НА ГРАЃАНИТЕ ИМ ОСТАНА ХРАНА ОД БОГАТАТА ПРАЗНИЧНА ТРПЕЗА: Внимавајте, не се прејадувајте
Објавено во: Македонија 09 Јануари, 2025
Бадник и Божиќ поминаа, но на граѓаните им останаа залихи од храна и треба да се внимава, да не се претерува со земање на поголеми количини.
Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари вели дека луѓето треба да внимаваат на своето здравје, да јадат неколку пати во денот, но да внесуваат помали количини на храна. Хронично болните треба да бидат особено внимателни.
„Овие празници секогаш христијаните ги користат за поголеми дружби, семејни и се готви, со една цел, дека така годината ќе биде богата, трпезата ќе биде богата. И желбите се добрината, хуманоста да бидат на прво место. Огромен дел од населението таа храна ја комбинира со голема количина на алкохол. Поради тоа се јавуваат проблеми со дигестивниот тракт. Ние како лекари препорачуваме да се јаде умeрено, повеќе пати, но помалку. Во зимско време притисокот е повисок, посебно кај постарите лица, и треба да се зема редовно терапијата. Алкохол не, да не се внесува многу солена храна, празниците да ги користиме за дружење, затоа што преку цела година за тоа немаме време. Болниците се десеткувани, нема доволно специјалисти, луѓето да внимаваат на здравјето. Умерено јадење, топли напитоци, топло да се облекуваат. Пропишано е колку скробни единици можат да внесат, но дијабетичарите мора да внимаваат и на внесот на јаглените хидрати, редовно регулирање на шеќерот, и пешачење секој ден, по 10 километри. Физичката активност е пресудна кај нив, независно дали е лето или зима“, вели Чолакова-Дервишова.
За Бадник традиционално на трпезата има костени, ореви, јаболка, тиква, суво овошје. За Божиќ се јаде мрсна храна и ручекот задолжително има месо. Дел од храната која е вишок, луѓето можат да ја донираат на посиромашните граѓани. Статистички, Maкедонците јадат големи количини на компири, леб, пијат газирани сокови. Тие јадат повеќе овошје од Србите, Црногорците и Словенците, а помалку од Албанците и трипати помалку од жителите на Доминикана. Македонските граѓани годишно консумираат по 136 килограми овошје и се на 15 место од 186 држави, покажуваат податоците на Ворлд популејшн ривју.
Сања Атанасовска
foto freepik.com