Германските компании заинтересирани за инвестирање во зелени проекти во Македонија – средба Божиновска со германската стопанска комора АХК и заменик амбасадорот Фос
Објавено во: Економија 28 Јануари, 2025
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со претставници на германската стопанска комора (AHK Северна Македонија). На средбата на која присуствуваше директорката на АХК, Антје Ванделт и заменик германскиот Амбасадор, Јан-Аксел Фос, се разговараше за продлабочување на билатералната соработка во областа на енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на партнерството со Германија во процесот на премин кон обновливи извори на енергија и декарбонизација. Таа ги презентираше тековните активности, вклучувајќи го новиот Закон за енергетика кој стапува на сила оваа година, како и плановите за зголемување на инвестициите во соларни и ветерни капацитети.
Антје Ванделт ја нагласи заинтересираноста на германските компании за инвестирање во зелени проекти во Македонија, особено во секторите за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Тие ја истакнаа важноста на стабилната регулаторна рамка и транспарентните процедури за привлекување на странски инвестиции. Воедно ја информираше министерката и го најави делегациското патување на тема: „Децентрално снабдување со енергија преку сопствени фотоволтаик системи“, кое ќе се одржи оваа година и ќе овозможи воспоставување на соработка помеѓу германски и македонски стопанственици.
Двете страни се согласија дека зајакнувањето на соработката во енергетскиот сектор ќе придонесе за економски раст. Министерката Божиновска ја изрази својата благодарност за поддршката од германските партнери и ја потенцираше посветеноста на Владата за создавање поволна бизнис-клима за странските инвеститори.
Оваа средба претставува продолжение на досегашната успешна соработка меѓу Македонија и Германија во областа на енергетиката. Во декември минатата година, министерката Божиновска учествуваше на стручната конференција за декарбонизација организирана од АХК Северна Македонија, каде што беа разгледани можностите за проширување на инфраструктурата за обновливи извори на енергија во регионот.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на реализација на стратешките цели за енергетска транзиција и одржлив економски развој, во тесна соработка со меѓународните партнери.