Хрватска се закани со блокирање на преговорите на Србија со ЕУ
Објавено во: Балкан 21 Март, 2016
Додека Србија не го поништи контроверзниот закон за универзална јурисдикција, Хрватска ќе ги блокира преговорите за пристапување во ЕУ, предупреди хрватското МНР, пренесува „New Europe“.
„Ние ги поддржуваме напорите на Србија да се движи поблиску до ЕУ. Дел од условите на кои Србија треба да одговори, за да го отвори важното 23 поглавје од преговорите за пристапување, се почитување на човековите права (особено на правата на малцинствата), во согласност со меѓународните конвенции и ратификуваните меѓународни договори, целосна соработка со Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија и реформи во судството“, се вели во соопштението на хрватското Министерство.
Во меѓувреме, вицепремиерот на Хрватска Божо Петров ја обвини Србија дека не сака да го принуди осомничениот за воени злосторства и поранешен вицепремиер Воислав Шешељ, кој во моментов е во Србија, да се појави пред Трибуналот во Хаг.
* Универзалната јурисдикција е правото на земјите да истражуваат и осудуваат сторители на кривични дела, без разлика на чија територија се извршени, каква е националноста на сторителот или жртвата и без да бидат оштетени интересите на државата, која тврди дека има надлежност.