24 Ноември, 2024
0.0261

ИНТЕРВЈУ ХАРТМАН, ИСКУСЕН ШВАЈЦАРСКИ БАНКАР, ЗА ФАКТОР: Немојте екстра да ги даночите банките, тие се тука за да ја поддржуваат економијата

Објавено во: Финансии 13 Јуни, 2024

Добивај вести на Viber

Времињата се навистина предизвикувачки, тешко е да се предвиди дали намалувањето на инфлацијата и на каматните стапки е одржлив процес. Точно е дека минатата година неколку банки во светот имаа потешкотии, но она што се случи е далеку од 2008 година, тоа беше системска криза. Сега се случува само едно репозиционирање, и ја сум оптимист во поглед на банкарството во светот. Ова во ексклузивно интервју за Фактор го говори Роџер Х. Хартман, професор на Хајделберг Факултет во Скопје и искусен швајцарски и луксембуршки висок банкар со повеќе од 40 години изложеност на различни финансиски центри во Европа, Блискиот Исток, Африка, Азија и Америка. Тој е виш експерт на „ATTF“ од Луксембург и претседател на Управниот одбор на EFPA Luxembourg Asbl, Здружение со 94.000 сертифицирани финансиски советници во Европа кои се грижат за приватни клиенти. Тој е исто така независен член на одбори во две системски европски банки, во една семејна канцеларија во Индија и е член на Советодавниот одбор во неколку фирми за управување со средства и во група за сајбер разузнавање во Европа и Азија.

Во интервјуто Хартман дава и многу пластичен одговор зошто банките во светот и Европа не треба екстра да се оданочуваат, и зошто тој е голем противник на оние што тоа го заговараат. Се интересиравме и за неговиот став дали има премногу или доволно банки во Македонија, и дали има место за некој нов странски, или можеби домашен банкарски бренд. Но и дали тоа и е потребно на македонската економија. Одговорите на Хартман се извонредно прецизни, јасни, конкретни, разбирливи, но истовремено и моќни... Прочитајте

Дали светот, но и Европа, ја добија битката со инфлацијата, или, можеби таа е поотпорна од она што се очекуваше. Какви се Вашите предвидувања за следниот период и на кое ниво отприлика би се стабилизирале каматните стапки?

Хартман: Тоа е многу добро прашање. Знаете што, јас сум во финансиската индустрија повеќе од 40 години и ќе ви кажам нешто многу искрено, за прв пат во сето ова време, имам тешкотии да ја видам иднината. Да, имаме пробивање на каматните стапки. Знам дека Европската Централна Банка тукушто одлучи да ги намали малку. Но, од друга страна се поставува прашањето: Дали е тоа одржливо? Се надевам дека е. Дали сум сигурен? Не сум сигурен. Ова е опкружување кое е многу тешко да се чита, многу тешко да се предвиди. Затоа се обидувам да бидам многу опортунистичен и да видиме како ќе се одвиваат работите. Од друга страна, сѐ уште се надевам дека работите ќе одат подобро, но е многу, многу тешко. Се наоѓаме во предизвикувачки времиња, и сето она што се случува сега за мене повторно е невидено.

Можете ли да ни кажете во каква кондиција е сега швајцарската УБС банка, откако ја спаси и припои кон себе Кредит Свис, бидејќи на стартот имаше информации за големи загуби во третиот квартал од минатата година, како и отпуштања на голем број луѓе. Дали проблемите се надминаа?

Хартман: Повторно е многу тежок случај, знаете, работев 24 години за УБС. Тоа е интересен факт да се знае. Бев длабоко вклучен во спојувањето помеѓу Унион банка на Швајцарија и Швајцарска банка корпорација. Овие, беа, две банки кои сакаа да се спојат за да создадат нова банка наречена УБС и тоа одеше многу добро.Имено, јас ја напуштив банката во 2007 година, значи ја напуштив пред долго време, а оваа сегашна ситуација е комплексна бидејќи УБС, претходно не сакаше да се спои со Креди Свис и Креди Свис не сакаше да се спои со УБС. Но, во таква ситуација, беше дадена од страна на владата на Швајцарија јасна насока, или би рекол наредба: „момци, ве молам спојте се“. Потоа, банките ја примија наредбата, ако може така да се изразам, и го направија спојувањето. Дали беше лесно? Не, комплицирано беше; А, дали беше најдоброто решение? Не знам, но предоцна е да се дискутира дали беше добра одлука или не. Но, да, сум согласен дека е комплицирано, бидејќи има многу причини за тоа. Секако, има мрежа на филијали во новата УБС, денес, која треба да се реструктуира. Треба да видиме која е улогата на инвестициското банкарство, која е улогата на управувањето со богатството, а која е, пак, улогата на управувањето со средствата. Во некои места имаме премногу луѓе, во некои места немаме доволно луѓе. Тоа е многу комплексно спојување, но управниот тим е на место, од тоа што го гледам, од тоа што го набљудувам, управата на банката е сочинета од насвистина добар тим. Тоа е добра комбинација од високи банкари. Од друга страна, мора да сме реалини и да кажеме дека некои луѓе, во новата кооптирана банка УБС, сега, со спојувањето ќе ги изгубат своите работни места и знам многу, многу колеги кои ги изгубија своите работни места или ќе ги изгубат наскоро, до крајот на годината. Тоа е основната фатална последица од такво спојување.

