15 Октомври, 2024
0.2271

Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка

ИНТЕРВЈУ ХАРИ КОСТОВ: Понудената цена од 3.200 денари по акција ќе биде прва, последна и единствена понуда од Комерцијална банка за преземање на Стопанска банка Битола

Објавено во: Финансии 22 Август, 2024

Добивај вести на Viber

Една од најинтересните зделки во најава која во последниов период ја окупира домашната бизнис и финансиска јавност, секако дека е понудата од Комерцијална банка за купување на сите обични акции на Стопанска банка Битола. Банката веќе ја стави на маса и својата понуда, а таа е 3.200 денари по акција, и сега се на потег акционерите на Стопанска банка Битола. За тоа кои се мотивите на Комерцијална банка да ја купи Стопанска банка Битола, дали Комерцијална банка смета дека даде пристојна понуда до акционерите, колкав процент од акционерите се очекува да ја прифатат понудата, но и за неколку други интересни прашања на оваа тема, редакцијата Фактор открива преку ексклузивен разговор со првиот човек на нашата најголема банка, Хари Костов, кој е Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Господине Костов, деновиве во бизнис јавноста во земјава најинтересна информација е понудата од Комерцијална банка до акционерите на Стопанска банка Битола за купување на сите нивни обични акции со право на глас. Можете ли да ни откриете зошто Комерцијална банка се одлучи на ваков чекор да ја купи Стопанска банка Битола, кои се мотивите на банката со која раководите?

Костов: Ќе ми дозволите малку пошироко да одговорам на ова прашање, па и да укажам на некои моменти за кои, барем досега, не сум говорел во јавноста. Сé до 2000 година Комерцијална банка беше банка која скоро целосно беше посветена на стопанството и на населението во градот Скопје, со незначително, скоро никакво присуство во другите градови на Република Македонија. Потоа Комерцијална банка почна да се проширува на целата територија на државата, главно со отворање свои филијали, но и со преземање на некои тогашни помали банки. Денес, Комерцијална банка, според активата, е далеку најголема банка во државата. Да потсетам, во 2001 година Комерцијална банка ја присоедини кон себе поранешната Пелагониска банка Прилеп, која стана филијала на Комерцијална банка и денес е една од најдобрите филијали на Банката. Доколку не се присоединеше со Комерцијална, прашање е дали Пелагониска банка со тогашниот квалитет на своето кредитно портфолио, ќе можеше да опстане во банкарската конкуренција. Во таа година, идентична понуда за присоединување дадовме и до Кумановска банка. За жал, и покрај тоа што на првото Собрание мнозинството акционери на Кумановска банка гласаа за присоединување кон Комерцијална банка, заради определени притисоци, на повтореното Собрание не помина одлуката за присоединување. Комерцијална банка отвори своја филијала во Куманово, а Кумановска банка продолжи со тогашната акционерска структура, потоа се појави некој си наводен „странски“ инвеститор, и по неколку години Кумановска банка пропадна.

Уште еден момент. Некаде во 2005 и 2006 година, кога беше коњуктурен период и кога поголемите европски банки купуваа и преземаа банки во Централна и Југоисточна Европа, Комерцијална банка имаше иницијатива за присоединување на уште две помали банки од Македонија. Размислувањата во Комерцијална банка ни беа дека ако сакаме да привлечеме некоја поголема странска банка која е бренд на европскиот пазар, тогаш секако дека таа банка би била заинтересирана да преземе банка која има најголемо учество во банкарскиот пазар во Македонија. Во тој период, поголем број беа банките во Македонија кои беа заинтересирани да се продадат, отколку што имаше навистина некои големи бренд банки кои беа заинтересирани за купување на банка во Македонија. За жал, иницијативата на Комерцијална банка за присоединување со некои од помалите банки не успеа, пред сé по мое мислење, заради личните интереси на некои од тогашните менаџерски структури на тие банки и секоја банка си продолжи самостојно по својот пат.

