ГНОЈНИ АНГИНИ СО ТЕМПЕРАТУРА НАД 39, „ВИНОВНИКОТ“ Е ЕДНА АГРЕСИВНА БАКТЕРИЈА: Микробиологот Попова говори за симптомите и лекувањето
Објавено во: Македонија 11 Април, 2023
Изгоре од температура
цела недела, над 39...Во последниве неколку недели ова често го кажуваат
мајките на дечиња на помала возраст и евидентно е зголемување на бројот на деца
кои во овој период се разболуваат. По направени анализи, наодите покажуваат
дека станува збор за бактериска инфекција, конкретно за бактеријата која
предизвикува гнојна ангина, како и други заболувања. Станува збор за
стрептокока пиогена. Во разговор за Фактор, д-р Горица Попова, специјалист
микробиолог во Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, посочува
дека оваа бактерија е исклучитено агресивна и знае да направи сериозни
проблеми.
-Streptococcus pyogenes, кој некогаш, ние микробиолозите го одговараме и како Streptococcus β haemolyticus od grupa A, e бактерија која вообичаено предизвикува воспалување на тонзилите, односно крајниците или ждрелото, кај поголемите предшколски и школски деца. Станува збор за бактерија која продуцира бројни фактори кои ја прават исклучително агресивна, односно и овозможуваат инвазија на ткивото на домаќинот и предизвикување на воспалителна реакција. Најчест тип на инфекција претставува т.н. гнојна ангина. Оваа состојба лесно се препознава од страна на клиничарите. Инспекцијата на грлото ќе открие сочни, зацрвенети тонзили на кои честопати може да има и беличасти наслаги. Имунитетот кон оваа бактерија, воглавно, се должи на создавање на антитела кои го блокираат нејзиното прикрепување за клетките на ждрелото. Но, бидејќи постојат многу различни типови на молекули (повеќе од 80) за прикрепување, создадените антитела кон еден тип (ние го викаме серотип) не штитат од инфекција од друг тип. Поради тоа можно е повеќе пати во животот да добиеме инфекција со оваа бактерија, односно може повеќе пати во животот да имаме гнојна ангина. Покрај заболувања кои се резултат на инванзивноста на бактеријата, таа предизвикува и заболувања кои имаат поинаква генеза. Одредени структури на површината на бактеријата се слични со одредени структури на нашиот организам. Кај некои, сепак мал процент на генетски предиспонирани индивидуи, имунолошкиот систем, поттикнат од инфекцијата со бактеријата, ќе создаде антитела кои вкрстено ќе реагираат со сопствените структури. Тоа се т.н. пост стрептококни секвели, од кои ние лекарите во суштина најмногу се плашиме, бидејќи истите може да доведе до трајни оштетувања на поедини органи, вели д-р Попова.
Посочува дека третиот тип на заболување како резултат на инфекција со оваа бактерија е скарлатина или кај народот познато како шарлах.
-Истото е предизвикано од соеви на Streptococcus pyogenes кои продуцираат токсин, т.н. еритроген токсин. Само соевите кои во својот геном имаат информација за синтеза на овој токсин може да предизвикаат скарлатина. Оваа е еден вид на исипна грозница која има свои карактеристики и всушност е предизвикана од делувањето на еритрогениот токсин. Детето е интоксицирано, фебрилно, може да има нагони за повраќање, се јавува исип кој е доста типичен, се јавуваат и карактеристични промени на јазикот. Лабораторискиот наод би бил со зголемен број на леукоцити, а доколку се земе брис од грло, вообичаено ќе се изолираат колонии на Streptococcus pyogenes. За разлика од гнојната ангина која може да ја имаме повеќе пати во животот, скарлатина може да имаме еднаш или ниту еднаш во животот. По прележувањето следи солиден имунитет кој се должи на содавање на антитела кои го блокираат делувањето на токсинот, нагласува д-р Попова.
Во однос на симптомите, микробиологот вели дека присутна е висока температура која може да трае и неколку денови.
-Како што реков, најчест тип на инфекција е гнојна ангина. Детето вообичаено има покачена температура, болка во грлото, потешкотии при голтање. Поради типичниот наод во грлото, клиничката слика на дететето, како и лабораторскиот наод со покачени леукоцити со предоминација на неутрофилни гранулоцити, оваа состојба лесно се дијагностицира од страна на клиничарите. Скарлатината како ентитет повеќе ја среќаваме кај предшколските деца, и нормално во многу помал обем. Периодов, навистина имаме зголемена изолација на оваа бактерија од примероци како што се брис од грло. Во грлото имаме многу бактерии, некои од нив се тука постојано, додека некои повремено ја колонизираат слузницата. Од целото тоа мноштво на бактерии, ние ги одговараме само евентуалното присуство на пиогениот стрептокок, чија изолација всушност е потврда на бактерискиот тонзилит или фарингит, вели д-р Попова.
Нагласува дека лесно се пренесува, заради што е потребно да децата да им се укаже како да се заштитат.
-За оваа состојба на зголемена детекција, веројатно придонесуваат престојувањата на децата во затворени колективи, како што се училиштата и градинките. Сепак за разлика од респираторните вируси кои лесно се пренесуваат преку воздух, за пренесување на оваа бактерија треба поблизок контакт, гушкање на децата едни со други, делење на заеднички прибор, играчки и т.н. За да се намали воопшто инциденцата на респираторни инфекции во колективите, вклучувајчи ги и бактериските фарингити, апелирам децата да се воспитуваат и во однос на тоа што значи респираторна хигиена. Адекватно според возрасата да им се објасни што треба да направат кога им се кашла или кива, како треба да си го бришат носот, да им се укаже дека рацете треба почесто да се мијат, да не пијат од иста чаша и т.н., но исто така и хигиената на предметите каде престојуваат децата треба да е на повисоко ниво. Лекувањето вообичаено трае десет дена и најдобро е да се спроведе со пеницилински препарат. Доклку детето е алергично на пеницилин, како алтернатива може да се даде макролиден антибиотик.
Инаку, бактеријата може лесно да се открие со брзи тестови. Д-р Попова вели дека постојат брзи хроматографски тестови за детекција на оваа бактерија, кои се одлични во брзото потврдување на инфекцијата и започнување со терапија.
-Има повеќе амбуланти кои ги користат овие тестови, тие се евтини, едноставни за правење и топло ги препорачувам. Но, сепак, нивната сензитивност е помала во однос на културелното испитување, кое од своја страна пак ја пролонгира дијагнозата за еден ден, вели таа.
Истовремено, како што нагласува периодов е карактеристичен и за зголемена инциденца на вирусните инфекции. Иако, трендот на грип почнува да опаѓа, има повеќе случаи со докажани аденовирусни инфекции, а веројатно циркулираат и други респираторни вируси.
-Како и да е, кај деца со нормален имунитет, респираторните вирусни инфекции се самолимитирачки, тоа значи дека инфецијата ќе помине сама по себе за оклу пет -седум до дест дена и не е потребна никаква посебна терапија. Искусен клиничар, од физикалниот преглед на дтетето и со реализација на некои основни биохемиски показатели, во голема мера може да ја разграничи вирусната од бактериската инфекција и да им даде адекватен совет на родителите за третманот на нивното дете, вели микробиологот Попова.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.