ГОВОРОТ НА ГРУЕВСКИ: Крик на очајник или државник во одбрана на суверенитетот?!
Објавено во: Македонија 18 Декември, 2016
Тодор Пендаров - колумнист
Груевски државата ја одалечува од нашите стратешки определби НАТО и ЕУ
Изјавта на Груевски е за жал загрижувачка и ниту малку нема да придонесе кон смирување на страстите и огромната поделеност во општеството. Во истовреме со оваа изјава која е директн напад врз меѓународниот фактор дека се меша во внатрешните работи на Република Македонија Груевски државата ја одалечува од нашите стратешки определби НАТО и ЕУ.
Со изјавата Груевски јасно потврдува дека ние немаме функционална држава и независни институции туку имаме класична партизирана држава а институциите мора да ги спореведуваат интересите на партијата и на партиската елита. Односно на Фамилијата.
Во суштина Груевски сега се заканува дека како што СДСМ по изборите во 2014 не ги призна изборите и не влезе во парламентот сега тоа ќе го стори и ВМРО-ДПМНЕ ако има прегласувања. Уште едно повторување на историјата ама не сум сигурен дали ќе биде како фарса или како тргедија Како и да е некој овој говор ќе го разбере дека Груевски се помирил со улогата на опозиција и сега се храбри самиот себе и членството. Но мислам дека не е така. Напротив Груевски нема така лесно да ја прифати улогата на опозиционер бидејки тоа би и отворило каква таква можност за почеток на правната разрешница на кризата и на сето она што произлезе од бомбите. А токму тоа е загрижувачки.
Алберт Муслиу, политички аналитичар
Со својот говор Груевски се оддалечи од ДУИ
Прогласот на ВМРО ДПМНЕ, кој го презентираше лидерот на партијата Никола Груевски го гледам како исклучив говор, кој не го охрабрува неговиот довчерашен коалиционен партнер ДУИ..
Протестите нема да променат нешто значајно, затоа што и со 51 пратенички мандат Никола Груевски нема да може да состави влада. Односот на ДУИ со меѓународниот фактор е прилично јасен, а со овој пристап Груевски се оддалечува од ДУИ. Затоа што фокусот не е во еден пратеник, колку што може да се промени по прегласувањето, затоа што за влада се потребни 61.
Во следниот период следува спорење на се. Ќе се спори прегласувањето, ќе се спорат институции, ќе се спори СЈО. Ова може да значи дека партијата се подготвува да не биде во Владата..
Никола Србов - аналитичар
Вмешувањето на странските претставници индицира нарушување на суверенитетот на државата
На целата македонска јавност и беше повеќе од јасно дека странските претставници во Република Македонија започнаа да излегуваат надвор од рамките на нивните ингеренции. Вмешувањето индицира нарушување на суверенитетот на државата, а суверенитетот не смее да биде ставен под личниот или партискиот интерес на било кој во оваа држава, тој е есенцијалната компонента која карактеризира една држава. Носител на суверенитетот се граѓаните, преку газењето на гласот на граѓаните се урива суверенитетот да државата. Соработката меѓу државите треба да биде во согласност со пропишаните норми, блиската историја ни кажува дека токму ВМРО ДПМНЕ беше партијата која прва презема иницијатива за интеграрирање на Македонија во евроатлантските организации и за градење тесна соработка со земјите од Западна Европа и САД, впрочем и документите од почетокот на плурализамот ни го потврдуваат истото, но тоа не смее да биде на сметка на суверенитетот. Во контекст на надворешното мешање во државата беше и делот каде се говори за невладините организации под капата на Фондацијата отворено општество. Овие невладини организации финансирани од еден центар извршија монопол врз секторот, не може да има здрав невладин сектор доколку тој е оркестриран, а уште помалку доколку тој работи во интерес на одредена политичка партија, тоа е уривање на се она што значи невладин сектор.
