ГРАЃАНИТЕ ДА КОРИСТАТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ, ДА НЕ ГОРАТ МЕБЕЛ, ГУМИ: Општина Куманово со препораки поради високото загадување на воздухот
Објавено во: Македонија 08 Јануари, 2025
Куманово повторно има високо аерозагадување, а општината излезе со препораки.
За осум дена, втор пат надлежните институции издадоа предупредување и препорачаа мерки за намалување на аерозагадувањето во Куманово. Денеска од општината, повикаа да се почитуваат повеќе мерки поради надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10, измерени на 6 и 7 јануари, годинава, со среднодневни концентрации над 100 μg/m3.
„Согласно добиениот Акциски план со краткорочни мерки за чист воздух (ноември-февруари 2024-2025 година) од Министерство за животна средина и просторно планирање и Заклучокот на Владата од триесет и третата седница, Општина Куманово им препорачува на граѓаните, да користат јавен превоз, да не користат возила без поголема потреба, да се возат повеќе лица во едно возило, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, да се користат правилно печките за дрва и строго се забранува на горење на отворено“, информираа, денеска од Oпштината.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, препорачаа ранливите категории, децата, старите лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма, да го ограничат движењето, а се препорачува и ограничено движење и активности на лицата, кои својот професионален ангажман го извршуваат на отворен простор.