Значително зголемена наплатата од функционерите и службениците кои јадат во владините бифеа
Објавено во: Македонија 28 Јануари, 2025
Службата за општи и заеднички работи соопшти дека радикално е зголемена наплатата на угостителските услуги кои се наплаќаат од функционерите и службениците во бифеата кои се под надлежност на СОЗР а се наоѓаат во Владата, министерствата и други објекти.
Од СОЗР велат дека во вториот дел од годината, од 1 јули до 31 декември 2024, се наплатени 1.139.245 денари, односно по примената на мерките, наплатата е зголемена за дури 1455 отсто. Претходно во првата половина од минатата година биле наплатени само 73.257 денари.
„Една од првите мерки што ги презедовме по преземањето на функцијата беше ставање ред во Секторот за угостителство, во кое затекнавме безредие од сите аспекти. Нецелосна евиденција на приходи и расходи, испорачани, но ненаплатени услуги, ниски и непазарни цени, нетранспарентен избор на добавувачи, работење по неутврдени критериуми, беа само дел од недостатоците на работењето кои ги идентификувавме.
Во насока на усогласување со законските процедури, елиминирање на нелојалната конкуренција и отстранување на другите аномалии, првенствено почнавме со редовна наплата на услугите, а одлучивме да ги покачиме и цените во бифеата и ресторанот во републичкото Собрание и во Владата, како и на цените во бифето на Клубот на пратеници. Со оваа мерка ги елиминиравме привилегиите кои до тогаш ги уживаа избраните функционери.Нашата одлучност веќе дава резултати“, соопшти Службата.
Во владиниот ресторан за шест месеци биле наплатени 308.358 денари.Во Собранието и Клуб на пратеници приходот изнесувал 638.053 денари. Во три пак владини бифеа остварен е приход од 61.105 денари.
„Во следниот период, со цел да ги заштитиме вработените од можни несакани ситуации, какви што имало во минатото и да спречиме евентуални малверзации, планираме да воведеме наплата исклучиво преку банкарска картичка. Со овој чекор ќе го зголемиме нивото на сигурност, ќе ја елиминираме потребата за рачна наплата и ќе создаде поголема транспарентност“, додаваат од СОЗР.