Добивај вести на Viber
Од денеска во Грција стапува на сила привремената мерката за намалување на ДДВ-то за услугите во рестораните, баровите, хотелите и други угостителски објекти.
Одлуката на грчката влада да го намали ДДВ за угостителите од 23 на 13 проценти, е донесена кон крајот на минатиот месец по консултации со Европската централна банка и Европската комисија, а со одобрение на ММФ.
Грчката влада преку намалениот данок на додадена вредност се надева на снижување на цените во рестораните. Намалувањето засега важи до крајот на оваа година. Во договорот потпишан меѓу Министерството за финанси и претставници на браншата, се споменува снижување на цените од пет до осум проценти. Баровите, рестораните и хотелите кои се придржуваат на оваа спогодба, тоа можат да го обзнанат преку истакнување сино-портокалов плакат. Критичарите меѓутоа се сомневаат дека властите ќе можат да вршат доволно контроли на намалувањето на цените.
Премиерот Андонис Самарас го најави првото намалување на данокот по војната пред две недели, но предупреди: ако цените не паднат според очекувањата, ДДВ повторно ќе биде зголемен на 23 проценти.
Земјата ќе продолжи со реформи: „Ние нема да направиме ни чекор наназад“, истакна Самарас.
ДДВ беше значително зголемен во 2010 година, како една од мерките за возврат за примањето финансиска помош од страна на ЕУ и ММФ.
Министерството за финансии најави засилени контроли и во борбата против широко присутното затајување данок и во туристичката бранша во текот на ова лето.