ХУМАНИ ЛИ СЕ ГРАЃАНИТЕ: Колку храна донираа за Нова година за сиромашните?
Објавено во: Македонија 09 Јануари, 2019 06:48
За празниците граѓаните имаа можност храната која ќе им остане да ја донираат за социјално загрозените граѓани, кои и онака не можат да си дозволат да имаат богата трпеза.
За време на Новогодишните празници, нѐ контактираа и донираа само 12 домаќинства со вкупна донација од 52 килограми храна, велат од Здружението Љубезност.
Од истата направивме комбинација на оброци за 43 лица (бездомници и сиромашни), додава Тони Станковски, претседател на Љубезност.

„Во однос на лани и пред минатата година, најмала количина на храна собравме и поделивме овојпат. Пред две години имавме објава само на ФБ и собравме поголема количина на храна, овојпат покрај ФБ имавме и објави на национална телевизија во дневните информативни програми, но исходот беше многу послаб. Од она што можевме да го забележиме дека градот беше празен, а тоа можеше да се воочи и на 3 јануари. Многу од граѓаните ги имаа споено Новогодишните со Божиќните празници. Покрај Новогодишните празници, ние како здружение и во текот на целата година подигнуваме и делиме вишок на храна два пати седмично, односно во вторник и ја дистрибуираме храната веднаш до крајните корисници и во петок, којашто е наменета како надополнување на зготвената храна која ја делиме на бездомниците во саботите. Засега немаме услови и можности тоа да го правиме и во останатите денови“, вели тој.
Донираа жители на Скопје, а се планира да се прошири акцијата и во други градови. Таргетирана беше и Струмица, но немаше некој одзив. Мрежата на градови ќе се прошири во иднина. За празниците донирале граѓани од средна класа и оние кои се помоќни финансиски.
Во Македонија преку кампањи се подига свеста дека многу храна се фрла, а истата може да заврши на нечија трпеза.
Франција е на прво место во светот по одржливата политика за храна. Во 2016 година Франција стана првата земја во светот која од супермаркетите побара непродадената храна да ја донираат во добротворни организации, а рестораните да ја спакуваат непродадената храна во кеси кога и да биде побарано од нив доколку не сакаат да плаќаат казни високи до 75.000 евра и две години затворска казна.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план
МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците
Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?
Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски




