30 Јануари, 2025
0.0277

ИНТЕРВЈУ БРАНИМИР ЈОВАНОВИЌ: Левица ќе биде партија за народот!

Објавено во: Економија 14 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

На политичката сцена во Македонија се раѓа нова партија. ЛЕВИЦА како прогресивна левичарска партија ќе им служи на сиромашните и непривилигираните, и ќе се залага за работничките и основните човекови права. Бранимир Јовановиќ, еден од членовите на ЛЕВИЦА вели дека пред се партијата има за цел да го сруши моменталниот режим и да ја им врати државата на граѓаните.

Разговараше Ирена Каревска

Фактор: Најавено е формирањето на новата партија Левица, може ли да ми кажете нешто повеќе околу тоа, до каде сте со собирањето на потписи?

Јовановиќ: Собирањето на потписите се одвива според планот. Веќе има повеќе од 800, за помалку од два месеца, во кои имаше и новогодишни и божиќни празници. Не би требало да има проблем да се стигне до бројката од 1000. Некој можеби ќе помисли дека 1000 потписи лесно се собираат, но не е баш така. Ова не се обични потписи на ливче хартија. Потребно е да се пополнат изјави, па тие изјави да се заверат на нотар, па да се извадат нови уверенија за државјанства. Сето тоа одзема и време, и пари. Затоа, би кажал дека самото основање на Левица би бил своевиден успех.

 Фактор: Дали партијата ќе учествува на следните априлски избори?

Јовановиќ: Учеството на следните избори не е императив. Левица не се формира заради изборите. Левица се формира затоа што е време во Македонија да се појави нова партија, која ќе биде водена од нови лица и ќе го пополни празниот простор на левата страна од политичкиот спектар. Целта на Левица е да го смени македонското општество, а борбата за тоа е долга и не завршува во април. Затоа, дополнително ќе се одлучува дали ќе се учествува на изборите, и тоа ќе зависи, помеѓу останатото и од тоа какви ќе бидат изборите, и од тоа колкава поддршка ќе има Левица.

Фактор: По што ќе се разликува Левица од останатите партии во Македонија, што формално се водат како лево-ориентирани?

Јовановиќ: Ние сме идеолошки јасно профилирани, како ниедна друга партија. Ние отворено истакнуваме дека застануваме на страната на сиромашните, работниците, угнетените, обесправените, маргинализираните. Да, во Македонија има и други партии кои имаат левичарски одредници во своите имиња, но овие партии со своето фактичко дејствување во минатото ги извалкале своите имиња и сè  уште не успеваат да расчистат со ова свое минато. Ние немаме вакви багажи. Членовите на иницијативата за формирање на Левица се млади луѓе, нови лица во партиската политика. Но, иако сме нови во партиската политика, не сме целосно непознати. Ние сме партија која се раѓа од активистичките организации и од протестните движења кои беа активни во државава во последните неколку години. Согласно со оваа наша историја, ние не би биле класична партија во поглед на организацијата. Нема да бидеме човек-партија, како постоечките мали партии, ниту султан-партија, како постоечките големи партии. Нема да имаме претседател, туку колективно претседателство, кое ќе биде ротирачко и лесно сменливо. Паралелно со ова, ќе се трудиме да бидеме максимално транспарентни и отчетни. Нема да бидеме водени од клиентелистичката филозофија, која наметнува масовно членство, чија работа е да обезбедува гласови за изборите, а за возврат да добива места во администрацијата или други привилегии. Ние, за разлика од постоечките партии, политиката ја сфаќаме како средство за служење на народот, а не како средство за задоволување на нашите финансиски интереси.

Всушност, ако ги сметаме постоечките партии за репер за тоа што е партија, би кажал дека ние би биле партија само на хартија.

Фактор: Кои се вашите главни идеи и цели во социјален и економски акспект? Што сметате дека им е потребно на граѓаните, што вие можете да им го дадете, а останатите опции не успеаја?

Јовановиќ: Ние сме отворено против капитализмот, особено против дивиот капитализам. Ние сметаме дека луѓето не смеат да му робуваат на капиталот, туку дека капиталот треба да им служи на луѓето. Оттука, ние сме за зголемување на работничките права, за покачување на минималната плата и за намалување на работното време. Ние се бориме за сиромашните и сме против социјалните разлики. Затоа, ние сме за осетно зголемување на социјалната помош, т.е. за воведување на систем според кој секое домаќинство од државата ќе добива доволно средства за да не живее во сиромаштија. Ние сме и за пониски даноци за сиромашните, а повисоки за богатите, затоа што сметаме дека економските разлики се штетни. Ние сме експлицитно за поголема улога на државата во економијата, за разлика од сите други партии. Државата мора повеќе да гради – и патишта, и хидроцентрали, и болници, и студентски домови, и градинки, и училишта. Впрочем, скоро сè што постои во оваа држава (освен накарадниот проект Скопје 2014) е изградено од страна на државата, во време на СФРЈ. Понатаму, ние сме надетничка и антинационалистичка партија, што јасно се гледа и од нашето име, кое нема национална одредница. Конечно, ние сме прогресивна левица, што значи дека ќе имаме поотворен став за прашањата кои се контроверзни за постоечките конзервативни партии, како ЛГБТ правата, родовата еднаквост, канабисот, сексуалната работа...

Фактор: Кој е вашиот став за моменталните случувања на политичката сцена на Македонија? Верувате ли дека договорот од Пржино е излезот од кризата?

Јовановиќ: Се извинувам што, во стилот на Груевски, ќе искористам боксерски речник, ама морам, заради пластичност.Договорот од Пржино е како судијата да го прекине бокс мечот и да закаже нов, во момент кога еден од боксерите е во нокдаун и пред очигледен нокаут.Груевски во мај беше пред нокаут, по сите протести изминатите месеци,  по бомбите и сè останато. Со договорот од Пржино, тој добива повторна борба, но во неговата пеколна арена, во која тој никогаш не бил победен.Згора на тоа, сега е целосно закрепнат.

 Многу е тешко некој да го победи Груевски на избори во моменталните услови. Тој ги добива сите избори изминативе 10 години, зашто мајсторски ги користи сите механизми на власта за купување на изборите – од јавните набавки и вработувањата, преку медиумската пропаганда, преку секакви притисоци за гласање, до лажирање на изборите со фалсификувани лични карти, фиктивни гласачи и полнење на кутиите. Оттука, мојот став е дека договорот од Пржино беше голема грешка, која го трасира патот за Груевски да остане на власт, преку нефер и нерегуларни избори.

 Не е ни чудно што е договорот толку лош, ако се има предвид како дојде до него – на затворени, нетранспарентни и недемократски преговори помеѓу неколку лидери, со целосно исклучување на граѓаните.Договорот од Пржино, всушност, ја илустрира потребата од нова партија во Македонија, која ќе биде поотворена и поинклузивна, подемократска и потранспарентна.

Фактор:Реално, до сега трета политичка партија во Македонија не успеала, зошто верувате дека тоа ќе се случи сега?

Јовановиќ: Единствената опција која наликуваше на трета опција изминативе години беше Демократската алтернатива. Тие направија некој успех, пред сè зашто немаа багаж од минатото, имаа кадровски квалитет и имаа привлечна програма. Но, набргу пропаднаа, и затоа што се покажа дека програмата им е како меур од сапуница, и затоа што беа приврзок на ВМРО. Сите други опции кои се најавуваа како трети имаа неколку проблеми – идеолошка непрофилираност, багаж од минатото, недостиг на квалитетни луѓе.

Ние ги немаме овие проблеми. Ние сме идеолошки јасно профилирани. Ние сме луѓе без багаж од минатото. И, можеби ќе звучи нескромно, но ќе кажам - ние располагаме со завиден кадровски квалитет.

Згора на сè, и глобалните случувања ни одговараат. Од Грција, преку Шпанија, Турција, Англија, па сè до Америка, левичарските политички опции се во пораст. Сведоци сме на глобално политичко будење од капиталистичкиот кошмар. Зошто да не и во Македонија?

Фактор: Oфицијално, Левица нема еден единствен лидер. Може ли да ми кажете нешто повеќе околу тоа, која е идејата и како би функционирала партијата?

Јовановиќ: Идејата е да не биде ова султан-партија, во која еден човек или неколку луѓе прават што сакаат, како што е во постоечките партии. Идејата е ова да биде колку што е можно подемократска и поотворена партија, која ќе биде водена од принципи и идеали. Практично, партијата ќе функционира слично на хоризонталните движења кои беа популарни изминативе години. Во овие движења одлуките обично се носат со консензус, по отворени расправи. Партијата нема да биде целосно хоризонтална, затоа што и хоризонталата има свои недостатоци. Но, ќе има колективно претседателство, кое ќе брои 11 лица, коа ќе ги носи одлуките по можност со консензус, по отворени дискусии. За одделните сфери од живеењето (економија, екологија...) ќе има посебни групи, кои ќе функционираат на сличен начин. Заклучоците од овие дискусии и одлуки ќе бидат објавувани јавно, заради транспарентност.

Фактор: И, за крај, како стоите со жени во Левица?

Јовановиќ: Да бидам искрен, жените ни се слабост. Буквално. Иако имаме квалитетни жени, немаме онолку жени колку што би сакале. Левица се бори против патријархалниот морал, а мажите тоа не можат да го прават онолку добро колку што можат жените. И, општо, не е добро кога има премногу тестостерон. Потребен е баланс. Затоа, преку нашата работа и ангажман ќе се потрудиме да го смениме ова и да покажеме дека политиката може да биде поинклузивна.

Можеби ќе ве интересира

И СЛОВЕНЦИТЕ ГИ БОЈКОТИРААТ МАРКЕТИТЕ: Ова ќе трае до 2 февруари

И СЛОВЕНЦИТЕ ГИ БОЈКОТИРААТ МАРКЕТИТЕ: Ова ќе трае до 2 февруари

ОД 1 ЈУНИ КОМПЛЕКСОТ ПОЧНУВА СО РАБОТА: Објавен е огласот за закуп на „Македонско село“

ОД 1 ЈУНИ КОМПЛЕКСОТ ПОЧНУВА СО РАБОТА: Објавен е огласот за закуп на „Македонско село“

ЈОРДАН И ЕУ ПОТПИШАА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО: Што ќе значи тоа во пракса?

ЈОРДАН И ЕУ ПОТПИШАА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО: Што ќе значи тоа во пракса?

ХРВАТСКА ЌЕ ГИ СУСПЕНДИРА ВИЗИТЕ: Странски работници го изигруваат системот и бегаат во други земји

ХРВАТСКА ЌЕ ГИ СУСПЕНДИРА ВИЗИТЕ: Странски работници го изигруваат системот и бегаат во други земји

ВОЈДАН ЈОРДАНОВ УШТЕ 4 ГОДИНИ ЌЕ БИДЕ ЧЛЕН НА ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ - ова е изборот на Собранието на акционери

ВОЈДАН ЈОРДАНОВ УШТЕ 4 ГОДИНИ ЌЕ БИДЕ ЧЛЕН НА ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ - ова е изборот на Собранието на акционери

ЕСМ ќе потроши четири милиони евра за набавка на струја по цена од над 150 евра за мегаватчас

ЕСМ ќе потроши четири милиони евра за набавка на струја по цена од над 150 евра за мегаватчас

„МЛЕЧНИТЕ ПРОИЗВОДИ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ИЛИ СО ИСТА ЦЕНА СО ТИЕ ВО ГРЦИЈА ИЛИ ПОСКАПИ“: Аналитичарот Божиновски за високите цени во Македонија

„МЛЕЧНИТЕ ПРОИЗВОДИ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ИЛИ СО ИСТА ЦЕНА СО ТИЕ ВО ГРЦИЈА ИЛИ ПОСКАПИ“: Аналитичарот Божиновски за високите цени во Македонија

ОБЈАВЕНО ИМЕТО НА НАСЛЕДНИКОТ НА УБИЕНИОТ ДИРЕКТОР - осигурителниот гигант го претстави Тим Ноел, еве од кога е во компанијата

ОБЈАВЕНО ИМЕТО НА НАСЛЕДНИКОТ НА УБИЕНИОТ ДИРЕКТОР - осигурителниот гигант го претстави Тим Ноел, еве од кога е во компанијата

Стриминг платформата GLEY ќе бара инвеститори преку Берза

Стриминг платформата GLEY ќе бара инвеститори преку Берза