19 Април, 2024
0.2099

ИНТЕРВЈУ ДУРЛОВСКИ: Можна е ЕУ иднина и со поинаков пристап кон идентитетските прашања

Објавено во: Македонија 13 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Долго размислувал за понудата од Христијан Мицкоски, да биде носител на листа на идните парламентарни избори. Игор Дурловски ќе ја предводи листата во петтата изборна единица, а во разговор за Фактор вели дека не се одлучил веднаш, но дека сега е убеден оти ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите. Дурловски е оперски пеач и до пред неколку години никој во државата, но и самиот немаше да верува дека еден ден ќе предводи изборна листа. Сепак самиот веќе е на една политичка страна од поодамна, иако себеси се претставува како натпартиско решение. Дурловски беше предводник на Иницијативата „За заедничка Македонија“, учествуваше на настаните на 27 април и самиот беше дел од толпата за што му се судеше за тероризам на суд. Ослободен од тој процес сега се бори во нов. Кој се неговите ставови? Прво за одлуката да се трка на изборите како носител на листа.

Дурловски: Да и се служи на татковината, на секој начин, па и преку политиката, е должност и чест. Дури и мислам дека поголемо присуство на истакнати интелектуалци и уметници на нашата политичка сцена може да биде корисно и освежувачки. После долго размислување го прифатив предизвикот и одговорноста дадена одлидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски најпрво да бидам дел од стратешкиот тим на партијата составен од докажани професионалци од различни општествени сфери и да ја предводам листата во Петтата изборна единица, и заедно со народот да ставиме крај на овие мрачни денови, да вратиме оптимизмот и доистоинството на Македонецот.

Светската здравствена организација прогласи пандемија. Кај нас на 23 почнува изборната кампања. Најверојатно ќе треба да се откажете од традиционалните митинзи.

Дурловски: Состојбата со ширењето на корона вирусот е крајно сериозна и сите препораки мора да се следат. Не постои поголемо богатство од човечкото здравје и нормално е дека тоа е наш врвен приоритет. Лично, не сметам дека е голем хендикеп доколку не можам на народот по пат на митинзи да му ја пренесам својата визија и плановите за прогрес на Македонија. За тоа, можам да ги користиме социјалните мрежи и електронски медиуми. Сметам дека средствата предвидени за овој традиционален пат за привлекување на гласачите, можат да се пренаменат во нешто многу покорисно. Воедно, ова ќе биде и едно големо олеснување за луѓето од државната администрација, кои нема да бидат под притисок да излезат на некаков митинг само за некоја политичка партија да покаже бројност и сила пред избори. Довербата преку бројки ќе ја споредиме на денот на изборите.


СДСМ предизборно коалицираше и со Беса. Кои се вашите очекувања од овие избори и на што ги темелите?

Дурловски: Она во што најсилно верувам е дека народот масовно ќе излезе на овие избори. Дека ќе чесноста ќе ги победи лажните ветувања, дека општото добро на народот ќе ги надвладее личните интереси, дека оптимизмот ќе ја победи разочараноста. шанса на чесна и обединувачка политика. После сите премрежија, време е да дадеме шанса на обединувачка политика која ќе не обедини сите во идејата да градиме подобра, поуспешна Македонија, во која ќе го заштитиме и унапредиме сопствениот јазик и идентитет, ќе го вратиме достоинството, ќе овозможиме услови за успешен развој на нашата младина. Во ова верувам бидејќи го знам потенцијалот на кадрите кои ги нудиме и квалитетот на проектите предвидени во нашата програма. Граѓаните позитивните промени ќе ги препознаат и почувствуваат уште од самиот почеток

Во време кога Македонија е пред полноправното членство во НАТО, со решен проблем за името кој го кочеше пристапувањето во Европската Унија, што пак несомнено е силен адут на СДСМ. Кои се аргументите во тврдењата дека земјата е разнебитена кои се карактеристика на ВМРО-ДПМНЕ? Или на вашите дека Македонија е на крстопат дали ќе ја биде или не?

Дурловски: Борбата за подобар живот и посреќна сегашност кои, како што гледаме, се уште ги нема, треба да се води на достоинствен начин. Верувам дека можеме да донесеме подобар меѓународен успех и решавање на надворешно политички проблем. Со поинаков пристап на македонската дипломатија кон идентитетските прашања, евроатлантската иднина е реална и можна. Сигурен сум дека таа борба е многу потешка, но кога ја водат луѓе со силна енергија и визија, победата е извесна и уште поважно, не е пирова. Македонските граѓани, токму со овие избори, повторно имаат прилика да изберат кому ќе ја дадат својата доверба за остварување на идните стратешки цели на државата и подобрување на квалитетот на нивниот живот.

Кои се вашите клучни забелешки за владеењето на актуелната политичка гарнитура?

Дурловски: Недозволиво е да не се почитува волјата на народот. Напротив, на оние на кои им е дадена доверба за управување со државата треба да го соединат наместо да го поделат по сите основи, да бидат рамо до рамо со секој граѓанин и да го следат неговиот пулс, расположение, особено кога се во прашање големи и чувствителни, државнички и национални теми. Но, исто така, мора и да се гледа покритички кон сите актуелни општествени проблеми и состојби т.е. да се има пореално чувство за потребите од секојдневниот живот на обичниот граѓанин, се со цел да се унапреди севкупниот општествен амбиент.

Дурловски, вие бевте осомничен за тешко дело – тероризам за настаните од 27 април, но по одржаниот судски процес и вашата одлука да ја одбиете амнестијата, бевте ослободен од обвинението. Од овој аспект и по толку време, како гледате на процесот, на настаните?

Дурловски: Најкусо што би можел да кажам во врска со судскиот процес против мене и обвинението за тероризам е дека тоа беше една трагикомична шарада која, за жал, го стави на обвинителна клупа целиот македонски народ и секој чесен и лојален македонски граѓанин кој искрено ја сака својата држава. Воден од таа љубов кон татковината, од грижата за иднината, бев со мојот народ пред парламентот и гордо и од срце ја пеев македонската химна! Пеев, како што пејам секаде низ светот, само што во родната земја бев обвинет и затворен за тоа. Ни помалку ни повеќе, туку за тероризам.


Има затворски казни за тој ден, но има и личности кои ја прифатија амнестијата и сега се слободни. Која е вашата емоција/впечаток и кон едната и кон другата група луѓе – сите на некој начин вклучени во настаните?

Дурловски: Во иницијативата “За заедничка Македонија” сите бевме водени од ист став, иста идеја, која ја надминува дневната политика и ситното политичко профитерство - таа идеја е љубовта кон Македонија и грижата за нејзината иднина. Точно е дека некои подоцна ја прифатија амнестијата, некои се уште ја докажуваат правдата, некои ги лежат долгогодишните затворски казни... Но не сакам никому да судам. Секој постапува по свое уверување. Јас својата лична позиција јасно ја искажав и докажав. Не барав амнестија не затоа што сум смел, туку затоа што не сум виновен и немаше ниту доказ да го докаже спротивното. Јас сум уметник, родител, сопруг, пријател, Македонец кој се бореше за македонскиот народ и беше неправедно притворен и суден.

Можеби се уште и покрај се, вашето име го асоцираме со културата – еден од најпознатите оперски пеачи сте, ја имавте и директорската позција во МОБ. Вашиот придонес е несомнен, уште повеќе квалитетот, но како политиката ја поврзавте во вашата професионалност која е сосем различна?

Дурловски: Интелектуалците, уметниците се значаен столб во секое модерно и развиено општество. Нивниот став е важен и ќе си дозволам да кажам, потребен кога се гради систем во кој треба да има искрен суштински развој на културата и уметноста. Уметниците имаат поинаква матрица на функционирање и постоење. Честопати, различен, неконвенционален поглед на светот. Таквиот пристап може да даде различни и поинакви видувања за актуелните проблеми и тоа не само од областа на културата, ами и пошироко.

Воедно, да се има кариера на интернационален уметник значи и многу насобрано искуство од културното, но и општествено функционирање на други поразвиени земји, кои се далеку пред нас, во секоја смисла. Државата тој потенцијал треба да го користи.

 На што од тој аспект сте фокусирани во моментов?

Дурловски: Во моментов моја најголема желба е да го подобрам статусот на уметноста, уметникот и културата воопшто. Да понудиме нови, свежи проекти, да создаваме вистински културни вредности и, секако, да го сочуваме и негуваме нашето богато духовно наследство како патоказ за идните генерации.

Токму затоа го прифатив предизвикот да бидам стратешки соработник на ВМРО ДПМНЕ за прашања од областа на културата. Со целото мое искуство, активно работам цел овој период на дефинирање на приоритетите за работата што не чека. Да ги искористиме талентот, креативноста и вештините на индивидуалецот, да ги задржиме младите во Македонија, да бидеме горди на нашето минато, да ја направиме нашата култура повидлива во светот, да овозможиме еднакво право на пристап и учество во културата за сите граѓани, таа да биде достапна и на жителите на помалите градови. Воедно да ги подобриме условите во културните установи, но и статусот на културните работници. Повторно со гордост да ги чествуваме националните културни успеси, да го следиме чекорот со европските културни политики, да создадеме повеќе проекти за децата и младите, да го зголемиме присуството на културата и уметноста во наставните програми во основните училишта... Но сево ова, мора да биде во дослух со граѓаните, со уметниците и со нивните потреби. Бидејќи ова што го споменав се само контурите, а програмата, колку и да е обемна, мора да биде проширувана и надградувана во согласност со актуелните предизвици кои ќе ги наложи новото време.

Што целите дека треба да се промени за македонската култура се издигне чекори, ослободена да е од суети и политики?

Дурловски: Токму тоа што го рековте во самото прашање. Македонската култура треба да се ослободи од партиски политички влијанија и препукувања. Луѓето кои го создаваат и планираат националниот културен простор мораат да имаат авторитет и докажано искуство, но и визија, стратегија за развој. Културата не смее да биде некаков конфузен или случаен збир од сомнителни настани и личности, средство за нечие лично нечесно збогатување и напредување во кариерата. Не треба да измислуваме топла вода, доволно е да видиме и примениме некои од успешните концепти на развиените култури, некои дури и релативно блиски до нас.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо