ВАКВА ФУНКЦИЈА ДОБИЈА НЕКОЛКУ СТРАНЦИ: Албанец од Скопје стана полковник во сириската армија
Објавено во: Македонија 08 Јануари, 2025
Абдул Самрез Јашари од Скопје, познат и како Абу Катада ал-Албани, според неговото име како член на Ал Каеда, е назначен за полковник во сирската армија.
Абдул Јашари е роден во Скопје, на 25 септември 1976 година, откриваат негови блиски луѓе.
Според информациите кои може да се пронајдат на интернет, новиот сириски режим, предводен од водачот Ахмад ал Шара (Абу Мохамад ал-Џулани) има додадено странски платеници во Министерството за одбрана.
Сирискиот политички аналитичар Марам Сусли, известува дека од 6 новоназначените бригадни генерали, 3 се „странски борци на Ал Каеда кои не се од Сирија“.
1) Абдул Рахман Хусеин Ал-Хатиб, Јорданец, чие име во Ал Каеда било „Абу Хусеин Ал-Јордани.
2) Абдул Азиз Давуд Худабарди, источен Туркастан или Ујгур, чие име во Ал Каеда било „Абу Мухамед Ал-Туркистани“.
3) Омар Мухамед Гифтчи, Турчин, чие име во Ал Каеда било „Мухтар Ал-Турки.
Јашари (48), ја предводеше Џемати Албан, милитантна група составена од претежно етнички Албанци од Балканот од Македонија, Косово и Албанија. Групата која се здружи со Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ). ХТШ е исламистичката група, означена како терористичка организација од САД и ЕУ, која го собори сирискиот претседател Башар ал- Асад во декември 2024 година, пренесува Радио Слободна Европа.
Јашари беше прогласен за терорист од Министерството за финансии на САД во 2016 година.
Бунтовниците лани во декември го соборија режимот на претседателот Башар Ал Асад кој избега во Русија. Во земјата повеќе од една деценија имаше граѓанска војна.
foto EPA-EFE/MOHAMMED AL RIFAI