Ховит: Скандалот со прислушувањето го поставува прашањето дали Македонија заслужува да биде во ЕУ
Објавено во: Македонија 02 Октомври, 2016
Нашата политичка мисија е да ja сопреме поддршката за десницата и ултранационализмот и да ги поттикнеме граѓаните да гласаат за социјадемократијата. Гласот за СДСМ е глас за здравство, образование, работа, да се подобри стандардот за живеење за сите кои живеат во Македонија. Гласањето е за партија која ги обединува сите граѓани без разлика на нивната национална и верска припадност, род, тоа се социјалдемократските вредности. Ова на конгресот на СДСМ го истакна европратеникот и поранешен известувач за Македонија, Ричард Ховит.
„Зоран, Радмила ви честитам за вашето лидерство за надминување на политичката криза. Донесовте боја во македонската политика“, рече Ховит кој беше гостин на конгресот на СДСМ.
Според Ховит, кој беше дел од тројката европратеници кои беа медијатори за решавање на политичката криза, сите партии мора да се придружуваат до Договорот од Пржино и да ја поддржат работата на Специјалното обвинителство.
Тој подвлече и дека злоупотребите мора да се испитаат.
„Скандалот за прислушување фундаментално го поставува прашањето дали Македонија е парламентарна демократија која заслужува да биде дел од ЕУ и изборите ќе го дадат одговорот на ова прашање“, рече Ховит.
Силвио Берлускони во споредба со Груевски е аматер, рече на конгресот на СДСМ Џакомо Филибек заменик на претседател на партијата на европските социјалисти. „Уморни сме. Поминаа две години од скандалот, а потоа владејачката партија игра игри и ја префрла топката. Ние сме уморни, може да замислам колку сте вие исцрпени“, истакна Филибек.