ИМА, БОГАМИ, И ЗА ПЛАТИ, А ИМА И ЗА ДОБРИ БОНУСИ - македонските банки со фантастичен чист профит од 200 милиони евра за девет месеци
Објавено во: Финансии 15 Ноември, 2023 08:25
Стигна и бројката што ја очекуваше бизнис и банкарскиот свет во земјава, иако горе долу сите знаеја дека станува збор за фрапантен податок.
Имено, Народна банка на Македонија, како и секогаш, ја обелодени вкупната нето добивка на банкарскиот сектор за првите девет месеци од годинава, а кој говори дека банкарството било и ќе биде еден од најпрофитабилните бизниси во земјава, како и дека македонските банки не ги бие ниту криза, ниту инфлација (напротив, токму таа е посредната причина што тие станаа уште побогати), а богами не ги „изби“ ниту солидарниот данок, кој одлеа значајни финансиски суми од многу други македонски индустрии чии лански приходи беа значајно зголемени.
Сите 13 македонски банки во првите девет месеци од годинава оствриле вкупен чист профит од близу 200 милиони евра, или, ајде да бидеме попрецизни, точно 197 милиони евра, говорат податоците на централната банка.
Ако се земат бројките од првото полугодие како споредба, може всушност да се констатира дека само во овој трет квартал, банкарите оствариле нов екстра профит од 76 милиони евра. Значи, на крајот на јуни годинава нивните вкупни добивки биле 121 милиони евра, за во периодот од јули заклучно со септември таа сума да се зголеми на 197 милиони.
Додека, пак, во однос на истиот период лани, значи споредба три квартали од годинва со трите тримесечја лани, вкупниот банкарски профит има фантастично зголемување за цели 66 милиони евра.
Зошто велиме дека инфлацијата е таа што ја направи уште побогата македонската банкарска индустрија, која и онака секогаш била добростоечка?
Имено, инфлацијата беше причина централната банка да ја зголемува основната камата, додека, пак, банките поради тоа ги зголемија каматите. Но, очигледно повеќе ги зголемиле каматите на кредитите во споредба со оние на депозитите, а доволен доказ за тоа е вртоглавата бројка која банките во првите девет месеци од годинава ја прокнижиле на име на нето приходи од камати. Станува збор за неверојатна сума од 300 милиони евра, или еве повторно да бидеме прецизни, 299 милиони. И, тоа е за дури 93 милиони евра повеќе од нето приходите од кмати кои банките ги оствариле во првите три квартали од ланската година. Сумата од 300 милиони евра нето од камати е приход од кој боли глава, особено за македонски услови, и кој можат да го сонуваат многу други македонски индустрии.
Приходите од провизии и надоместоци си останале „класика“, или добри изворчиња но далеку зад каматите. Па така, тие им донеле во анализираниот период на банките 79 милиони евра, или два милиони повеќе од истиот период лани, додека приливите од курсни разлики донеле 21 милиони евра или речиси исто како споредбениот минатогодишен период. Останатите приходи од дејноста, пак, инкасирале 24 милиони евра, и кај нив дури има и намалување за седум милиони.
Што носи расходната страна?
Нашите граѓани и фирми се ревносни плаќачи на своите кредити, па исправките поради резервациите се зголемени за само 6 милиони евра во првите девет месеци од годинава, позиционирајќи се на 49 милиони евра.
А, банкарите, ако се веќе толку успешни, треба да бидат и подобро платени, па трошоците за вработените, каде влегуваат платите и надоместоците, а веројтно и банкарските бонуси, се зголемиле за 10 милиони евра. Или, за оваа расходна ставка банките вкупно издвоиле 77 милиони евра, наспроти 67 милиони во однос на истиот период од ланската година.
Раст од 10 милиони евра има и кај останатите расходи од дејноста, кои се позиционирале на 86 милиони евра вкупно за првите три квартали од годинава.
Резултат од сето ова е секако нето добивка од 197 милиони евра за првте три квартали, наспроти 131 милиони евра во истиот период лани.
Од Билансите на успех што банките ги испратија до берзата веќе знаеме дека големата банкарска тројка, а и петорка, е главниот создавач на профтите.
Дури 180 милиони евра во првите девет месеци од годинава е профитот кој го прокнижила големата банкарска петорка, што е дури 60 милиони евра повеќе од истиот период лани. Потоа, средните банки имале профит од 15 милиони евра, што е зголемување за 6 милиони, додека, пак, малите банки се движат на чиста добивка од околу два милиони евра.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
АЛТА БАНКА ЈА СТОПИРАШЕ ОДЛУКАТА ЗА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ - поранешната вицегувернерка сепак нема да биде дел од УО
СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ОБЈАВЕНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ШТО НЕ ПОДНЕЛЕ ИЗЈАВА ЗА ИМОТНАТА СОСТОЈБА: Меѓу нив се и дел од старо новите скопски градоначалници
Ова се просечните годишни плати во европските земји: Разликите се огромни, еве зошто
Рекорд на сите времиња: Илон Маск е најбогатиот човек во човечката историја
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Голем скандал во автомобилската индустрија: Возачите плаќале повеќе, производителите на батерии казнети со 72 милиони евра
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е во одлична кондиција и обврските нема да останат несервисирани
Европските индекси растат, цените на златото повторно се близу до историски максимуми
Рекорд на пазарот на недвижности: Пентхаус во Дубаи продаден за речиси 130 милиони евра




