Добивај вести на Viber
Oд Министерството за животна средина и просторно планирање соопштија дека се изречени казни за согорување отпад на отворено, а има и опомени за домаќинства за согорување на дрвен отпад.
Како што велат, во согласност со извештаите на општините за периодот 20-24 јануари, во 11-те општини што доставиле извештаи до Министерството за животна средина и просторно планирање се спроведувале редовни и засилени инспекциски контроли.
„Инспекциските служби на Општина Гази Баба при редовна обиколка и контрола на загревањето на малите сервиси не затекнала согорување на отпад, но на две физички лица затекнати со гуми и електрични кабли им се изречени казни. Исто така, на едно правно лице му е изречена казна за несоодветно депонирање на отпад, а на три домаќинства што се загреваат согорувајќи дрвен отпад (иверки, отпадни даски и слично) по овој основ им се изречени опомени и им е наложено итно отстранување на отпадот од дворните места и користење на огревно дрво за затоплување. Општина Кисела Вода изрекла две казни на физички лица за горење на отпад на отворено, додека општина Илинден во неколкуте рутински контроли на отворен простор на подрачјето на општината не утврдила неправилности“, велат од Министерството за животна средина.
Општина Охрид спровела инспекциски надзори во два авто сервиса од кој еден се загревал на дрва, а другиот на електрична енергија, а во двата отпадните масла се предавале на овластена фирма. Контроли имало и во други градови во земјава. Македонија се гуши во загаден воздух. Скопје често е во 10-те најзагадени градови во светот.