ИНТЕРВЈУ: РОБЕРТ АТАНАСОВСКИ,ФОТОРЕПОРТЕР, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ЖАН МОНЕ“: Мајстор на контрастите, уметник на вистинити кадри!
Ако можеш да го фатиш моментот на страст или нирвана кај луѓето тоа е како да си го фатил контрастот меѓу небото и земјата!
Објавено во: Македонија 05 Јануари, 2017
Годината што измина, како ретко
која досега, беше извор на настани и информации, што минуваа покрај нашите очи
на илјадници фотографии и снимки. Но, одблизу, за објективот на
фоторепортерите, значеше, денови и ноќи изминати по правливи улици на пеколно сонце
и дожд, да ги документираат овие судбински случки, за да останат во историјата,
и голем дел од нив, да се надеваме никогаш да не се повторат. Протести,
мигранти, превирања, насилство, „шарени„ денови, поплави, речиси без ден одмор
значеа предизвик и пред се професионална истрајност за фоторепортерот Роберт
Атанасовски. Повеќе од заслужено, непосредно пред крајот на годината ја доби
наградата „Жан Моне“, а едиторите во престижните агенции Франц Прес, АТФ,
Гардијан, со многу доверба селектираа негови фотографии, во кои прецизно, со
приказна и емоција од која застанува здивот, ги пласираа на насловни страници
што ги видоа милиони во светот. Вистински мајстор, да го фати моментот, и да ги
ги прикаже спротивностите. И таму ја гради приказната, во двете крајности на
реалноста.
За Атанасовски, сето ова е професија што ја работи безпоштедно и со многу љубов. Искрен, понекогаш дрзок во име на вистината, тој е трпелив како ловец во шума. Натоварен со објективот, може со часови да ја чека вистинската фотографија, додека наоколу, татне бура од човечки судбини и емотивни манифестации, па и огнено оружје. Се случило, да биде распнат и меѓу професионалноста, и тогаш кога треба само да останеш човек што некому ќе се најде во невоља. Длабоко етичен ( формално образование филозоф), почитувач на естетиката во сите нејзини форми, Атанасовски, без сомнение е еден од оние што ни ја документира и истовремено ја одблежаа минатата година. Неговиот израз е фотографијата, но сепак се обиде да проговори за некои репортерски приказни, што никогаш нема да ги избрише од сеќавањето.
(ГАЛЕРИЈА) ФОТОГРAФСКОТО ОКО НА РОБЕРТ: 2016-та низ објективот на Атанасовски!
Во разговорот се вративме и назад во повеќе од две децении, кога кариерата ја почна во некогаш независниот и објективен дневен весник „Дневник“. Се обидуваше да се сети, кога прв пат, фоторепортерскиот адреналин проработел, многу сериозно. Вели, минатава година беше толку преполна со настани, што некако ги избриша сите претходни сеќавања. Сепак, тешко се заборава, кога животот ти е во опасност. Во конфликтот во 2001-та, се нашол и легнат на земја додека, рафали му поминувале врз глава. Но, според него крвта се леди повеќе, кога постои неизвеснот од потенцијална опасност.
разговараше: Ана Василевска
КОНФЛИКТ 2001-НЕИЗВЕСНОСТА ПОСТРАШНА ОД ПУКОТНИЦИ
- Во конфликтот во 2001-та, кога сеуште не зневме што точно се случува, со еден новинар бевме на редакциска задача во Радуша. Тоа беше кризно подрачје, каде што се очекуваше да ескалираат тензиите. Имавме некакви панцири, и обично необезбедено возило. Кога стигнавме на местото, никој, жив човек нема. Си го слушаш сопственото дишење, а атмосферата навестува , како секој миг да ќе се случи нешто многу страшно. И одеднаш на едно дрво, искачени луѓе во црна униформа, а не знаеш ни кој се ни што се. Дали паравојска, дали војска, дали полиција...Хорор, раце ми се тресеа, возиме полека, си викам, батали и сликање и се, да бегаме од тука. Застанавме, излезе, дека се македонска полиција. Ни рекоа, дечки бришете од тука, ќе има големо срање, и ние не знаеме што точно. Беа вооружени до заби. Си заминавме, а следниот ден, точно на ова место, имаше многу сериозни пукања, раскажува Атанасовски, како да било вчера.
Вели, подоцна во оние организирани и обезбедени посети на ова кризно подрачје, било малку полесно. Но, според него, војна е војна, тука играчка нема.МИГРАНТИ-ДА СЕ ОСТАНЕ ЧОВЕК
Дали е опасноста помала, кога некои настани навидум не се ризични, според Атанасовски, никогаш не се знае. Развојот на приказните, се случува од минута во минута. Никој не претпостави како ќе се развие мигрантската криза.
-Во првите денови тоа беше влез на десетина, па стотици и на крајот илјадници луѓе што ја минуваа границата. Ден за ден, го гледав тој хаос, сведочев на веројатно една од најголемите облици на човечка трагедија, кога некој треба да помине 10.000 километри, да го напушти домот, да се раздели со најблиските. Тука, имаше мажи, жени, деца, стари и млади, се. Сите имале своја животна приказна, професии, некоја цел, но во овој миг, сите бегаат само каде што има мир, во потрага за безбеден живот. Беше, многу тешко да се дистанцирам, и да не сочуствувам со нивната болка.
Се случило и да заборави дека треба фотографиите да стигнат навреме, кога се ставил во функција да помогне.
-Имаше тешки, траорни денови. