ИНТЕРВЈУ ПРОФЕСОР ТАШКОВСКИ, КАНДИДАТ ЗА РЕКТОР: УКИМ се соочува со силни предизвици, во мојата програма има мерки за нивно решавање
Објавено во: Македонија, Интервјуа 09 Мај, 2023
Денешното време наметнува развој на општество базирано на знаења и иновации. Суштинска улога во тој процес има високото образованието кое на младите луѓе мора да им обезбеди широки знаења и способности за долгорочна кариера, но истовремено да ја поттикне нивната креативност и иновативност со цел создавање нови вредности во општеството.
За жал, општествениот амбиент во Македонија е таков што младите најчесто заминуваат во странство, a економијата е слабо развиена и создава мала дополнителна вредност поради нискиот степен на иновативност. Високото образование мора да биде локомотивата за неопходни промени и движечка сила кон целокупно подобрување на состојбите.
Во таа насока, разговараме со проф. д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје и кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за периодот 2023 – 2026. Целата програма за работа на проф. д-р Димитар Ташковски, заедно со негови биографски и библиографски податоци и најзначајни активности, може да се погледне на: https://tashkovski.mk.
Како еден од кандидатите за ректор, сигурно имате увид во состојбата во која се наоѓа УКИМ, и, генерално, високото образование кај нас. Според вас, кои се најголемите предизвици со кои ќе се соочува УКИМ во следниот период?
УКИМ се соочува со силни предизвици веќе подолго време, кои во наредниот период само ќе бидат интензивирани. Не постои еден главен предизвик на кој може да се фокусираме туку станува збор за поголема група на хетерогени предизвици кои го доведоа УКИМ во состојбата во која се наоѓа. Би ги набројал деградирањето на звањето универзитетски професор во општествениот живот, слабата препознатливост на УКИМ и нелојалната конкуренција од формални и неформални образовни институции, исклучително ниското финансирање на наука од државата, непостоење финансиска автономија на универзитетот, слаба кадровска екипираност на речиси сите единици, недостаток на простор за работа и современи лаборатории, недоволна соработка помеѓу различните единици и вработени на УКИМ, слаби критериуми за унапредување во академски звања, ниска свесност за соработка академија – бизнис, ниско ниво на дигитализација итн. Свесен за сите овие проблеми, мојата програма за работа како Ректор на УКИМ во мандатниот период 2023-2026 предвидува посебни мерки за решавање на сите горенаведени предизвици, кои драстично би ги промениле трендовите на УКИМ кон подобро.
Во последните години сме сведоци на недостаток на финансирање на научно-истражувачка работа. Како сметате дека треба да се пристапи за да се привлечат повеќе меѓународни истражувачки проекти и финансирања?
Искуството од развиените држави укажува дека државното инвестирање во наука и развој мора да биде доминантно во споредба со други извори на инвестирање. Државата мора да почне да издвојува средства за оваа ставка во граници кои се на ниво на европските. На пример, европскиот просек за средства за наука и развој е 2,3 отсто од БДП, кај Израел таа бројка е дури 4 отсто. Кај нас се зборува за бројки од 0,2 - 0,3 отсто, што е поразително. Соочени со недостатокот на финансирање на своите научни истражувања, дел од професорите на УКИМ воспоставија научни врски со странски универзитети и научни институции со кои работат на меѓународни научни проекти, финансирани од странски научни фондови. За зголемување на обемот на оваа меѓународна соработка, УКИМ треба да отвори посебна Канцеларија за меѓународна соработка која ќе им помага на професорите во подготвувањето на апликации за меѓународни проекти, но и истовремено ќе врши ефикасно управување со тековните проекти. Оваа канцеларија би го олеснила целиот процес на аплицирање и водење на проекти. Дополнително, во мојата програма за работа е предвиден и Фонд за наука и развој кој ќе биде финансиран од сопствените приходи на УКИМ. Овој фонд треба да биде основна поддршка на активностите за наука и развој кај кадарот на УКИМ.
Дали на универзитетот се посветува доволно внимание на развој на претприемничка култура и дали постои јасен начин на управување со интелектуалната сопственост создадена од истражувачите?
Најголем дел од иновациите во светот потекнуваат од универзитетските и научните средини. На самите универзитети и академските стартапи се развиваат иновативни продукти и решенија, од нивно осмислување, преку развој на прототипи, па се до комерцијализација. Токму од овие причини, во мојата програма предвидов Канцеларија за трансфер на технологии преку која резултатите од научната работа кои имаат апликативен потенцијал ќе бидат пренесени кон нови и/или постоечки, иновативни мали и средни претпријатија со што би се зајакнала врската со стопанството и би се обезбедил и долгорочен домашен извор на средства за понатамошен развој. Покрај оваа канцеларија, во мојата програма за работа е предвиден и Проректор за трансфер на технологии и иновации со што УКИМ дополнително ќе покаже дека овој сегмент е од исклучително значење во денешно време и во иднина. Конечно, неопходно е УКИМ да развие сопствена Стратегија за интелектуална сопственост со која ќе се регулираат правата на сопственост и можноста за лиценцирање на интелектуалната сопственост од вработени на УКИМ кон нови и постоечки иницијативи. Правото на интелектуална сопственост може да стане и солиден извор на приходи за УКИМ во иднина.
Согледувајќи ја оваа ситуација и потреба, ние на ФЕИТ уште во 2018 го формиравме Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, токму со намера да го олесни процесот на соработка академија – бизнис и да придонесе кон зголемување на претприемничката култура кај студентите и вработените на УКИМ. Во изминативе 5 години, ИНОФЕИТ се покажа како стожер на концептот на договорно истражување за индустрија и тоа не само кај нас. ИНОФЕИТ го разви и го интернационализираше овој концепт во високото образование со што покажавме дека можеме да работиме за и со партнери од индустрија од целиот свет. ИНОФЕИТ реализира реализира договори со локални, како и странски компании. Токму од овие причини, Европската инвестициска банка (ЕИБ) го означи како единствен кандидат со капацитет за прераснување во Центар на извонредност во регионот на Западен Балкан. Уште позначајно, ИНОФЕИТ е првиот и единствен целосно оперативен дигитален иновациски хаб (ДИХ) во С. Македонија и како таков е вмрежен во повеќе европски програми преку кои нуди соработка за компании од земјата и странство. ИНОФЕИТ ДИХ поседува и најсовремена лабораторија во домен на Интернет-на-нешта и овозможува централно место за експертиза, прототипизирање и консултации за сите заинтересирани чинители.
Дали студиските програми на УКИМ се усогласени со европските стандарди за високо образование и меѓународно акредитирани?
Добар дел од студиските програми на УКИМ се современи и ги следат светските трендови, но немаат меѓународна акредитација. Минатата година, ФЕИТ доби акредитација од германската агенција за акредитација на инженерски студиски програми – ASIIN со што стана првиот и единствен факултет во државата со меѓународна акредитација. Согласно искуството од овој процес, неопходно е искрено согледување на постоечката ситуација, сеопфатна самоевалуација и јасно потенцирање на слабостите. Јас немам дилеми во капацитетот и знаењата на нашите професори, но сметам дека треба да се работи на збогатување на студиските програми со цел стекнување меѓународна препознатливост, да се користат нови технологии и методологии за подобрување на наставниот процес, да се обезбеди нов простор за работа и за лаборатории, да се зголеми практичната работа на студентите, да се осигура постојано следење на трендовите и нудење на можности за дообразување и, конечно, да се зголеми интернационализацијата на наставниот кадар и студентите. Како резултат на оваа модернизација на студиските програми, УКИМ би прераснал во современ, отворен и истражувачки ориентиран универзитет. За поддршка на процесот, во мојата програма се предвидени неколку нови центри на УКИМ (за е-учење, за унапредување на компетенциите на наставниците, за инклузивно образование, за доживотно учење) заради адекватно справување со погорните проблеми преку централен пристап кој би осигурал нивно квалитетно адресирање. Конечно, предвидувам и Канцеларија за обезбедување на квалитет која би се фокусирала и на одржување на квалитетот на студиските програми.
Дали и колку УКИМ посветува внимание на интердисциплинарноста во академските програми и истражувања?
Како Ректор силно ќе се залагам за засилување на соработката меѓу факултетите на УКИМ. На универзитетот постојат извонредни кадри, со извонредни публикации и меѓународни референци и нивниот потенцијал мора да се стави во функција на идниот развој. Новото време носи проблеми кои не припаѓаат ексклузивно само на една област туку се по својата природа интердисциплинарни. Јас сум длабоко убеден дека на УКИМ постои огромна експертиза кај наставниот кадар и истата треба да се искористи за внатрешно отворање за соработка што ќе ја олесни интердисциплинарноста. Се разбира, ова се однесува и на студиските програми, но и на меѓународните проекти во кои учествуваат професори од универзитетот. УКИМ е интегриран универзитет и таа интегрираност треба да се рефлектира на дело.
Дали и колку УКИМ вложува во дигитализацијата?
Дигитализацијата на УКИМ е прашање на кое подолго време се навраќаме, а сеуште го немаме соодветно решено. Јас би рекол дека дигитализацијата треба да се гледа во три посебни сегменти: (1) дигитализација во наставниот процес, (2) дигитализација на студентските услуги и (3) дигитализација на административната работа. УКИМ поседува сопствен систем за дигитална поддршка на наставниот процес кој треба постојано да се одржува и надградува. Се разбира, неопходно е и континуирано подготвување на наставниците за користење на новите дигитални алатки. Затоа, во програмата предвидувам Центар за е-учење преку кој треба да се реализираат сите активности на дигитализација на наставниот процес. Посебно внимание ќе се обрне на студентските идеи во овој сегмент затоа што новите генерации многу поприродно комуницираат користејќи дигитални технологии.
Дигитализацијата на студентските услуги е неопходна за поефикасно опслужување на студентите и растеретување на административниот кадар на факултетите. Постоечкиот систем треба да се надоградува со можности за целосно електронско плаќање на услугите, електронско поднесување и добивање документи и конечно воведување електронски индекс за студентите.
Дигитализацијата на административната работа може да се спроведе сововедување на систем за управување на документи, систем за интегрирано финансиско и сметководствено работење, систем за собирање на податоци поврзани со работните процеси и процедури и систем за ефикасно известување во рамките на УКИМ, но и спрема пошироката заедница. Овие системи, покрај тоа што би ја зголемиле ефикасноста на работата, ќе овозможат и поголема транспарентност во работата на универзитетот како и поефикасно планирање и реализација на финансиското работење на УКИМ, ќе создадат претпоставки за креирање на систем за следење и обезбедување на квалитетот во сите дејности, како и поедноставно прибирање и анализа на големиот број податоци со кои работи УКИМ.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.