати, пензии, социјални трансфери).  А странската дополнителна акумулација, и покрај невидени напори и стимулации,  веќе неколку години претставува само 3% од БДП. Имено, само во првото полугодие од годинава таа е помала за 30-тина милиони евра од лани  (се вложија само 121 милион евра).   Оттука, економската политика е пред сериозен проблем. Мора да се бори за зголемување на растот со помалку средства за инвестирање што е дијаметрално спротивна задача од досегашната. Се ми се чини дека актуелнава влада ќе биде среќна ако „жешките костени од жарта“ ги вади некој друг, бидејќи „костените допрва ќе жежат“ . Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

КОИ СЕ СКРОМНИТЕ АКЦИОНЕРИ КОИ ЌЕ ЈА ЧУВААТ И РЕИНВЕСТИРААТ ЛАНСКАТА ДОБИВКА ОД ДВА МИЛИОНИ ЕВРА - еве колкава дивиденда ќе дели „Фершпед“

КОИ СЕ СКРОМНИТЕ АКЦИОНЕРИ КОИ ЌЕ ЈА ЧУВААТ И РЕИНВЕСТИРААТ ЛАНСКАТА ДОБИВКА ОД ДВА МИЛИОНИ ЕВРА - еве колкава дивиденда ќе дели „Фершпед“

ЌЕ ИМА ЛИ ДОБАР БИЗНИС: Кој ќе го снабдува Чаир со парно греење?

ЌЕ ИМА ЛИ ДОБАР БИЗНИС: Кој ќе го снабдува Чаир со парно греење?

НАЈГОЛЕМАТА ЕВРОПСКА БАНКА ОСТАНА БЕЗ ДИРЕКТОР: Зошто Квин си даде оставка?

НАЈГОЛЕМАТА ЕВРОПСКА БАНКА ОСТАНА БЕЗ ДИРЕКТОР: Зошто Квин си даде оставка?

Економски часовник: Клучни информации од Форумот за развој на Кина 2024 година

Економски часовник: Клучни информации од Форумот за развој на Кина 2024 година

Новиот енергетски сектор во Кина е катализатор за создавање работни места на глобално ниво

Новиот енергетски сектор во Кина е катализатор за создавање работни места на глобално ниво

ДОЛАР СО ГРЕШКА ВРЕДИ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Милиони вакви банкноти кружат, потрагата не запира, но досега се откриени само 18

ДОЛАР СО ГРЕШКА ВРЕДИ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Милиони вакви банкноти кружат, потрагата не запира, но досега се откриени само 18

ПУТИН ПЛАНИРА ГАСЕН ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА: Анкара пак размислува за најде замена за рускиот гас

ПУТИН ПЛАНИРА ГАСЕН ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА: Анкара пак размислува за најде замена за рускиот гас

ЦРНА ГОРА: Наскоро воведуваат седумчасовно работно време

ЦРНА ГОРА: Наскоро воведуваат седумчасовно работно време

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати