Голдман Сакс во Србија – Нови инвестиции или манипулации на пазарот?!
Објавено во: Балкан 24 Јули, 2013
Во дводневна посета на Србија, ќе престојува делегацијата на водечката светска инвестициска банка Голдман Сакс, при што со претставниците на Владата на Србија ќе разговара за проектите коишто ги нуди Србија и можностите за инвестирање, соопштуваат од Министерството за енергетика.
Претставниците на оваа инвестицика банка претходно, на почетокот на јуни, иницираа средба со министерката за енергетика, Зорана Михајловиќ, покажувајќи интерес за проектите од областа на енергетиката и заштитата на животната средина.
Делегацијата на Голдман Сакс ќе го посети и Рударско-топилничарскиот басен Бор, а една од главните теми на разговор ќе биде формирањето задолжителни резерви на нафтени деривати во Србија, како и можната докапитализација на компанијата РТБ Бор.
Освен тоа, ќе стане збор и за можноста за соработка на полето на финансирање на производството, извозот и увозот на житарки, шеќер и метали.
Меѓутоа во истрагата на „Њујорк Тајмс“ се открива дека Голдман Сакс намерно ја кревал глобалната цена на алуминиумот како дел од дрска манипулација на светскиот пазар на овој метал. Од ова Голдман извадил чист профит од 5 милијарди долари.
Во изминатите 3 години Голдман ја зголемил цената на алуминиумот купувајќи една од најголемите компании за негово складирање и намерно забавувајќи ја неговата испорака. Откако Голдман ја купува „Metro International Trade Services“, брзината со која тие им го испорачуваат алуминиумот на другите компании паѓа за цели 20 пати.
Ваквата промена во брзината на испораката од магацините предизвикала и пореметување на пазарот со алуминиум, што пак како последица го има зголемувањето на цената, бидејќи требало да се плаќаат казни за дополнителното време што алуминиумот го минувал во магацините. Најголемата добивка од сето ова го има токму Голдман Сакс, кој на берзите сериозно многу тргува со алуминиум.