Сега и за тоа кои беа мотивите и зошто Комерцијална банка се одлучи да даде понуда за преземање на Стопанска банка Битола? Од една страна е фактот дека Комерцијална банка го остварува својот органски раст со пазарно работење, со издвојување секоја година на значаен дел од својата добивка во резерви, со што се зголемува и капиталната сила на банката. Но, натамошен раст на Банката може да се оствари и со таканаречените спојувања и преземања на некои помали банки. Од друга страна, иако можеби некои не мислат така, сепак во Македонија има преголем број банки и мислиме дека има простор за натамошна консолидација. Еден таков пример беше спојувањето на Шпаркасе и Охридска банка пред неколку години. Помалите банки на подолг рок не ќе можат да ја издржат конкуренцијата, затоа што меѓу другото и нивните коефициенти на трошоци се поголеми од тие на големите банки и верувам дека има простор за натамошна консолидација, коешто впрочем е и тренд во ЕУ.

Сeто ова, заедно со желбата на Комерцијална банка уште повеќе да го зајакне своето присуство и работење во Пелагонискиот регион (после далечното преземање на Пелагониска банка Прилеп), доведоа до тоа менаџментите на двете банки да оценат дека е од заеднички интерес да се разгледаат аспектите на можно присоединување и да се спроведе длабинска анализа на работењето на Стопанска банка Битола, од која ќе зависи и натамошната постапка. Определени согледувања и анализи почнаа да се прават уште од последниот квартал на 2023 година, но целокупната длабинска анализа особено се интензивираше од април 2024 година, па сé до пред некоја недела. Резултат на таа анализа е и најавата од страна на Комерцијална банка за поднесување официјална понуда за откуп на 100 отсто од акциите на Стопанска банка Битола, за која веќе добивме претходна согласност од Народната банка и очекуваме истата да се официјализира најверојатно до крајот на овој месец, по добивањето на согласности од Комисијата за заштита на конкуренцијата и од Комисијата за хартии од вредност. Ваквата трансакција сметаме дека има поволности за акционерите на двете банки. Акционерите на Стопанска банка Битола можат да ги материјализираат, впаричат своите акции веднаш по евентуалното прифаќање на понудата. Од аспект на Комерцијална банка, пак, иако Стопанска банка Битола покажа загуба од своето работење за 2023 година, па и во некои квартални периоди на известување, сепак сметаме дека, можеби не веднаш, туку во еден период на среден рок, присоединувањето на Стопанска банка Битола, применувајќи ги политиките, процедурите и начинот на работење во рамки на Комерцијална банка, може да се покаже како профитабилна инвестиција и за акционерите на Комерцијална банка. Исто така сметаме дека ваквото присоединување ќе придонесе за натамошно зајакнување на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем во државата.

Долго време сите погледи беа вперени кон цената која Комерцијална банка ќе ја понуди за Стопанска банка Битола и конечно мистеријата е разрешена, имено, станува збор за понуда од 3.200 денари за акција. Дали сметате дека оваа понуда е реална и квалитетна и кој е Вашиот совет до акционерите, дали да ја прифатат?

Костов: Понудената цена од 3.200 денари за една обична акција на Стопанска банка Битола е резултат на нашата опсежна длабинска анализа која ја извршивме и на нашите оценки за постојното работење и очекуваните идни перформанси на Банката. Точно е дека таа е под книводствената вредност на акцијата на Стопанска банка Битола, но такви се моменталните мултипликатори по кои се тргува на банкарскиот пазар. Но, исто така е точно дека таа е над номиналната цена на акцијата која изнесува 3.000 денари. И е значително над просечната цена од 2.740 денари, која е остварена со тргувањето на акцијата на Стопанска банка Битола на Македонската берза во последните 12 месеци. Имајќи ги предвид овие моменти, мислам дека понудата е реална и квалитетна од аспект на постојното работење на Стопанска банка Битола и мојата препорака до сите акционери на Банката е да ја прифатат оваа понуда.

Последниве денови слушаме гласини од некои постојни помали акционери на Стопанска банка и тоа пред сé во Битола, кои се обидуваат да влијаат и на останатите акционери, дека оваа понуда од 3.200 денари по акција наводно била првична понуда од Комерцијална банка, акционерите да не ја прифаќаат веднаш понудата и дека потоа наводно Комерцијална банка ќе дадела понуда со поголема цена од сега понудените 3.200 денари.

