ИМА ЦВРСТ ИМУНОЛОШКИ БЕДЕМ КАЈ НАШЕТО НАСЕЛЕНИЕ: Професор Даниловски најпрецизно за „Кентаур“
Објавено во: Македонија 18 Јули, 2022
Ширењето на новата
подваријанта на Омикрон, односно брзата трансмисија на Кентаур предизвика
загриженост меѓу експертската јавност ширум Европа, иако засега нема доволно детални
податоци. Дали ова треба да не загрижи и нас во Македонија и дали ќе следи подраматичен период се прашања на кои одговори за Фактор
даде епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски.
-Интересно е дека има мислења од експерти од САД дека БА.5 е „најопасната варијанта досега“, веројатно зашто има афинитет и кон белите дробови. Кај нас, пак, сведоци сме токму на спротивното. Иако, од една страна, имаме експоненцијален раст на бројот на нови случаи (кои се врв од „леден брег“ – претставуваат само просечно 2 проценти од реалниот број, според еден математички модел на Imperial College London), од друга страна, бројот на хоспитализации и починати лица е понизок во споредба со сите досегашни епидемиски бранови. Тоа укажува на постоење на цврст имунолошки бедем кај нашата популација – бедем кој ковид инфекцијата најчесто ја сведува на ниво на потешка настинка (што апсолутно не важи за непрележаните, невакцинираните и лица постари и со коморбидитети, пак ќе нагласам). Заради што, со висока веројатност, можеме да претпоставиме дека така ќе биде и со Кентаурот. Се разбира, само ако се покаже дека може да ги потисне варијантите БА.4/5., посочува професор Даниловски
Постојат ли веќе сознанија колку брзо се шири, дали ќе стане доминантна субваријанта и дали дава потешка слика од онаа што ја прави омикрон? Дали Кентаурот успешно го избегнува имунитетот стекнат од вакцината, па и од прележувањето на болеста?
Варијантата БA.2.75 – наречена „Кентаур“ – првпат беше откриена во Индија на почетокот на мај, а оттогаш е проширена во околу десет други земји, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, САД, Австралија, Германија и Канада. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) ја има означено како „варијанта под мониторинг“ на 7 јули, затоа што има индикации дека може да биде попренослива од БА.4/5. Покрај нејзиното брзо ширење, загрижува големиот број мутации, кои се побројни, во споредба со БA.2, од која најверојатно еволуирал новиот сој. Дури и ако Кентаур не стане доминантна подваријанта во светот, примерот со нејзиното ширење во Индија сугерира дека, најверојатно, таа таму ќе претставува проблем, заради релативно малата застапеност на БА.5.
Преносливоста, тежината на болеста и потенцијалот за имунолошка евазија во моментов не се доволно познати. Има мислења дека мутациите на новата подваријанта може да доведат до поголемо имунолошкото заобиколување од она на БA.4 и БA.5, за кои веќе е познато дека го избегнуваат имунитетот и од вакцинација и од претходна инфекција. Покрај вообичаените мутации на Омикрон, Кентаур има дури девет дополнителни промени, од кои ниту една поединечно не загрижува. Но, прашање е како ќе се однесуваат како комбинација. Дали БA.2.75 (Кентаур) ќе предизвика глобален бран или брзо ќе стивне - како што беше случај со варијантите Ламбда и Ми - останува да се види.
Постојат варијанти што спорадично се појавуваат и имаат карактеристики што загрижуваат. Но, додека не се види како се однесуваат во повеќе различни амбиенти, тешко е да се претпостави дали ќе станат глобален проблем. Оттаму, треба да се појават поголем број случаи на Кентаур на повеќе локации, за да се знае дали навистина станува збор за „варијанта што загрижува“. Што се однесува до тоа дали Кентаур може да предизвика потешка болест, малку е веројатно еволуцијата да тргнала во тој правец. Појавата на варијантата Омикрон, со сите нејзини подваријанти, од кои секоја наредна е попренослива од претходната, (но ниту една досега не предизвикуваше потешка клиничка слика), е индиција дека еволуцијата оди во правец на зголемување на шансите за наоѓање нови жртви (поголема заразност). Имено, во ситуација кога огромно мнозинство од населението има стекнато базичен имунитет (преку прележување, вакцинација или комбинирано), единствена шанса за опстанок на вирусот е тој да се обидува да стане позаразен, заобиколувајќи го постоечкиот имунитет. И да не предизвикува премногу смрт. За заразените да бидат во состојба да го пренесуваат на што поголем број други потенцијални домаќини. Нема причина да не претпоставиме дека така ќе биде и со Кентаур. Меѓутоа, тоа не треба да залажува. Тој и понатаму ќе биде опасен за луѓе кои ниту прележале КОВИД-19, ниту се вакцинирани, како и за други ризични категории (стари лица, имунокомпромитирани и/или со хронични болести).
