ИМА 1.5 МИЛИОНИ ПРЕГЛЕДИ: Норвежанец направи туристичка реклама во која вели „Дојдете во Осло, без врска е“
Објавено во: Свет 28 Јуни, 2024
„Дојдете во Осло, без врска е“ е туристичка реклама која собра 1.5 милиони прегледи.
Жител на главниот град на Норвешка, Халфдан, е главната ѕвезда во оваа необична реклама.
„Да бидам искрен, не би дошол овде. Дали е ова дури и град? Сè е толку достапно. Јас пораснав овде и моментално живеам овде, за жал. И не разбирам зошто луѓето пливаат. Среде град. Одвратно. Осло е некако како село. Можете да одите од едниот до другиот крај на градот за 30 минути, ќе го сретнете кралот зад аголот или премиерот. Дали некогаш сте биле во Истанбул?“, вели тој.
Халфдан, всушност, истакна бројни атракции на Осло, претставувајќи ги како недостатоци и велејќи дека градот е бескорисен. И се чини дека тоа им се допадна на многумина – видеото објавено на ТикТок за пет дена собра 1.5 милиони прегледи и предизвика многу коментари. Луѓето му пишуваат дека ова е добра реклама и дека сакаат да отидат во Осло.