Добивај вести на Viber
Ако годинава што почна се остварат прогнозите за економско закрепнување во Европската Унија и ако на домашен терен се реализираат најавените инвестиции – тогаш во оваа 2014 та година може да се очекува засилена кредитна активност и пониски камати за кредитите. Сеапк – ризици има. Во банкарскиот сектор во земјава, две од трите најголеми банки се во доминантна сопственост на странски банкарски групации што се соочуваат со проблеми и затоа состојбата треба внимателно и будно да се следи – порачува во интервју за “Фактор“ универзитетскиот професор и еден од поранешните гувернери на НБРМ, Љубе Трпески.
Кредитна активност и стабилен курс на денарот!
ФАКТОР: 2013 та година помина во знакот на претпазлива кредитна активност на банките. И покрај позитивните параметри за економски раст, стапките на кредитен раст не се позначајни. Зошто продолжија со резервирана и воздржана кредитна активност?
Трпески: Резервираната и воздржаната кредитна активност на банките во Република Македонија има подолга традиција, уште од времето кога се санираа банките после монетарното осамостојување и воспоставените супервизорски стандарди од НБРМ. Таа конзервативна деловна политика на банките придонесе да имаме најстабилен банкарски систем не само на балканот, туку и пошироко, притоа конзервативната политика беше многу повеќе изразена во првата декада од монетарното осамостојување во споредба со денес. Да го илустрирам тоа со еден пример: во првата декада нашите банки девизните депозити од населението преку 90% ги држеа, односно чуваа во првокласни странски банки, се плашеа да ги пласираат во вид на кредити во домашното стопанство или кај населението. Денес, најголемиот дел од девизните депозити се пласирани дома, а само мал дел се пласирани во странски банки. Значи, работите се придвижуваат напред, се разбира со одредена доза на претпазливост, што е потребна во банкарското работење.
ФАКТОР: Дали банките не ги следеа сигналите од НБРМ и вкупните економски трендови?
Трпески: Банките во Македонија не се толку респонзивни на сигналите од Народната Банка, како што се респонзивни банките во западните земји, затоа што нашите банки не позајмуваат средства од НБРМ, како што позајмуваат банките во западните земји од нивните централни банки.
ФАКТОР: Дали Народната Банка сеуште има простор преку мерки дополнително да интервенира во насока на олабавување на монетарната политика?
Трпески: Народната банка во минатата година во неколку наврати превзеде конвенционални и неконвенционални мерки во насока на релаксирање на монетарната политика. Дали има простор за нови потези? Нејзините можности се ограничени од монетарната стратегија што се применува од 1995 година па досега. Секоја поголема кредитна активност влијае на стабилноста на курсот на денарот, а стратегијата на Народната банка е да го држи курсот стабилен.
ФАКТОР: Банките за државни записи чуваат близу 600 милиони евра, и покрај намалувањето на каматите и на државните и на благајничките записи, тоа не ги дестимулираше да вложуваат во хартии од вредност. Како се објаснува оваа состојба ?
Трпески: Сите земји во светот својот буџетски дефицит го финансираат преку емисии на државни обврзници кои ги купуваат банките и другите небанкарски субјекти. Така е и кај нас. Дали тоа може да доведе до истиснување на приватниот сектор од можноста за позначајно кредитирање од банките? Може. Во тој случај треба да реагира Народната Банка со своите инструменти, меѓу кои и благајничките записи, да не се случи тоа. Притоа и тука постојната монетарна стратегија ги ограничува можностите за поголема интервенција на НБРМ.
Окрупнувањето во банкарскиот сектор – неминовност!
ФАКТОР: Дел од банкарите од поголемите банкарски групации посочија дека мора да се случи процес на окрупнување во банкарскиот сектор. Каде ја лоцирате причината за тоа?
Трпески: Големите банки во Македонија се во една покомотна положба во споредба со средните и особено со малите банки. Најголемиот дел од депозитите на населението, и скао од правните лица ( кои се сметаат за евтини извори) се наоѓаат во големите банки. Тие имаат воспоставена мрежа на филијали и експозитури низ целата земја од поодамна, а другите банки немаат или сега ја воспоставуваат а тоа ги поскапува нивните производи, и ги прави неконкурентни на банкарскиот пазар. Резултат на тоа е фактот што поголемиот дел од малите банки се непрофитабилни или на работ на профитабилноста. Еден од излезите на ваквата состојба е нивно окрупнување, кое може да се случи преку нивно спојување, или со докапитализација од надворешни или домашни инвеститори.
ФАКТОР: Што може да се очекува во банакрската 2014 та, дали има можност за намалување на каматите за кредитите?
Трпески: Ако се оствари економското опоравување на земјите од Европската Унија, и предвидената инвестициона активност во нашата земја, тогаш се создаваат услови за понатамошно намалување, најнапред на т.н.лоши кредитни пласмани. Позитивните економски трендови би донеле и намалување на каматите.
ФАКТОР: Кои би биле ризиците? Дел од големите банкарски групации во земјава се во доминантна сопственост на странски банки, па оттука дали кризата во матичните банки може да се одрази и кај нас?
Трпески: Фактот што во две од трите големи банки, банките - мајки се во големи проблеми, секако создава главоболки, не само кај банките - ќерки, туку и кај Народната Банка. Во годината што почна потребено е внимателно и будно следење на состојбите, и ако е потребно, навремена реакција. Олеснителна околност е што нашите банакрски групации со доминантен странски капитал не се зависни од нивните банки -мајки , па проблемите со кој се соочуваат во базата, може само индиректно да има влијание врз банките - ќерки.
А.Д.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: