„ФРЧАТ“ БЛОКОВИ СО АКЦИИТЕ НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА - само за еден ден се „свртеа“ 260 илјади евра
Објавено во: Финансии 04 Јуни, 2024
Акциите на Комерцијална банка „растуриле“ на Берзата во текот на вчерашниот ден. Покрај тоа што се меѓу најтргуваните на редовниот пазар, „фрчат“ и блок трансакции со акциите на оваа банка.
Вчера поминале четири блок трансакции, на вкупна сума која воопшто не е за потценување, односно околу 260 илјади евра.
Од овие четири трансакции, три се на нешто помали количини, и тоа по 115, 122 и 131 акција, кои се продале по цена од 18.152 денари за акција, додека, пак, последната блок трансакција што се реализирала, била на поголема количина, и тоа 496 акции, по цена од 18.700 денари за акција.
Тоа е многу повисока цена и од редовната по која вчера се тргувало со акциите на Комерцијална банка, а која изнесуваше 18.159 денари за акција.
И претходно постојано се случуваат блок трансакции со акциоите на Комерцијална банка.
Пред околу месец и половина, и Комерцијална банка, но и Стопанска банка Битола, и тоа во исти ден, обзнанија дека стартува процедурата за евентуално присоединување на Стопанска банка Битола кон Комерцијална банка.
Како што и најавија, од Комерцијална банка ја почнуваат постапката за длабинска анализа, од која ќе стане навистина јасно дали ќе се оствари присоединувањето кон нив на Стопанска банка Битола.
„По завршување на постапката на длабинска анализа, Комерцијална банка АД Скопје ќе донесе одлука дали да продолжи постапката со изразување на намера за склучување на трансакцијата на присоединување, за што јавноста ќе биде известена“, се вели во објавата која преку берзата ја сподели со инвеститорската јавност Комерцијална банка.
Двете банки пред подолг период, односно во септември минатата година, ја најавија намерата за присоединување, и токму беше планирано дека тоа ќе се случи по објавувањето на годишните сметки на двете банкарски институции. Наскоро ќе бидат познати многу повеќе детали околу можното спојување на двете банки, за кои наши извори своевремено кажаа дека Стопанска банка Битола би се припоила кон Комерцијална банка.
Доколку до спојувањето дојде, ќе се формира една навистина голема банка.
Комерцијалкна банка и сега е најголема банка во земјава со актива од над 2,5 милијарди евра.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.