Добивај вести на Viber
Јавниот долг на Хрватска, кон крајот на март, изнесувал 181.6 милијарди куни или 24.2 милијарди евра, што е 54.6 проценти од бруто домашниот производ.
Аналитичарите на Хрватската народна банка, напоменуваат дека надворешниот и внатрешниот долг на државата во првите три месеци пораснал за 4.2 милијарди куни и очекуваат тој, до крајот на годината, да достигне 199 милијарди куни, односно 26.5 милијарди евра, што е скоро 60 проценти од БДП.
Тие напоменуваат дека дефицитот, на почетокот на годината, државата главно го финансирала со издавање на трезорски записи, кредитни задолжувања во банката „Merrill Lynch“ и со издавање на обврзници на американскиот пазар за капитал во вредност од 1.5 милијарди долари.
Во јуни, значителни ресурси за санација на здраствениот систем се набавувале по пат на кредит, а во вториот дел од годината издадени се домашни обврзници во износ од 2.8 милијарди куни и 750 милиони евра со валутна клаузула.
Ако на тоа се додадат и потенцијалните долгови, преку државните гаранции од 11.7 проценти и долгот на Хрватската банка за обнова и развој од 4.9 проценти, вкупниот јавен долг се искачува на 70.2 проценти од БДП.