Од името на Комерцијална банка сакам да бидам недвосмислено јасен. Понудената цена од 3.200 денари по акција ќе биде прва, последна и единствена понуда од Комерцијална банка. Нема да има никакво зголемување или намалување на понудената цена или на прагот на успешност. Доколку акционерите на Стопанска банка Битола ја прифатат понудата во потребен процент, веднаш по завршување на техничките процедури ќе ги добијат своите пари, кои веќе се префрлени на сметката на Централниот депозитар за хартии од вредност во износ од нешто над 1,25 милијарди денари за 100 отсто од акциите, и може да си планираат свои натамошни инвестициони или други проекти. Доколку не ја прифатат сегашнава понуда во потребниот процент, тогаш секоја банка ќе си продолжи самостојно по својот пат.

Би сакал да им укажам уште нешто на акционерите на Стопанска банка Битола. Имено, секој акционер во која било компанија, од акциите што ги поседува очекува неколку работи. Компанијата во која има акции да работи профитабилно, да исплаќа дивиденда и да се зголемува цената на акциите. Како што видовме, Стопанска банка Битола изминативе години во најблага рака има променливи резултати од работењето, веќе подолг низ години нема исплатено дивиденда затоа што неопходно е да го зголемува капиталот (секако, добро е што се зголемува капиталот), а цената на акциите на Македонската берза подолг период беше и под номиналната вредност на акцијата и единствено почна да се зголемува со мал обем на трансакциите откако беше најавен можниот интерес на Комерцијална банка за нејзино присоединување. Се разбира гледаме потенцијал и затоа и донесовме ваква одлука.

Имајќи го сето ова предвид, на крајот сакам уште еднаш да повторам дека моја препорака до акционерите на Стопанска банка Битола е да ја прифатат актуелната понуда од Комерцијална банка во неопходниот процент, затоа што никаква поинаква понуда од Комерцијална банка нема да има.

Го одредивте прагот на успешност на 67 отсто од обичните акции на Стопанска банка Битола со право на глас, што се смета за прилично високо ниво. Но, какви се Вашите конкретни очекувања, колкав процент од акционерите ќе се одлучат да ги продадат акциите?

Костов: Нашите проценки се дека и над 75 отсто од постојните акционери на Стопанска банка Битола ќе ја прифатат понудата од Комерцијална банка. Доколку се имаат предвид и аргументите за кои претходно зборував за пазарната цена на акциите, очекувањата за идното работење, дивидендната политика и така натаму, јас лично би бил најзадоволен доколку и 95 отсто од акционерите ја прифатат понудата. Во таков случај Комерцијална банка планира да го користи правото на принудна продажба од член 63 од Законот за преземање на акционерските друштва со задолжителен откуп до 100 отсто од акциите.

Ако најголемиот процент од акционерите ја прифатат понудата, кога можеме да очекуваме дека ќе завршат сите процедури и целосно да профункционира новата поголема Комерцијална банка?

Костов: Доколку се постигне прагот на успешност според понудата на Комерцијална банка, очекуваме завршница на сите процедури и целосно функционирање на новата поголема Комерцијална банка АД Скопје во текот на првиот квартал од 2025 година.

Колкави ќе бидат активата и билансите на Комерцијална банка, по завршувањето на процесот и колкав процент од пазарот ќе опфатат?

Костов: Комерцијална банка АД Скопје со учество од 21,9 отсто е најголема банка во државата според големината на активата на 31.12.2023 година. По завршување на процесот на присоединување, се очекува вкупната актива на Комерцијална банка АД во 2025 година при инвестиција од 1,25 милијарди денари за купување на акциите на Стопанска банка Битола да се зголеми за дополнителни 11 милијарди денари и да достигне износ од скоро 185 милијарди денари. Тоа значи дека пазарното учество во однос на активата би се зголемило за дополнителни 1,5 процентни поени.

Со оглед на тоа што Стопанска банка Битола искажа загуба од своето работење по завршната сметка за 2023 година, па и во првиот квартал од 2024 година, дали ова големо вложување на Комерцијална банка ќе се одрази на планираниот и очекуваниот профит и очекуваната дивиденда на акционерите на Комерцијална банка за 2024 година?