„Кентаур“ не е единствената подваријанта на Омикрон што го привлече вниманието последниве денови. Се спомнува и БA.5.3.1, позната како „Бед Нед“ (Bad Ned).
Името е симболично според називот на една мутација, N:E136D. Бед Нед е дериват на подваријантата БA.5, што моментално го зафаќа светот. На пример, во Германија, каде што таа е во пораст од крајот на мај, на неа се должат скоро 80% од случаите на БA.5. БA.5.3.1, исто така, идентификуван е во САД, но, претставува помалку од 5% од случаите на БA.5. Друг роднина на БA.5 е БA.5.1, чијашто преваленција полека расте во Обединетото Кралство. Но, ниту една од овие подваријанти не се разликува во однос на тежината на клиничката слика од основниот сој БА.5! Ова е уште една поткрепа на претпоставката за правецот на еволуцијата на короната. И дека обрачот сѐ повеќе се стега околу неа.
Интересно е дека има мислења од експерти од САД дека БА.5 е „најопасната варијанта досега“, веројатно зашто има афинитет и кон белите дробови. Кај нас, пак, сведоци сме токму на спротивното. Иако, од една страна, имаме експоненцијален раст на бројот на нови случаи (кои се врв од „леден брег“ – претставуваат само просечно 2 проценти од реалниот број, според еден математички модел на Imperial College London), од друга страна, бројот на хоспитализации и починати лица е понизок во споредба со сите досегашни епидемиски бранови. Тоа укажува на постоење на цврст имунолошки бедем кај нашата популација – бедем кој ковид инфекцијата најчесто ја сведува на ниво на потешка настинка (што апсолутно не важи за непрележаните, невакцинираните и лица постари и со коморбидитети, пак ќе нагласам). Заради што, со висока веројатност, можеме да претпоставиме дека така ќе биде и со Кентаурот. Се разбира, само ако се покаже дека може да ги потисне варијантите БА.4/5.
Анализите покажуваат дека темпото на порастот на бројките кај нас полека почнува да забавува. Да се надеваме дека ова ќе биде еден вид „летен пороен дожд“...
Што е со вакцините?
Една нова студија објавена во Nature покажа дека подваријантата БА.5 е четири пати поотпорна на месинџер РНК вакцините (Фајзер, Модерна) од претходните соеви на Омикрон.
Во моментов, немаме докази дека тоа води до повисока стапка на смртност. Сепак, невакцинираните имаат 5 пати поголеми шанси да се заразат со БА.5, од оние кои биле вакцинирани и „бустирани“, околу 7,5 пати поголема шанса да бидат хоспитализирани и околу 14-15 пати поголеми шанси да умрат ако се заразат.
Јасна е следната поента: без разлика дали некој е вакциниран, прележан или и едното и другото, заштитата од заразување од БА. 5 е речиси непостоечка! Но, и понатаму постои добра заштита од умирање, хоспитализација или завршување на респиратор во единица на интензивна нега.
Најдоброто нешто што ризичните граѓани можат да го сторат за да се заштитат, не само од оваа варијанта, туку и од другите што би се појавиле, е да се вакцинираат и/или „бустираат“. Секако, и да носат маска KN-95 (N95) во затворени простории и во метежи на отворено, барем додека не станат достапни вакцините специфични за сите подваријанти на Омикрон (или дури „пан-корона“ вакцини).
Оценувате ли дека треба да се враќаат постепено мерките, особено поради фактот што бројот на новозаразени расте?
Како мерка за влијанието на КОВИД-19 врз здравјето и здравствените системи Центрите за контрола на болести и превенција од Атланта има воспоставено нивоа на КОВИД-19 во заедницата (COVID-19 Community Levels).
Нивоата се определуваат врз основа на комбинација од три параметра - нови приеми во болница на 100.000 население во изминатите 7 дена, процентот на болнички постели пополнети со пациенти со КОВИД-19 и просек на вкупни нови случаи на 100.000 население во изминатите 7 дена. Новите хоспитализации и процентот на пополнети постели со ковид пациенти го претставуваат моменталниот потенцијал за оптоварување на здравствениот систем. Податоците за бројот на нови случаи имаат улога на индикатор за рано предупредување за потенцијално зголемување на оптоварувањето на здравствениот систем. Користејќи ги овие податоци, нивоата на КОВИД-19 во заедницата се класифицираат како ниско, средно или високо (зелено, жолто и портокалово).
Кај нас, на ден 13 јули 2022 година, параметрите за определување на нивото на КОВИД-19 во заедницата се следните: бројот на хоспитализации на 100.000 население во последните седум дена изнесува 18; процентот на пополнети постели со ковид пациенти е 2,8 проценти (апроксимативно имам претпоставено дека имаме на располагање 1000 постели) и просекот на вкупниот број новопријавени случаи на 100.000 население во последните седум дена е 124. Врз основа на овие податоци, нивото на КОВИД-19 во заедницата е ниско (зелено) затоа што критериуми за зелено ниво се: број на нови хоспитализации (на 100.000 за 7 дена) да е помал од 10; процентот на пополнети постели со ковид пациенти да е помал од 10 и просекот на вкупниот број новопријавени случаи (на 100.000 за 7 дена) да е помал од 200.
