21 Ноември, 2024
0.0295

ИНТЕРВЈУ АНЃУШЕВ: Со новата компанија РЕС ќе го смениме сегашниот концепт на снабдување со електрична енергија

Објавено во: Економија 21 Март, 2022

Добивај вести на Viber

„Фиксна цена за струјата за одреден период“

Од една криза, светот влезе во уште поголема неизвесност откако Русија почна инвазија на Украина. Сведочиме на раст на цените на енергенсите, на електричната енергија, но и на многу неизвесности за кои тешко може да се предвиди колку ќе се длабоки и колку ќе траат. Оваа криза е полоша од ковид кризата, вели на почетокот на интервјуто проф. Д-р Кочо Анѓушев, редовен професор на Машинскиот факултет, поранешен вицепремиер, моментно управител на неколку домашни фирми. Поради кризата, државите ќе треба да им помагаат на граѓаните,помалите држави ќе се задолжуваат а поголемите да печатат пари, што од друга страна ќе создаде уште повисока инфлација.

Неговата „Централинвест“ месецов формираше со бугарски „Токи“ нова компанија која треба да ги интегрира сите производители на струја од обновливи извори (РЕС). Станува збор, како што вели, за еден нов пристап во снабдувањето и трговијата со електрична енергија.

„Ако сте подготвени да ја продавате по фиксна цена електричната енергија од своите извори без разлика на тоа дали таа цена ќе порасне тоа ќе овозможи да понудите фиксна цена и на вашите крајни клиенти. Целта е РЕС да стане стабилен извор и тоа може да се направи само ако имате сопствена енергија. Идејата е сопствената енергија да ја понудиме до крајни корисници во стопанството во Македонија, вели Анѓушев.

Анѓушев од пандемиска криза и значајна енергетска криза, светот влезе во уште поголема неизвесност по инвазијата на Русија во Украина. Иако и самиот очекувавте енергетска стабилизација годинава, претпоставувам се’ се промени сега. Колку е лоша оваа ситуација генерално економски, колку од енергетски аспект?


Анѓушев:  Оваа криза сега е полоша од ковид кризата. Значи на лошата ситуација наместо стабилизација која што ја очекуваме се накалеми уште полоша ситуација. И сега практично ситуацијата е двојно лоша. Економијата се уште не е заздравена од корона кризата и на сето тоа дојде оваа ситуација со Украина. Наивно е да е мисли дека ако немате директна соработка со Украина или Русија кризата вас нема да ве тангира. Без разлика дали имате или немате директна соработка оваа ситуација ќе влијае на вас. Тоа е многу едноставно, бидејќи енергијата ги засега сите. Не може енергијата да остане на исто ниво како пред кризата и овде зборувам за кој било енергенс - нафта, гас, електрична енергија, се’ останато се секундарни енергенси. На овие три енергенси цената во моментов вртоглаво им расте. Ако очекуваме да настане стабилизација брзо, навистина не треба да се надеваме дури и брзо да се разреши кризата од воен аспект. И во таков случај повторно со месеци, а можеби и повеќе од една година ќе има последици од тој конфликт. Нормално, бидејќи ќе згаснат многу  економски активности. Одговор на државите ќе биде да се задолжуваат или да печатат пари. Владите на многу земји веќе почнаа да се обидуваат да помогнат на граѓаните, ама со запрена економија немате друг избор. Во ваква ситуација нема полнење на буџетот односно има намалени приходи од царини, даноци, акцизи, а друга страна ви растат расходите бидејќи ќе треба да се субвенционира, да се зголемуваат платите. Тоа значи само едно - кај помалите  држави задолжување, а кај големите држави во некои случаи и печатење пари. И едното и другото неминовно водат кон инфлаторен бран кој што веќе го гледаме. Тој бран значи дека старите цени на ресурсите кои што сме ги гледале повеќе нема никогаш да ги видиме. Кое ќе биде новото ниво и на кое ниво тие ќе се стабилизираат? Тоа ќе зависи од неколку фактори. Прво, колку ова ќе трае кризата, а вториот колку пари ќе се испечатат и колкав ќе биде процентот на инфлацијата. Зошто е Украина или рускиот конфликт со Украина важен? Бидејќи еден добар дел од изворот на железо од руда доаѓа од Доњетската област и тоа го снемува. Добар извор на железо беше и Русија и Белорусија, а тие се под ембарго и има недостиг на материјал. Доста фабрики не можат да обезбедат суровина. За среќа, ако зборуваме за „Брако“ се организиравме и континуирано продолжуваме со работа. Секако има капацитети кои поради кризата запираат со работа.

Од друга страна компаниите имаат проблем со формирање на цената на производите. Со така динамична промена на цените на ресурсите не знаете како да ја формирате цената на крајниот производ. На пример леб да правите имате само два основни ресурси – брашно и струја. Проблемот станува компликуван ако произведувате возило кое што има 8.000 компоненти, а цените се менуваат секој ден – која е цената на вашето возило денеска? Во комплексен систем каков што е „Брако“, една од компаниите кои што јас ги предводам, влегуваат буквално милион компоненти и секојдневно се менуваат цените. И ова е проблем за голем број компании – како да се формира цената на производите без притоа да се создаде загуба. Се случува и сега тоа - со цената по која што го продавате производот утре нема да можете да купите суровини за да го произведете.  

Тоа е менаџерски проблем, но тој настанува од реалната економија. Состојбата е комплексна дополнително што дел од природниот гас доаѓа оттаму, голем дел од житото доаѓа од Украина и сето тоа ќе предизвика недостиг. Тој недостиг предизвикува зголемување на цените, тоа пак инфлација.


Цената на природните ресурси значајно расте, а се зголемува и цената на електричната енергија. Еден мегават час струја на унгарската берза ХУПЕКС за испорака деновиве чинеше и над 440 евра што пак од друга страна е многу повеќе од денот кога почна конфликтот. И најголемите оптимисти молчат. Кои се вашите очекувања, ако е возможно да се антиципираат сите неизвесности и да се предвиди што било?

Анѓушев: На кое ниво ќе се стабилизираат цените зависи од времетраењето на конфликтот и колкав ќе биде процентот на инфлација кој што ќе ги зголеми цените. Ако кризата трае уште две  или три недели, потоа уште месец дена ќе има воени последици. Но, и во тој случај економските последици ќе се чувствуваат многу подолго, но ако трае две, три години, никој не може да предвиди уште колку ќе се чувствуваат последиците. Сметам дека сите страни се свесни за овие последици и затоа се вложуваат напори да се најде компромисно решение што поскоро во насока пред се’ да прекинат воените дејствија, па да се преговара и потоа да се стабилизира економијата. Во Украина можеби ќе бидат потребни децении за опоравување, но, за остатокот на светот, колку побрзо се реши толку поскоро ќе може да заздрават економиите.

Кои се вашите очекувања за цената на енергенсите?

Анѓушев: Овој период ќе се држи на ова ниво кое се намали во споредба со првичниот импулс на драстичен раст поради шпекулативни моменти, поради страв, паника и слично. Но сегашното ниво е 400% повисоко од нивото на цени во овој период минатата година. Ако пред украинската криза велев дека цената на струјата ќе се стабилизира меѓу 80 и 120 тоа малку би го поместил кон ранг помеѓу 100 и 200 евра за мегават час долгорочно.


СЕ ЗАДОЛЖУВАМЕ ЗА ОПШТА ПОТРОШУВАЧКА

Владата со фискални мерки се обидува да го намали ударот врз граѓаните и нивниот стандард. Од буџетот се субвенционира АД ЕСМ, топлинската енергија и многу други потреби. Има ли буџетот капацитет да го издржи ова?

Анѓушев:  Ние сме држава која што има низок БДП по глава на жител и ние имаме добар дел од населението кое што е сиромашно. Тие не можат да го издржат ударот на цените бидејќи нивните плати нема да се зголемуваат со истата динамика со растот на цените и во таасмисла добар дел од нив нема да може да преживеат ако државата не ги помогне. Ние сите треба да бидеме свесни дека при намалена економска активност или и иста да биде, кога има зголемена потрошувачка тие пари мора да се обезбедат од задолжување. И тоа го прави целиот свет. И тие задолжувања не можат да бидат бесконечни. Засега,  за компаниите нема мерки, нема субвенции за енергија и не може да биде поинаку. Сите треба да бидеме свесни за состојбата во која што се наоѓаме. Мерките кои што ги спроведува Владата се тие кои што ги има како механизми на располагање.

Тие задолжувања, секако некој ќе треба да ги врати и тоа на сите ни е јасно. Но, до кој праг е издржливоста на државата? Зависи до кое сценарио ќе дојдете. Имате држави кои се задолжени до 100 и 120 отсто што од други држави гледаме дека не завршува добро. Многу зависи во што и за што се задолжувате. Дали се задолжувате за инвестиции кои што ќе носат пари и ќе може да се вратат позајмените пари или за општа потрошувачка. За жал, сиромашните земји како нас се задолжуваат за општа потрошувачка.


Има ли друго решение, друга опција која и стои на располагање на Владата?

Анѓушев: Некоректно е јас да кажувам што треба да се прави. Некоректно би било да кажувам хипотетички сценарија. Ние како стопанство кога треба да кажеме, кажуваме што и како државата би требало да направи. Но, опциите се тие што ги напоменав  или да намалувате трошоци со откажување на државата од приходи (намалување даноци и акцизи за основни продукти) или со директни парични субвенции. Но за жал тоа мора да биде воглавно од задолжување.

Колкав ќе биде ударот врз македонската економија?

Анѓушев: Македонската економија сакајќи или не, ја поделивме на две економии – на домашни компании и странски инвестиции. Домашните како „Брако“ на пример, но и останати домашни фирми воглавно се извозно ориентирани бидејќи Македонија е мал пазар. Сепак сметам дека странските инвестиции ќе бидат повеќе погодени бидејќи малку од нив произведуваат  готови производи, повеќето се подизведувачи во најголем дел на автомобилската индустрија и тоа за европските брендови од автомобилската индустрија и тие сега веќе најавија дека нема да продаваат возила во Русија. Автомобилската индустрија и претходно беше во рецесија поради недостигот на електронски компоненти кои воглавно се произведуваа во Кина а сега доаѓаме до ситуација во која покрај пртходните проблеми се надоврзува и намалената побарувачка и ограничување на пазарите,  Сето тоа ќе влијае врз бројот на произведени возила и тоа ќе бара помал број на компоненти и тоа јасно ќе има ефект врз овие фабрики и сметам дека тој ефект ќе го гледаме во следните шест месеци до една година.

СИТЕ КОИ ИМААТ СТРУЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ ВО ЕДНА КОМПАНИЈА

Вие месецов објавивте дека вашата „Централинвест“ формираше со бугарски „Токи“ нова компанија која треба да ги интегрира сите производители на струја од обновливи извори(РЕС). Колкав пазар треба да опфати оваа компанија?

Анѓушев: Станува збор за еден нов пристап во снабдувањето и трговијата со електрична енергија. Концептот што досега постоеше, според мене како концепт е истрошен и тоа најдобро се покажа токму во оваа криза. Бидејќи, денеска ако сакате да понудите некому да му продавате електрична енергија сите даваат понуда дневна берза плус некаква провизија, значи берза плус процент и тоа од аспект на тие што тргуваат со енергија е некаква заштита дека нема да прават понатамошни загуби и да банкротираат затоа што и тоа сценарио не е добро. Во тој случај нема да има кој понатаму да снабдува.пропаднат . Но, од аспект на корисник на електрична енергија тоа е една авантура во која што не знаете во што се впуштате бидејќи не можете да ги контролирате своите трошоци. Особено во производи во кои што енергијата има поголем процент во формирањето на цената да речеме некаде таа има учество од 30, 40, 50 отсто зависи од индустријата. Ако е помал процентот тоа и не е толку загрижувачки. Но, колку уделот на цената на електрична енергија е поголем во цената на производите толку е позагрижувачки. Тука да не заборавиме дека и другите суровини се со големи зголемувања на цените.

Кога имате варијација на цената од 70 до 530 евра, а невозможно е да ја формирате цената на вашиот производ и влегувате во една неизвесност. И сметам дека тоа како концепт е потрошен.

Јас самиот и со партнери сум сопственик на капацитети за производство на електрична енергија. Како што знаете околу 20-тина хидроцентрали, фотоволтаична електрана, биогасна електрана, вкупно производни капацитети со инсталирана моќност од 36 мегавати. Со 36 мегавати сме мали, а амбицијата ни е да бидеме многу поголеми.Затоа го направив партнерствотосо „Токи“, којашто е сопственост на Реналфа групацијата, бидејќи тие имаат свои инвестиции во Македонија и во Бугарија. Реналфа групацијата е агрегатор на сите обновливи извори во Бугарија. Тие имаат околу 400 мегавати инсталирана моќност во своето портфолио. Исто така, ќе ги поканиме сите во Македонија кои што имаат обновлива енергија без разлика дали е од ветер, вода, сонце да бидат дел од нашата група.

Ако сте подготвени да ја продавате по фиксна цена електричната енергија од своите извори без разлика на тоа дали таа цена ќе порасне тоа ќе овозможи да понудите фиксна цена и на вашите крајни клиенти. Целта е РЕС да стане стабилен извор и тоа може да се направи само ако имате сопствена енергија. Идејата е сопствената енергија да ја понудиме до крајни корисници во стопанството во Македонија.

Значи, станува збор за нов концепт кој што го подготвуваме и од 1 јуни ќе започне да функционира.


Најавувате дека оваа компанија ќе биде најголем агрегатор на електрична енергија од обновливи извори за да се обезбеди стабилно снабдување. Како тоа ќе се обезбеди технички?

Анѓушев:  Имаме свој диспечерски центар, со својот SCADA мониторинг центар, во рамките на „Фероинвест“ има капацитет да ги приклучи, мониторира и одржува сите капацитети за производство на енергија од обновливи извори и на тој начин на RES да му овозможи да биде најголемиот агрегатор. Значи ги покануваме сите сопственици на производствени капацитети од обновливи извори, без оглед на нивната големина, да ни се приклучат во нашата балансна група по пазарни услови кои цениме дека за нив ке бидат најповолни.

Мислам дека компанијата ќе има капацитет пред се’ да ги собере сите извори на електрична енергија кои што ќе сакаат да пристапат. Веќе имаме договор со некои од производителите. Тоа ќе биде вертикално интегрирано претпријатие како што беше на времето Електростопанство на Македонија и тоа ќе може од сопствени извори да снабдува електрична енергија. Ќе може да се понуди снабдување со електрична енергија на околу 30 отсто од компаниите во Македонија и очекуваме тој процент да постепено да порасне на 40 до 50 отсто од пазарот.

Колку стабилна цена би можеле да им понудите на вашите корисници?

Анѓушев: Во овие условина нестабилност на пазарот на електрична енергија со големи варијации на цената, само компаниите кои имаат сопствено производство можат да гарантираат стабилност. РЕС на македонската економија ќе `и го понудитокму тоа - стабилно снабдување од сопствени обновливи извори на енергија за македонската економија. На нашите клиенти ќе им понудиме во голема мерка фиксна и стабилна цена утврдена на квартално, полугодишно или годишно ниво. Дури и за повеќе години ако постигнеме таков договор со потенцијалните корисници. Јас веќе имам богато искуство во снабдувањето и трговијата со електрична енергија. Ова за мене и за пазарот е чекор напред во трговијата со електрична енергија.

СО МАЛИТЕ ХИДРОЕЛЕКТРАНИ НИЕ И ШТЕДИМЕ НА ДРЖАВАТА

Вие имате 25 мали хидроелектрани со инсталирана моќност од близу 24 MW и други инвестиции со помал капацитет кои се 15 отсто од малите хидроелектрани во земјава. Во моментов по која цена ја продавате струјата? Дали опортунитетната загуба ви прави финансиски проблеми?