Костов: Сметководствено гледано, доколку понудата за откуп на 100 отсто од акциите на Стопанска банка Битола биде успешна, тогаш во билансите на Комерцијална банка оваа трансакција ќе се евидентира како вложување во хартии од вредност (акции на Стопанска банка Битола), а од другата страна како намалување на паричните средства од сметката на Комерцијална банка за очекуваната вкупна сума од нешто над 1,25 милијарди денари. Или за да биде појасно за Вашите читатели, тоа ви е како денес со дел од парите кои сте ги имале на Вашата сметка, да купите деловен простор кој понатаму очекувате да ви носи приходи и парични средства од работењето со тој деловен простор или неговото изнајмување. Значи, ви се намалиле паричните средства на вашата сметка, но за тоа сте купиле деловен простор. Сепак, сакам да потенцирам дека Комерцијална банка е најликвидна банка на македонскиот банкарски пазар, со огромен вишок на слободни парични средства, така што оваа инвестиција нема да влијае значително на билансите на Комерцијална банка и на нејзините парични текови. За волја на целосната вистина, со оглед на тоа дека не се очекува Стопанска банка Битола да исплати дивиденда за 2024 година, треба да се каже дека Комерцијална банка нема да го оствари приходот кој би го остварила доколку планираните средства за инвестирање во Стопанска банка Битола од околу 1,25 милијарди денари би ги пласирала во некои други хартии од вредност, на пример во државни записи или пласмани во НБРСМ. Сепак, и таа, така да речам, изгубена камата не претставува некој износ од материјално значење за Комерцијална банка. А како што веќе спомнав, во еден период на среден рок, очекуваме и дополнителни позитивни ефекти од инвестирањето во Стопанска банка Битола.

Значи, да заклучам, очекуваното инвестирање во акциите на Стопанска банка Битола нема да предизвика никакво влошување на билансите на Комерцијална банка и акционерите на Комерцијална банка може да очекуваат уште една рекордна година од работењето на Банката, како во поглед на остварената добивка, така и во поглед на очекуваната дивиденда за 2024 година.

Дадовте понуда за преземање на Стопанска банка Битола во која како акционери има и лица кои се наоѓаат на т.н. „црна листа“ на САД. Дали тука постои судир со законите на Македонија или со меѓународните прописи?

Костов: Комерцијална банка целосно ги почитува и е усогласена со сите законски и подзаконски прописи на Македонија, па и со меѓународната регулатива која е директно применлива. Во таа смисла, сме целосно усогласени и ги почитуваме и прописите за спречување перење пари и финансирање тероризам и сите т.н. листи на држави, фирми или лица, кои согласно важечките законски и подзаконски прописи во земјата се утврдени дека подлежат на санкции и од тој аспект би биле неприфатливи за банките во државата. Доколку не е така, оваа трансакција воопшто и не би можела да добие согласност од надлежните регулаторни институции, ниту да се реализира. Согласно сегашната важечка законска и подзаконска  регулатива во Македонија, во структурата на Стопанска банка Битола не постои акционер за кого се изречени такви законски рестриктивни мерки.

Точно е дека во структурата на Стопанска банка Битола има акционер кој се наоѓа на т.н. „црна листа“ на САД, но тука треба да разјасниме две прашања:

Прво, таа „црна листа“ не е содржана ниту во еден законски или подзаконски пропис во Македонија (а Македонија има донесено такви закони и листи) и според тоа, нема директна применливост и обврска за домашните банки и фирми. Напротив, сосема е јасно дека обврската за нивна примена се однесува изричито и само за американски или фирми и банки со седиште во САД. Според тоа, Комерцијална банка дефинитивно не прекршува никаков важечки пропис.