Затоа, легитимно е да се постави прашањето: Дали Креди Свис можеше да преживее сама? Ќе одговорам, не. Нешто мораше да се направи. Малку сум загрижен поради фактот што комбинираниот УБС е толку голем, што е преголем за да пропадне. Банката е толку голема во споредба со БДП на Швајцарија, што ова предизвикува во стручната јавност тема на загриженост. Дали ќе биде правилно управувана? Јас мислам дека да, бидејќи овие момци од управата се пристојни момци. Но, тоа не е без ризик, бидејќи создадовме нешто што е системски многу големо и може да има проблеми во 10, 20 или 30 години. Но, секогаш кога создадовме нешто што е системски многу големо и може да има проблеми. На пример, после 10, 20 или 30 години, оваа банка ќе биде толку голема во споредба со банката број два во Швајцарија, која ќе изгледа толку помала, во споредба со УБС, јас сум на мисла дека тоа секогаш може да претставува опасност за банкарскиот систем. Преголемата доминација на една банка над другите е концентрација на ризик во една институција, без можност за диверзификација, за тоа велам тоа секогаш е нешто опасно.

Исто така, сличности има и во Франција, во тамошниот банкарски систем. Постои многу големата „БМП Парибас“, но разликата не е толку голема во сооднос оваа банка и втората банка во францускиот банкарски ситем. Швајцарија, тука кај нас, тоа е многу екстремно, како што кажав претходно. Тоа е извор на загриженост и секогаш треба да имаме на ум дека ова е комплексен случај.

Дали, после колапсите и кризите во банкарскиот сектор во светот што се случуваа во минатата година, сега можеме да кажеме дека светскиот банкарски сектор е стабилен, или би можеле да се случат и нови пропаѓања?

Хартман: Знаете, не сме во 2008 година. 2008-та беше многу длабока структурна криза каде многу нешта основно пропаднаа, многу банки исчезнаа, тоа е како 1929 година, тоа е кризата на векот. Она што се случи минатата година не е исто. Имавме неколку банки кои имаа тешкотии, некои прилагодувања, но во никој случај не може да се спореди со 2008-та. Во овој смисол не очекувам големи корекции. Она што природно ќе се случи и мора да се случи, е дека има премногу банки во светот и има места каде јасно има преголема банкарска присутност. Што ќе се случи во средина со преголема банкарска присутност?

Трговските банки ќе одлучат да направат нешто друго, едно репозиционирање, но ова воопшто не е исто како во 2008-та. Разумно сум оптимист за иднината на банкарството. Следната криза, и тоа голема криза, ќе дојде, но тоа ќе биде, како што велиме, криза на векот. Очекувам големи прилагодувања можеби во наредните 20 до 30 години, но не сега. Да продолжиме, работите се во ред.

Дали сметате дека чистите профити на Европските банки се енормно високи, на што се должи тоа и дали не би требало тие посериозно да се оданочат, како што и се заговараше и направи во одредени држави?

Хартман: Тоа произлегува од нивото на каматните стапки. Основно, мислевме дека новата нормалност, од 12 години, со нулта каматна стапка од 2010 до 2022 година, постави околина каде приходите на банките беа со нулта камата. Кога каматите се зголемија, приходите на банките се зголемија со каматите, што всушност е враќање на нормалното. Се враќаме на новата нормалност, нормалноста што ја имавме последните 200 години, само тоа. Дали треба да се оданочат, се разбира не, бидејќи ние сме тука да работиме, ние сме банкари и само се враќаме на нормалното. Не ја гледам потребата да се оданочуваат. Банките се тука за да ја поддржуваат економијата, да носат вредност, работите ќе се коригираат, инвестициите се неопходни. Не, не, не, не ги оданочувајте, јас сум многу јасен во тоа, одговорот е НЕ!

