Интервју Николче Петкоски, Еуростандард Банка: Пониски камати за потрошувачките кредити и кредитните картички!
Објавено во: Финансии 11 Ноември, 2013
Во интервју за “Фактор“ првиот човек на Еуростандард Банка, претседател на Управниот одбор, Николче Петковски вели дека кредитите за компаниите, заклучно со септември, се зголемени за само 1%. Во исто време, банките се во интензивна активност за наплата на достасаните кредити, вели Петковски. Кај населението доминираат потрошувачките ненаменски кредити. Во депозитната база на Суростандард Банка, со 70% учествува населението.
Фактор: Вкупната кредитна изложеност на банките изнесува 3,6 милијарди евра. Според податоците, кредитирањето расте со забавено темпо во однос на прокециите и очекувањата на Народната Банка. Која е причината?
Петкоски: Кредити за компаниите се одобруваат. Заклучно со 30 септември 2013 година кредитите кај компаниите се зголемени за 1%, што значи банките одобрувале кредити за рефинансирање на постојните проекти, но и за нови. Точно е дека интензитетот на кредитирање е понизок отколку кај населението и тоа е резултат на економската криза во реалниот сектор, која се уште се чувствува и главно се одразува на ликвидноста на компаниите. Меѓутоа, од јули наваму има позитивни трендови и кај компаниите, само што поради интензивните активности за наплата на достасаните кредити од претпријатијата, не може да се види промената во вкупната состојба на кредитите.
Фактор: Во првите два квартали економијата испорача раст на БДП. Во исто време, гувернерот оцени дека НБМ ги создала сите услови за зголемување на кредитната активност. Како и колку банките ги следат овие сигнали?
Петкоски: Помеѓу кредитирањето и економската активност постои нераскинлива врска. Не може банките да кредитираат доколку економијата стагнира и обратно, не може економијата да расте доколку банките не кредитираат. Порастот на економијата во првиот квартал од 2,9% и 3,9% во вториот квартал од годинава имаше свое влијание и врз банкарскиот сектор, односно позитивно се одрази во зголемување на кредитите за 7% кај населението и 1% кај компаниите. Принципите по кои работат банките се универзални, се бара добар проект, биланси кои се издржани за соодветниот проект и соодветно обезбедување. Условите за одобрување на кредити на компаниите остануваат исти. Како и досега, нивото на кредитирање на приватниот сектор најмногу ке зависи од понудата на квалитетни и профитабилни проекти за инвестирање. Сите издржани проекти, со добар бизнис план се секојпат добредојдени. За жал постои и одреден процент на оној тип кредитни барања кои се оценети како ризични, што пак би влијаело на нарушување на квалитетот на портфолиото на самите банки.
Фактор: Кои кредити во текот на оваа банкарска година се најбарани од страна на граѓаните?
Петкоски: Сеуште доминираат барањата за потрошувачките ненаменски кредити. Посебно атрактивни се промотивните потрошувачки кредити како Релакс потрошувачкиот кредит кој се одобрува на износ до 800,000 денари со рок на отплата од 84 месеци. Истиот кредит е достапен до 300,000 денари без жиранти/гаранти, а за износи поголеми од 300,000 денари, потребен е еден жирант/гарант. Исто така голема е побарувачка за кредитните картички. Особено атрактивна е MasterCard Standard кредитната картичка, која се издава со 10% каматна стапка на годишно ниво и минимален месечен износ на враќање од само 3%.
Фактор: За кои кредитни линии се заинтересирани компаниите?
Петкоски: Генерално компаниите најповеќе аплицираат за краткорочни и среднорочни кредити наменети за обртни средства. Од кредитните линии најактуелни се ониe со пониски каматни стапки како кредитната линија на МБПР наменети за подршка на мали и средни компании.
ИМА ПОЗИТИВНИ СИГНАЛИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА КАМАТИТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ!
Фактор: Каква е состојбата со вкупните пласмани на Еуростандард Банка?
Петкоски: Во вкупното кредитно портфолио кон нефинасискиот сектор, 11% се кредити на население, а 89% кредити на претпријатија. Вкупниот кредитен раст оваа година изнесува вкупно 6%, односно 5% во делот на правните лица а 11% во делот на физичките лица.
Фактор: На ниво на банкарскиот сектор нефункционалните кредити достигнаа ниво од 11,9%. Поголем удел од скоро 15% имаат нефункционалните кредити на фирмите. Каков тренд се очекува во периодот што следува?
