МИЦКОСКИ ТВРДИ ДЕКА СЛУЖБИТЕ ГО СЛЕДЕЛЕ ДОДЕКА БИЛ ОПОЗИЦИОНЕР: Откри и зошто тоа го правеле
Објавено во: Македонија 28 Јануари, 2025
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски изјави дека неговото физичко следење од страна на службите додека бил лидер на опозицијата била класична злоупотреба на државните ресурси и дека, како што вели, нема никаква разлика од прислушкувањето преку злоупотреба на државни ресурси за што луѓе лежат во затвор.
-Што е разликата помеѓу злоупотреба на државните ресурси и прислушкување и физичко покривање, исто така, со злоупотреба на државните ресурси на претседател на најголема политичка партија во опозиција во тој момент? Што е разликата? Нема разлика, за ова луѓе во затвор се, за ова луѓе се во затвор. Тоа што врз основа на наводна информација добиена од информатор била составена белешка која потоа врз основа на процедурата на агенцијата служела како алиби за да може институционално да биде следен истакна дека не е во ред, а тоа се потврдува и со тоа што МВР не била информирана. Врз основа на тоа што успеав да го видам и да го слушнам од луѓето со коишто комуницирам, а тие се вработени во агенциите коишто се занимаваат со безбедност, тогаш можам да заклучам дека станува збор за внатрешна процедура во која што се користат ресурси на овие агенции коишто најчесто постапуваат по принципот на добиена информација, без да има материјални докази, истакна Мицкоски во гостување во емисијата „360 степени”.
Премиерот Мицкоски воедно појаснува зошто смета дека неговото следење било, како што потенцира, класична злоупотреба на државни ресурси.
-Тоа за мене не е во ред и ќе ви кажам и зашто. Затоа што ако јас сум финансирал, инспирирал вооружена формација којашто во тој момент претставувала опасност за правниот поредок и Уставот на Македонија, а тоа го констатирала една од овие две агенции, тогаш логично е таа агенција да го информира Министерството за внатрешни работи. Прашањето е зошто не го информирала? Ќе го дадам и одговорот. Затоа што тој период кога таа агенција го констатирала ова преку информација добиена од свој извор, не го информирала министерот бидејќи во тој период министер е техничкиот министер Наќе Чулев. Затоа што не е точно. Затоа што ќе се констатирало класична злоупотреба, вели Мицкоски.
Во однос на евроинтеграциите тој посочи дека се уште не сме земја членка на Европската Унија бидејќи претходната Влада го сменила името за влез во НАТО и ЕУ, прифаќајќи секакви договори кои им биле ставени на маса, бидејќи како што вели, тие мислеле дека на тој начин ќе им се прости криминалот кој што го правеле.
-Народот јасно кажа што мисли за договорот кој што тогаш беше на маса. Нормално ли беше она тегнење на пратеници во рамките на Парламентот да гласаат тогаш? Тоа е во рамките на духот на НАТО Алијанса и ЕУ вредностите? Прашањето не беше за преименување на името за НАТО, туку беше и за членство во ЕУ. Каде сме сега? Јас и вие разговараме за таа тема, а не треба да разговараме, бидејќи треба да сме членка во ЕУ. А мене таа 2018 година некои од тие европски политичари ми велеа дека сме фронтранери за 4 до 5 години ќе бидеме членка на ЕУ. Поминаа тие пет години минатата година, а каде сме ние во чекална....Виновни се овие кои што претходно ја водеа македонската влада што прифаќаа се што ќе им биде ставено на маса, мислејќи дека на тој начин криминалот и растурањето дома, ќе им бидат простени, рече Мицкоски.