Во Македонија има 13 банки, а од нив дури девет се во претежно странска сопственост. Дали има најави за можен влез на некоја странска банка во земјава и дали македонскиот пазар би бил интересен за некој моќен европски банкарски бренд?

Хартман: Мислам дека да, нема толку многу банки тука и веројатно би имало планови за нови банки. Што би можело да биде нова банка ако почнам да размислувам? Тоа би можело да биде нова, чисто македонска банка, можам совршено да си го замислам тоа, и исто така можам да си замислам некои европски банки заинтересирани за пазарот, бидејќи повратот на капиталот во банкарството во целиот Западен Балкан е многу добар, има некои многу добри случаи во овој регион каде всушност е многу профитабилно да се прави банкарство тука и совршено можам да си замислам дека некои странски институции би биле заинтересирани да влезат на македонскиот пазар.

Кога гледам, што гледам околу мене? Гледам градби, гледам луѓе, гледам вредни луѓе, гледам посветеност, гледам економија која се движи напред, во тешки и предизвикувачки времиња, имам многу добар впечаток од тоа што го гледам и што го набљудувам во Скопје, деновиве. Тоа би можело да привлече интерес, да, веројатно има место за други банки, чисто македонски банки и банки во странска сопственост. Дали е европска или некоја друга меѓународна банка, гледам дека сè е можно, ова е добар пазар.

Дали сметате дека 13 банки се премногу за македонскиот банкарски сектор и дека е потребно да следуваат и нови спојувања или аквизиции?

Хартман: Не, со вашето претходно прашање всушност го кажав спротивното. Тринаесет банки во Македонија, на два милиони луѓе, би рекол - не ми пречи. Секако, пристрасен сум поради моето потекло од Луксембург, каде имаме 129 банки за 700.000 жители, но сум пристрасен бидејќи тоа е меѓународен финансиски центар. Но, во македонскиот банкарски сектор гледам место за раст. Оваа економија расте или би додал, има амбиција да расте, со 5 осто или повеќе. Оттука, за економија која сака да расте, потребни се банки. Но рано е да коментирам, бидејќи треба подобро да ја запознаам Македонија и подготвен сум да дознаам повеќе за државата бидејќи е интересна земја. Веројатно ја минимизирав важноста да го набљудувам она што веќе го нареков “вратата на Ориентот”.

Што му недостасува на домашниот банкарски сектор наспроти европскиот, на што треба најмногу да се фокусираат банките кои работат тука за да ги подобрат своите перформанси и услуги за клиентите?

Хартман: Го велам истото што го кажувам кога зборувам во Швајцарија и Луксембург, моите две земји на потекло. Инаку, јас сум со двојно државјанство. Денес, она што е важно во банкарството во 2024 година е да се оди кон дигитализација. Брзо да се премине кон дигитализација и брзо да се премине кон одржливост. И знаете, на нашата конференција денес, како гостин на Хајделберг Факултет во Скопје, а и негов професор во програмата за банкарство, осигурување и контролинг, бев изненаден да видам дека македонските банки веќе се многу свесни и разбудени за проблемите на одржливост. Во таа насока, кога ги гледам ваквите трендови се цврсто инсталирани во Македонија и одат понатаму во интеграцијата, повторно сум доста оптимистичен.

Како банкар со 40-годишно искуство и исто така како еден од професорите на програмата за додипломски студии за Банкарство, осигурување и контролинг, која е вашата порака за идните студенти на Хајделберг Факултет во Скопје?

Почитувани македонски студенти, млади, никогаш не престанувајте да учите. Ние сме во комплексен свет, работите се менуваат. Имаме некој кој сега магистрира, а има 23-24 години. Тој ќе работи до 70. Знаете што, на 40, денот кога тој ќе има 40 години, сè што научил до 24 години ќе биде целосно застарено, бидејќи светот се менува многу брзо. Потребно е секој млад човек да вгради во себе и да има култура на учење. Ако не учи постојано до последниот ден од неговиот живот, ќе стане застарен, а јас гледам многу темно време за луѓето кои се застарени. Затоа, ќе речам дека застареноста би можела да биде новата болест на иднината, бидејќи работите се движат многу, многу брзо.

Во оваа смисла, моите колеги од С.Р. Германија, направија многу добра работа со Хајделберг Факултет во Скопје. Тое е голем бренд и македонските граѓани мора да бидат свесни за тоа. Да бидат свесни за потенцијалот кој може да се донесе од Франфурт, Хајделебрг, па и цела Гермнаија. Најважно од се, овој факултет, каде и јас сум професор, има огромен потенцијал да им помогне на сите овие луѓе да учат, дали се 23, 25, 40 или 50 години, нема ограничување. Учењето е дух. Денот кога ќе престанете да учите, значи дека сте мртви.