Горан Теменугов: Груевски го повлече последниот, најопасен потег
Со „Прогласот“ на ВМРО ДПМНЕ, лидерот на партијата Никола Груевски го повлече последниот, најопасниот, но и на „се или ништо“ потег. Со ваков став дополнително се продлабочува кризата, се упатуваат отворени закани за пресметки со имагинарните „соросоиди“ кои според оваа партија може да биде секој кој не мисли како нив. Во комбинација со повикот на Валентина Божиновска за „Ноќ на долгите ножеви“ заканите се серииозни. „Прогласот“ ја суспендира и не ја признава работата на повеќе институции, што упатува дека се прави завршниот рез, или државата во потполност ќе се потчини на ВМРО ДПМНЕ и ќе се задуши прогресот на опозицијата или ќе се втурне во криза од која нема да може да се излезе без Никола Груевски да биде голем фактор во преговорите. Ако земеме предвид дека се менуваат геополитичките состојби, стабилноста на Македонија, без ВМРО ДПМНЕ нема да биде можна. Како пресметан и паметен политичар, Груевски ги има веројатно разработено сценаријата со кои не само неговата партија ќе остане сериозен фактор во решавањето на секое прашање во државава, туку може да издејствува со силните преговарачки позиции, да не биде повеќе кривично гонет од СЈО. Можно е укинување на ова обвинителство преку Уставниот суд. Гарантите на работењето на СЈО, меѓународната заедница, поради низата промени на политичката сцена, нема да можат понатаму ефикасно да се справуваат со поголемиот дел од прашањата. Сега веќе примарна цел ќе биде одржувањето на стабилноста на на Македонија. Едноставно, Груевски повлече опасен, но и исклучително значаен потег за него и за неговата партија. Се ова што го напишав може да се гледа како политичка борба меѓу автократски режим и опозиција се до првата човечка жртва. Ако се случи тоа (а длабоко верувам дека нема), тогаш Македонија ќе се соочи со најголемиот кошмар од формирањето како држава, а тоа е опстанокот.
Зоран Фидановски - новинар, Груевски оди по тенка жица
Опасен во секој случај. Настап со кој се потпалува атмосферата која и онака е доволно политички тензична по изборниот резултат, кој покажува, многу тесна разлика. Вакви зборови сигурно не придонесуваат таа да се релаксира, напротив, се оди во насока на радикализација. Во исто време, силни критики без пардон кон меѓународните претставници (читај: американскиот амбасадор пред се, а потоа и сите останати) за, како што вели Груевски, флагрантно мешање во процесите во Македонија, обвинувањата за изборен инженеринг од ДИК заканите дека институциите немаат право “да ја украдат победата на ВМРО-ДПМНЕ“. Оние институции кои, чувме во “бомбите“, може слободно да се рече, дека ги има в џеб (сетете се колку пати се прегласуваше за локалните избори во Центар во 2013). Одот по тенката жица е обид за подобрување на преговарачката позиција за идна влада, која за него би била како седумка на лото. Наспроти предупредувањето дека “нема да му се дозволи на Заев да формира влада“. Иако, решението во политичката математика е многу поедноставн од обичното математичко. Во нашиот случај, тоа е прост збир на барем 61 глас во Парламентот. Кој го има кај себе - тој ја формира владата.
Ова погледнато на прва.
Погледнато на втора, настапот на импровизираната бина пред зградата на НИП-от, со микрофон во рака – некои сметаат дека е всушност, првиот опозиционерски настап на Груевски. Во кој, со воинствена реторика со која – целата вина за кризата и се она што се случува во претходните две години до денеска (без притоа да се гледа генезата на истата – прецизно опишана во политичките “бомби“) ја префрли на странски служби и домашни квинслинзи. Повикувајќи ги, во исто време, своите приврзаници да го бранат од напливот на промените до последно. Кажано поинаку, ова може да се гледа и како неможност да се помири со фактот дека процесите во државата (особено оние што ги води СЈО) нема да зависат само од него и кругот на најблиските. Затоа се и заканите за непризнавање на изборите, крај на Пржино и “десоросизација“ на државата (овие последните како редовни предавници и виновници за се што отскокнува од создадената идилична слика за преродбеничка Македонија).
Тој, можеби се обидува да оди чекор понатаму - никој да не формира влада по што нови експресни предвремени избори по се изгледа би биле неминовност. А, со оваа реторика само се обидува да лови нови гласови.