ГИ СПРЕМИВТЕ ЛИ СКИИТЕ - сезоната наскоро почнува, домашните туристички центри подготвени
Објавено во: Економија 07 Декември, 2022
Подготовките за новата ски сезона веќе се завршени. Инволвираните велат дека нивната задача е завршена, сега се очекува пристигнувањето на гостите и снегот.
Домашните скијачки центри од година во година се повќе вложуваат во ски центрите, благодарение на што, секоја година има се повеќе гости како од земајва така и од соседството.
Претставниците на ресорот Маврово за „Фактор“ посочуваат дека, согласно досегашното искуство, стартот на ски сезоната, вообичаено е од средината на декември или пред пречекот на Новата Година.
- Скијачката сезона во Маврово ќе започне во моментот кога ќе се создадат услови за уредување на ски терените, односно кога ќе има доволно снежни врнежи и температура која ќе овозможи снежната наметка да се одржува на ниво кое е потребно за скијање. Во минативе две недели снег падна во минимални количини и истиот не се задржа. Календарски, периодот од средината на декември до Нова година е вообичаен период за старт на ски сезоната – велат од ски ресортот Маврово.
Притоа додаваат дека доколку има снежни врнежи и поволна температура и влажност на воздухот, како и во минатото постои можност ски сезоната да започне и во втората половина на декември. Сепак, тие посочуваат дека засега временската прогноза не укажува дека можните врнежи на снег ќе бидат доволни да започнат порано.
Од таму дополнуваат дека се подготвени да одговорат на барањата на секој тип посетители, со разни понуди од областа на хотелско сместување, угостителски услуги, скијање и активности поврзани со скијање, престој и забава во зимски услови.
- Во сите групи на активности превземени се навремени мерки за подготовка и пречек на гостите во новата зимска сезона. Одржување на ски терените на задоволително ниво, зголемен комфор и безбедност на сите посетители се примарни за нас. Во 2022 година Ресорт Маврово инвестираше во зголемување на сопствените сместувачки капацитети со купување на Хотел Алпина и негово комплетно реновирање. Денес, реновираниот и ребрендиран хотел Смрча, подготвено ги очекува новите гости. За скијачите кои купуваат сезонски карти покрај промотивна цена обезбедивме и дополнителни попусти кај Пријателите на Маврово од 10 проценти. Со нивната сезонска карта ќе добиваат попуст во значителен дел од угосителски/услужни објекти во Маврово и делумно во Скопје. За време на викендите подготвуваме богата забавна и музичка програма за трите бачила (Трифкова колиба, Старо Бачило и Галичко Бачило) и ноќниот клуб Ратрак – потенцираат од ресортот.
Додаваат дека очекуваат во сезоната 2022/2023 да ги надмината претходните години и дека ќе имаат зголемен број на хотелски гости, скијачи и посетители на Ски центарот.
Според претставниците од Ресорт Маврово повеќе години наназад има висок интерес од страна на домашните, регионалните и странските гости. Велат дека во зимскиот период еднаков е интересот за подолг и викенд престој. Истото се случува и со гостите на еден ден, бројките од година во година се зголемуваат.
Љубителите на зимските спортови, а особено оние кои редовно скијаат веќе навалија и на купување на ски карти за целата сезона. Во продажба се пуштени карти со попуст за следната сезона. Притоа за деца до 13 години сезонската карта чини 11.500 денари, за млади до 23 години картите се 13.500 денари, додека за над 24 години љубителите на зимните спортови треба да одвојат 17.500 денари за карти за посета на ски терените во текот на целата сезона.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.