Второ, можеби ова беше и една причините зошто како Комерцијална банка се одлучивме да дадеме понуда за откуп до 100 отсто од акциите на Стопанска банка Битола, а не да размениме акции. Тоа значи дека ниту еден од постојните акционери на Стопанска банка Битола, со оваа трансакција, нема во размена да добие акции или да стане акционер во Комерцијална банка. Напротив, доколку понудата биде успешна, сите сегашни акционери на Стопанска банка Битола ќе добијат парични средства кои, како што реков веќе се префрлени на сметка на ЦДХВ, а не акции од Комерцијална банка.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КОЈ ЌЕ БИДЕ В.Д. ЧЛЕН НА УПРАВЕН ОДБОР СЀ ДО КОМПЛЕТИРАЊЕ НА ПОЛНИОТ СОСТАВ НА НАЈВИСОКОТО ТЕЛО - новини во Стопанска банка Битола

ЕВЕ КОЈ ЌЕ БИДЕ В.Д. ЧЛЕН НА УПРАВЕН ОДБОР СЀ ДО КОМПЛЕТИРАЊЕ НА ПОЛНИОТ СОСТАВ НА НАЈВИСОКОТО ТЕЛО - новини во Стопанска банка Битола

„МИЛТОН“ Е НАЈСКАПОТО НЕВРЕМЕ ВО ИНДУСТРИЈАТА: Осигурените загуби може да достигнат 50 милијарди долари

„МИЛТОН“ Е НАЈСКАПОТО НЕВРЕМЕ ВО ИНДУСТРИЈАТА: Осигурените загуби може да достигнат 50 милијарди долари

КОЈА БАНКА ТЕЖИ 900 МИЛИОНИ, А КОИ ДРУГИ ГИГАНТИ НАДМИНАА ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ЕВРА - еве ги најновите бројки, инвеститорите се на потег

КОЈА БАНКА ТЕЖИ 900 МИЛИОНИ, А КОИ ДРУГИ ГИГАНТИ НАДМИНАА ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ЕВРА - еве ги најновите бројки, инвеститорите се на потег

ПО СЕДУМ ГОДИНИ БЛАЖ БРОДЊАК ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НАДЗОРЕН ОДБОР НА НЛБ БАНКА СКОПЈЕ - презема други активности во НЛБ Љубљана

ПО СЕДУМ ГОДИНИ БЛАЖ БРОДЊАК ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НАДЗОРЕН ОДБОР НА НЛБ БАНКА СКОПЈЕ - презема други активности во НЛБ Љубљана

КОИ ТЕХНОЛОШКИ МИЛИЈАРДЕРИ НАЈМНОГУ ПРОДАВАА АКЦИЈА ГОДИНАВА? Меѓу нив се многу познати имиња

КОИ ТЕХНОЛОШКИ МИЛИЈАРДЕРИ НАЈМНОГУ ПРОДАВАА АКЦИЈА ГОДИНАВА? Меѓу нив се многу познати имиња

НА ПРОДАЖБА ЦЕЛА ЛУКСУЗНА НАСЕЛБА КОЈА ГИ МАМИ БОГАТАШИТЕ ВО БОСНА: Цената е вистинска „ситница“

НА ПРОДАЖБА ЦЕЛА ЛУКСУЗНА НАСЕЛБА КОЈА ГИ МАМИ БОГАТАШИТЕ ВО БОСНА: Цената е вистинска „ситница“

ПОКРАЈ БУЧАВА, ОТСЕГА ЌЕ СЕ КАЗНУВААТ И МИРИС ОД СТАНОВИТЕ: Предлог закон со кој се предвидуваат драконски казни за кршење на куќниот ред во Хрватска

ПОКРАЈ БУЧАВА, ОТСЕГА ЌЕ СЕ КАЗНУВААТ И МИРИС ОД СТАНОВИТЕ: Предлог закон со кој се предвидуваат драконски казни за кршење на куќниот ред во Хрватска

БРИТАНКА САКАЛА ДА ЗАШТЕДИ: Решила една година да не оди на пазарење

БРИТАНКА САКАЛА ДА ЗАШТЕДИ: Решила една година да не оди на пазарење

ПЕТ ГОДИНИ РЕДОВНО ЗЕМАЛ ПЛАТА, А НЕ СЕ ПОЈАВУВАЛ НА РАБОТА: Собрал пари доволно за да купи две луксузни вили, а еве го неговото објаснување

ПЕТ ГОДИНИ РЕДОВНО ЗЕМАЛ ПЛАТА, А НЕ СЕ ПОЈАВУВАЛ НА РАБОТА: Собрал пари доволно за да купи две луксузни вили, а еве го неговото објаснување