Петкоски: Нефункционалните кредити се на ниво од 11,8%, додека пикот беше достигнат во јуни, кога овие нефункционални пласмани изнесуваа 12,3%. Она што загрижува е растот на нефункционалните кредити кај приватниот сектор каде стапката достигна 14,9% додека кај населението стапката на нефункционални пласмани изнесува 6,9%. Нефункционалните кредити во Еуростандард Банка сеуште се одржуваат во рамки на просекот на банкарскиот сектор, поточно нешто помалку од просекот на банкарскиот сектор. Веројатно е реално да се очекува дека и во идниот период нема да има некое значајно подобрување на оваа категорија на кредити, односно нивното учество во вкупните кредити до крајот на годината многу е веројатно уште да се зголеми. Се надевам дека позитивните економски движења како кај нас така и во Европа, ќе дадат можност во текот на идната година состојбата по ова прашање да се подобри.
Фактор: Какви камати диктира Еуростандард Банка? Дали се очекува намалување на стапките и за кои кредити?
Петкоски: Каматните стапки кај правните лица се одредуваат индивидуелно според финансиската состојба на кредитобарателот, кредитната историја, обезбедувањето на кредитната изложеност и оценката за квалитетот и ризикот на проектот за кој се бара кредит. Со користење на поволни странски кредитни извори, каматните стапки кај кредитите бележаат континуирано опаѓање.
Просечните каматни стапки во Еуростандард Банка се движат во просекот на банкарскиот пазар во Македонија. Кај населението, пред се во делот на понеризичните кредитни производи, како што се станбените кредити каде веќе подолг период постои тренд на неконстантно намалување на каматните стапки. Следејќи го трендот на намалување на референтната каматна стапка во иднина може да се очекува намалување на каматните стапки на потрошувачките кредити и кредитните картички. Сепак каматната политика останува под влијание на присуството на факторите на ризик, висината на каматните стапки на депозитите и понудата на конкурентите.
БАНКИТЕ СЕ ПРЕЛИКВИДНИ, МОЖНО Е НАМАЛУВАЊЕ НА КАМАТИТЕ ЗА ШТЕДЕЊЕ!
Фактор: Каква е структурата на депозитната база на Еуростандард Банка? Каков е соодносот на штедењето во евра (девизи) и денари?
Петкоски: Како на ниво на банкарски сектор, сликата е иста и со депозитната база на Еуростандард Банка. Генерално заштедите растат, иако не со толкава динамика како минатите години. Од вкупните заштеди, депозитите на правните лица изнесуваат 16%, депозити на финансиски друштва и банки 14% додека депозитите на секторот население учествуваат со 70% во вкупната депозитна база на банката. Штедните влогови во денари и натаму остануваат најзастапена категорија и учествуваат со 78%, додека девизното штедење учествува со 22% во вкупните депозити.
Фактор: Врз основа на кои фактори се темелат најавите дека до крајот на годината ќе се намалат каматните стапки за депозитите?
Петкоски: Трендот на пад на каматите кај кредитите и кај депозитите е присутен во сите земји каде што има стабилна инфлација и тоа е нормално ако се има предвид дека банките во моментот се преликвидни, така што секое зголемување на депозитите во отсуство на поголем инвестициски циклус, влијае на намалување на цената на изворите, односно на депозитите, бидејќи тие се најголем извор на финансирање. На намалување на каматите влијае и политиката на НБРМ со која се регулира референтната каматна стапка и каматната стапка на благајничките записи, кои во изминатиот период беа во надолна линија. Висината на каматните стапки не зависи само од деловните банки, всушност се работи за низа фактори кои ја детерминираат оваа стапка. Еден од клучните фактори што влијаат на висината на пасивните камати е висината на активните каматни стапки. Тие се непосредно поврзани, бидејки од самиот извор на средства зависи и цената на пласманите. Покрај ова значајно влијание има и монетарната политика на Народната банка, пазарните услови и конкурентноста. Како резултат на сето ова, до крајот на годинава може да се очекува уште едно намалување на каматите на штедните влогови.
Фактор: Еуростандард банка повеќе од 12 години оперира во банкарскиот бизнис во земјава. Какви се вашите идни планови?
Петкоски: И во идниот период нашите планови се да останеме ефикасна банка, банка која развива партнерски однос со своите клиенти, банка на која што може да се смета на долг рок, бидејќи тоа е единствениот начин за успешно работењето. Воедно со својата понуда на производи и услуги ќе настојуваме да обезбедиме квалитетен раст и развој, да отвориме можност да ги задоволиме потребите на секој клиент.
Фактор: Што може да се очекува во банкарската 2014 та година?
Петкоски: Порастот на економијата во просек од 3,4% имаше свое влијание и врз банкарскиот сектор, односно позитивно се одрази во зголемување на кредитната активност. Макроекономската ситуација е сеуште добра, имаме ниска инфлација, стабилен курс на денарот и здрав банкарски сектор кој сеуште бележи пораст. Сето ова охрабрува и јас сум оптимист дека ни претстојат подобри времиња. Сепак кредитните и ликвидносните ризици кај стопанството се уште постојат и треба многу внимателно да се следат. Воедно зголемувањето на нефункционалните пласмани на ниво на банкарски сектор е доволен показател дека не е реално да се очекуваат големи придвижувања во следната година.
Редакција Фактор
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.