Има ли мали трикови со кои можеме да заштедиме во време на инфлација?
Објавено во: Економија 16 Август, 2022
Купување производи на акција, пазарење онаму каде е поевтино, уплаќање на месечни билети за патување наместо дневни, набавка на облека кога завршува сезоната и кога има попусти, се само дел од навиките кои можат да помогнат граѓаните да заштедат во време на инфлација.
Бидејќи се соочуваме со поскапувања, граѓаните велат дека се крајно внимателни со парите. Водат едвиденција каде и колку трошат. Особено дисциплинирани се пензионерите, кои практикуваат да одат од маркет до маркет, со цел да го купат бараниот производ таму каде цената е најповолна. Сите се свесни дека нè чека тешка зима.
„Не може да се истера месецот. Гледам каде е поевтино. Перам на евтина струја. Ќе се греам на дрва зимава затоа што гледам ем да готвам ем да се згреам. За едно семејство се потребни 40.000 денари, а ако имаат и деца, ќе им требаат повеќе пари“, вели Зорица П, граѓанка.
Повозрасните објаснуваат дека за да заштедат помалку патуваат и поретко купуваат облека.
„На гардероба може да се штеди, на храна не. Кога купуваме во маркет, гледаме цена, но и квалитет, да има некој баланс. За греење, ќе штедиме, така што ако порано сме загревале три простории, сега ќе загреваме една. На одмори и патувања може да се заштеди“, рече Крунислав Алексовски, пензионер.
Но, сите велат дека живеењето со постојано калкулирање на трошоците е навистина тешко.
„На облека може да се заштеди. Јас не се жалам, пензионерите пак некако ќе поминат, но има луѓе што немаат примања и нив ќе им биде потешко“, рече Михајло Марковски, граѓанин.
Проф. д-р Шекеринка Ивановска, декан на Факултетот за економија, при Меѓународен Славјански Универзитет вели дека во вакви времиња, домаќинствата треба рационално да трошат.
Таа додава дека во оваа 2022 година, целиот свет се соочува со потребата од штедење и изнаоѓање начини како едно семејство да ги намали трошоците на домашниот буџет. Објаснува дека за оваа цел се препорачуваат различни видови на совети, од намалување на трошоците за месечните сметки и сведување на купувањата на најнеопходното.
„Постојат веќе различни мобилни апликации за буџетирање на трошоците и нивно следење на дневно и месечно ниво. Една поговорка вели: не е важно колку заработувате, но, за што и како ги трошите парите. Прв чекор се смета одлуката и подготвеноста на целото семејство за помалку трошење. Тоа е т.н. период на ниско купување. Да се направи план за месечните трошења врз основа на искуството на семејството од претходните месеци. Поставување граница и правење на листа на шопинг производи. Избегнување да се купуваат производи кои не се ставени на шопинг листата. Следење на рекламите на попусти и купување на поголеми пакувања кои секогаш се поевтини по единица производ. Откажување на некои месечни претплати за кои се смета дека не се неопходни. Некои работи семејството да се потруди да ги направи само, наместо да ги купи. Да се намали бројот на одење во кафулиња и ресторани“, рече Ивановска.
Македонија забележан инфлација од 16 отсто. Но, истиот тренд не ја одмина ни Европа, ни светот. Европските народи исто така се мачат со инфлацијата, а Американците пак одат во Мексико за да купат поевтини производи.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/Racool_studio
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.