За зелено ниво, се препорачуваат следните индивидуални и мерки на ниво на домаќинства и превентивни стратегии на ниво на заедницата. Првите се состојат во препораки за вакцинирање, вентилација на затворени простории, стриктно следење на препораките за изолација и тестирање во случај на експозиција или појава на симптоми, ризичните поединци (стари лица, имунокомпромитирани или со хронични болести) задолжително да носат маски КN95 во затворени простории, да избегнуваат метежи, да се тестираат по потреба, да се консултираат со својот доктор за можна медикаментозна профилакса и евентуална терапија. Вториот сет мерки е следниот: Надлежните институции да дистрибуираат вакцини и спроведуваат вакцинација за сите заинтересирани граѓани; да обезбедат (ако е можно) вентилација во јавни затворени простори (со ХЕПА или УВ филтри); да обезбедат пристап до тестирање во државните лаборатории (за да се спречи непотребно плаќање во приватни лаборатории); да обезбедат еднаков пристап кон вакцинацијата, тестирањето, лекувањето за сите категории граѓани. Да се обезбеди соодветна специфична терапија и профилакса за ризичните болни, согласно најновите светски упатства. Секако, мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките, установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост треба и понатаму да се на сила.
Во врска со тестирањето и лекувањето, препорачливо е да се формираат КОВИД амбуланти (центри) во секоја општина. Со тоа би се намалил притисокот врз матичните доктори, а тие би имале повеќе време за редовните пациенти.
И не само тоа. Во изминатите 2,5 години стана јасно дека нашиот здравствен систем страда од недостиг на здравствени кадри од сите профили, заради што лекувањето на ковид пациентите беше претежно според методот на импровизација и лично наоѓање на докторот, потоа, држевме неславен рекорд во однос на смртноста од КОВИД-19. Наоѓајќи се среде летен епидемиски бран и во пресрет на есента, кога може (многу веројатно) да се најде меѓу нас Кентаур, не можам, а да не прашам јавно:
- Дали се планира вработување на здравствени работници од сите релевантни профили за третман на евентуално зголемен број на ковид случаи?
- Дали се спроведени обуки на постоечките здравствени работници, особено на оние кои работат во одделите за интензивна нега?
- Дали во сите инфектолошки одделенија низ државата постои централно снабдување со кислород во болничките соби?
- Дали се издигнати на ниво на подзаконски акти упатствата за менаџирање на ковид пациенти на сите нивоа?
Според вашите анализи, каква есен ни претстои, можно ли е повторно да има полнење на болниците, а следствено на тоа и строги антиковид мерки
Имајќи предвид дека сме мала популација, откако се случи БА.4 и БА.5 (поверојатно БА.5) несомнено да се веќе меѓу нас (најверојатно е така, зашто, секвенционирање не се спроведува), тие ќе „беснеат“ сѐ додека има „гориво“. И стихијата ќе стивне до крај на летото. Наесен веќе нема да има доволно гориво за одржување на огнот. А, летово сите ќе стекнеме свежа заштита. Оттаму, за очекување е да имаме релативно мирна есен со поблаг пораст на бројките, отколку летово (заради дружби во затворен простор), но, САМО под претпоставка да останат доминантни подваријантите БА.4/5.
Се разбира, претходново сценарио не важи, ако се покаже дека варијантата Кентаур (БА.2.75) има способност да ги надвладее БА.4/5. Во тој случај, би имале есенско-зимски бран, но дефинитивно, без закана за преоптоварување на болниците.
Зашто, без оглед колку варијанти и подваријанти да се појават во иднина, КОВИД-19 веќе не претставува значаен јавно-здравствен проблем. Практично, веќе не е ни потребно да се соопштуваат јавно бројките на нови пријавени случаи. Тоа нема стручна смисла, зашто тие се нереални! Според математичкиот модел на Imperial College London (ICL), пријавениот број на случаи – веќе кажавме погоре - е само врв од леден брег и претставува, во просек само околу 2% од реалниот. Или, конкретно кажано, да речеме, 500 пријавени случаи дневно, всушност значат реални, во просек, 25.000! Зошто непотребно да се сее немир кај населението? Секако, епидемиолошките служби и понатаму мораат да бидат будни и да ги следат трендовите на бројките, особено на хоспитализираните пациенти и пополнетоста на болничките постели. Ова со цел да може да се определува нивото на КОВИД-19 во заедницата (кое – да потсетам – во моментов сѐ уште е зелено!), за да може навремено да се планираат соодветни мерки за контрола и превенција.
Анита Буховски* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.