Добивај вести на Viber
Јанис Варуфакис сака да зборува со новинарите. 40 интервјуа дал грчкиот министер за финансии за последните 30 дена, но пред германските телевизиски гледачи неодамна немаше излезено со детали. Тоа се промени во неделата вечерта, кога Варуфакис се појави во емисијата на познатиот водител Гинтер Јаух, но како вклучување од Атина.
И Варуфакис го направи она што често го прави - ги минимизираше грчките проблеми. Сегашниот недостаток на капитал кој го држи под тензија половина свет, од гледна точка на Варуфакис се "ситни проблеми со ликвидноста, кои нема да влијаат на Европа".
На долго и широко тој зборува за големите цели пред обединета Европа - за меѓународното разбирање и за заедничкиот европски дом. Тој ја опишува репресивната положба на невработените кои една година не добиле пари од државата и како грчките деца паѓаат во бесвест од глад во училиште. Но дали неговите предлози ќе и помогнат на Грција - тоа речиси не се дискутира.
Секогаш кога Јаух посакува да помине во специфики, Варуфакис се трга и го оправдува тоа со фактот дека неговата влада е на власт од скоро. За сметка на тоа, сепак за тоа време успева да превземе голем број мерки - зголемување на минималната плата, назначување повторно на вработени со скратено работно време - и тоа се мерки кои можеби нема да и помогнат на Грција.
А реформите, од кои навистина има потреба Грција, не се многу скапи - даночните власти треба да станат построги, на пазарот на трудот - пофлексибилни, а бирократијата да биде намалена.
Предлозите се на масата, при тоа тие не се само на непосакуваната "Тројка". Сосема непотребно е пример хотелиерите во Грција да треба да чекаат до 60 дена по завршувањето на изградбата на своите хотели, додека инспекторот да им даде лиценца. ОЕЦД веќе доставила извештај од повеќе од 1.000 страници, полни со предлози.
Но Варуфакис продолжува да инсистира на своето - намалување на долгот на Грција, што тој го нарекува "реструктуирање". Тековниот долг на Грција не е одржлив и не може да се искупи, смета тој.
Притоа министерот го прикрива фактот дека по серијата олеснувања на долговите и намалување на каматната стапка земјата плаќа како камати едвај 2,6 отсто од економскиот производ, а како што покажуваат пресметките на европскиот тинк-тенк Bruegel - многу помалку од Шпанија, Ирска и дури Италија, и сосема малку повеќе од Франција или Германија.
Гостите на дискусијата се повикуваат на овој факт. Но, поранешниот директор на радиото Deutschlandfunk Ернст Елитц и Баварскиот министер за финансии Маркус Зодер се ограничени на стандардни фрази ("Правилата мора да се почитуваат"), во голема мера, без да му поставуваат конкретни прашања на Варуфакис.
Најактивна се испоставува Улрике Херман од весник taz која е поканета како поддржувач на Варуфакис. Таа посочува дека Германија треба да го отплати контроверзниот нацистички заем на Грција, за да се создаде со парите фондација за заедничка активност со грчката младина. Таа проценува дека дури и најбогатите Грци не можат да го исплатат долгот на земјата. "Гледаш, не сите Германци се против Грција", вели Јаух. И на него не му останува друго, освен самиот тој да заземе контрапозиција за да се спротивстави на Варуфакис - улога што ниту еден од водителите не би сакал да ја игра.
Но на крајот Варуфакис успева да блесне откако премногу негови самољубиви реченици остануваат непобитни.
К.К.