Анѓушев: Најголем демант за сите оние кои ги критикуваат малите хидроелектрани, дури и погрдно во јавноста, е сегашната состојба. Овие мали хидроелектрани, и да биле субвенционирани во претходните години иако според математиките не се субвенционирани, тие 16 до 20 милиони евра авансно и платија на државата за концесии, дополнително секоја година плаќаат за концесиите. За изградба на малите хидроцентрали се вложени најмалку 170 милиони евра, од кои градежни активности во вредност од 100 милиони евра извршени од македонски фирми. Никој не го гледа тоа од тој аспект иако е многу важен аспект. И сметам дека изградбата на малите хидроцентрали е многу корисен проект во државата. Но, еве и по видувањето на некои критичари да биле субвенционирани со години како што се тврдеше,  во некои извештаи во овој кризен период неколкукратно ги возвратија тие субвенции произведувајќи електрична енергија по цени неколкукратно пониски од пазарните. Ќе си земам слобода таквите извештаи кои се присутни само во балканските држави да ги наречам неписмени и предизвикани од некоа наша балканска злоба додека 24 илјади мали хидроцентрали функционираат во Европа и тоа никој не го дискутира. Мислам дека тука има и лукративни причини затоа што само балканските држави имаат неизградени и слобдни капацитети додека се што може да се изгради во Европа е веќе изградено и работи. И да добивале некаков вид на субвенции, во изминативе шест месеци малите хидроелектрани ги вратија тие пари. Можам за  капацитети во кои имам сопственост да направам пресметка дека цената по која што се продава на државата имајќи ја предвид актуелната цена на електричната енергија на берзите, тоа се над 3,5 милиони евра заштеда за државата. Односно доколку не постоеја тие капацитетите таа струја ќе требаше да се увезува и само за последниве неколку месеци разликата меѓу увозот и цената на струјата од малите хидроелектрани е 3,5 милиони евра односно придобивката на државата. Да напоменам дека тоа се само 10 отсто од сите капацитети што значи дека вкупниот ефект е десетократен односно над 30 милиони евра. А, сега тоа никој не го зборува.


ЗЕЛЕНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ЌЕ НЕ ЧИНАТ 7 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Пред оваа криза светот беше на патека на зелена транзиција, ќе скршнеме ли сега од тој пат, како гледате вие на таа иднина? Зборувам и за Македонија.

Анѓушев: Ние сме полни со зборовите обновливи извори, зелена енергија и енергетска транзиција како што е модерно. Тоа е иднината и од тоа не можеме да избегаме, но мораме да бидеме свесни дека тој процес има два фактори. Прво, треба време за тоа, не можете да инсталирате толкава моќност колку што е потребна за да се задоволи потрошувачката преку ноќ за било кој извор. Во таа смисла оваа криза ни докажа дека гасот, јагленот, нуклеарната енергија не можеме се уште во потполност да ги исклучиме. Да, треба да ги исклучиме, но пред да ги исклучиме треба добро да се подготвиме. А се покажа дека не само ние туку и помоќните Европски држави не сме баш подготвени и дека не можеме преку ноќ да ги исклучиме. И тој процес треба да се движи во тој правец. Македонија има стратегија за енергетика која што има зелено сценарио и јас сум поборник на тоа и тоа треба да се следи. Но, треба сите да бидеме свесни дека тоа зелено сценарио само за македонски услови чини над 6 до 7 милијарди евра инвестиции кои што се разбира нема да доаѓаат само од државата, туку и од приватни инвеститори. Но, сите треба да бидат свесни дека тие компании нема да инвестираат за да ги фрлат парите, туку инвестираат за финансиски резултат и тоа ќе има цена.

И покрај предизвиците од ковид кризата, сепак „Брако“ продолжи со успешна работа. Импонира растот на фабриката во Велес. Како успевате во тоа?