Ме прашаа колегите во Луксембург, Роџер, зошто Хајделберг Факултетот во Скопје? Фактот дека има корени во Германија, каде што имаме универзитети со многу стара традиција, стари германски универзитети, говори и за мојата доверба кон институцијата во Скопје. Тоа е култура на учење, култура на напорна работа. Она што го гледам со Хајделберг е многу добра основа за да биде добар пример тука. Тоа не е единствениот, знам дека има и други странски универзитети, но сите овие структури го имаат истото: да создадат подобри луѓе, пообразовани, или луѓе кои ќе ја водат Македонија кон Европската Унија и кон понатамошен успех.

Како член на Бизнис советот со Германците, како ќе помогнете кон образовните процеси да бидат реформирани? Која е Вашата порака?

Хартман: Секогаш бидете на врвот на бранот. Гледајте напред и навистина инсистирајте на она што е поврзано со одржливост, стратегиско размислување, дигитализација, бидете отворени и гледајте ги новите можности, не гледајте толку многу во минатото, туку секогаш гледајте напред и не само за една година, туку гледајте 10 години напред. Во целиот мој живот, јас секогаш гледам 10 години напред, бидејќи работите нема да се променат толку брзо, треба некаде да ја предвидите вашата насока. Јас, во минатото тоа го практикував секогаш, а во иднина, преку Хајделберг Факултет во Скопје, ќе продолжам да го пренесувам и кон младите македонски студенти. 

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот

Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот

ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ПОВТОРНО ПОРАСНА - во септември достигна 41.585 денари, еве кои сектори имаат најголем раст

ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ПОВТОРНО ПОРАСНА - во септември достигна 41.585 денари, еве кои сектори имаат најголем раст

ОБЕЗБЕДЕНИ 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЗЕЛЕНИ КРЕДИТИ ЗА ДОМАЌИНСТВАТА - силна поддршка од ЕБОР, ЕУ И ЈАПОНИЈА

ОБЕЗБЕДЕНИ 4 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЗЕЛЕНИ КРЕДИТИ ЗА ДОМАЌИНСТВАТА - силна поддршка од ЕБОР, ЕУ И ЈАПОНИЈА

РАСТ И КАЈ ДЕПОЗИТИТЕ И КАЈ КРЕДИТИТЕ - потрошувачките и станбените кредити најпримамливи, еве колку пораснале заштедите

РАСТ И КАЈ ДЕПОЗИТИТЕ И КАЈ КРЕДИТИТЕ - потрошувачките и станбените кредити најпримамливи, еве колку пораснале заштедите

СКИЈАЧИ, ЕВЕ КОЛКУ ЌЕ ВЕ ЧИНИ СКИЈАЊЕТО НА КОПАОНИК: „Скијалишта Србија“ ги објави деталните цени

СКИЈАЧИ, ЕВЕ КОЛКУ ЌЕ ВЕ ЧИНИ СКИЈАЊЕТО НА КОПАОНИК: „Скијалишта Србија“ ги објави деталните цени

БИТКОИНОТ СО НОВ РЕКОРД, РАСТАТ И БЕРЗИТЕ - и покрај тензиите во светот, инвеститорите не запираат

БИТКОИНОТ СО НОВ РЕКОРД, РАСТАТ И БЕРЗИТЕ - и покрај тензиите во светот, инвеститорите не запираат

Која е дамата што шопингот го замени со купување 100 акции во НЛБ Банка и плати 80.000 евра во еден ден?

Која е дамата што шопингот го замени со купување 100 акции во НЛБ Банка и плати 80.000 евра во еден ден?

КОМПАНИЈАТА ТОНЕ ВО ПРОБЛЕМИ, НО НЕ И НЕЈЗИНИОТ МЕНАЏЕР: Фолксваген не може да се пофали со бизнисот, но може со плата на еден вработен

КОМПАНИЈАТА ТОНЕ ВО ПРОБЛЕМИ, НО НЕ И НЕЈЗИНИОТ МЕНАЏЕР: Фолксваген не може да се пофали со бизнисот, но може со плата на еден вработен

МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА ВО ФЕДЕРАЦИЈАТА БиХ: Што ќе значи тоа во пракса за работниците?

МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА ВО ФЕДЕРАЦИЈАТА БиХ: Што ќе значи тоа во пракса за работниците?