Анѓушев: „Брако“ лани во услови на светска стагнација поради ковид кризата оствари раст од 51 отсто и 149 нови вработувања и извезува во над 42 држави во моментов, што е резултат на сериозни инвестиции во технологија и проширување на производната програма „Брако“ има една карактеристика кој што од еден аспект е недостаток, а од друг пак е предност. Недостаток е во делот на менаџирањето, а предност од аспект на дисперзија на ризик. Внатре во „Брако“ има пет фабрики – за производство на жичани производи, производство на медицинска опрема, на возила, конструкции за енергетски капацитети и производство на машини кои ги извезуваме во Германија, Швајцарија, Италија и тоа се цели машини. Ние не произведуваме делови туку испорачуваме и извезуваме готови производи.  Над 95 отсто е за извоз. Тоа е многу комплицирано за менаџирање бидејќи внатре во фабриката всушност менаџираме пет фабрики. Но, од друга страна е многу здраво од аспект на дисперзија на ризик. Тоа е рецептот зошто на „Брако“ му оди добро. Возилата на „Green Machines“ се сегмент кој што веројатно добро го погодивме. Конкурентни се на пазарот, имаме одличен бренд кој што е еден најстарите брендови во таа индустрија. Последниве неколку денови „Брако“ продаде шест во Англија, неколку во Франција, испративме контејнер за САД, Јужна Кореја и ова се продажби реализирани само во последните две недели. И во овој период, во оваа криза се обидуваме да одржиме едно темпо на раст, можеби тоа ќе биде забавено во споредба со нашите планови , но „Брако“ работи добро и во оваа ситуација.

Александра Томиќ

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

БОЖИНОВСКА ГО НАЧЕКАЛА ЕСМ СО МИНУС ОД 80 МИЛИОНИ ЕВРА: Вели дека во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар

БОЖИНОВСКА ГО НАЧЕКАЛА ЕСМ СО МИНУС ОД 80 МИЛИОНИ ЕВРА: Вели дека во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар

ДЕКАТЛОН ВО ОФАНЗИВА - ИНВЕСТИРА 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Ќе има над 150 продавници до 2027

ДЕКАТЛОН ВО ОФАНЗИВА - ИНВЕСТИРА 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Ќе има над 150 продавници до 2027

Заменик министерот за финансии: Трпиме голем притисок од олигарсите

Заменик министерот за финансии: Трпиме голем притисок од олигарсите

ФОЛКСВАГЕН ВЛЕГУВА ВО ПРЕГОВОРИ СО РАБОТНИЦИТЕ: Доколку не се исполнат овие услови, ќе има штрајк, прв од 2018 година

ФОЛКСВАГЕН ВЛЕГУВА ВО ПРЕГОВОРИ СО РАБОТНИЦИТЕ: Доколку не се исполнат овие услови, ќе има штрајк, прв од 2018 година

(ВИДЕО) Браќата Кимовски, сопственици на „Сетек“: Добивките секогаш ги реинвестираме во бизнисот, продаваме по 30.000 машини за перење годишно

(ВИДЕО) Браќата Кимовски, сопственици на „Сетек“: Добивките секогаш ги реинвестираме во бизнисот, продаваме по 30.000 машини за перење годишно

Наградно прашање: Каде Доне Таневски ќе вложи 6 милиони евра?

Наградно прашање: Каде Доне Таневски ќе вложи 6 милиони евра?

„Костал“ со нова компанија започнува со посебно производство на најсофистицираниот дел за електричните возила на „Фолксваген“

„Костал“ со нова компанија започнува со посебно производство на најсофистицираниот дел за електричните возила на „Фолксваген“

СЕ ВОВЕДУВААТ НОВИ МЕРКИ НА ГРАНИЦИТЕ: Земјите ги заоструваат контролите

СЕ ВОВЕДУВААТ НОВИ МЕРКИ НА ГРАНИЦИТЕ: Земјите ги заоструваат контролите

ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СРПСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ: Пензиите ќе се зголемат за 10.9 отсто

ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СРПСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ: Пензиите ќе се зголемат за 10.9 отсто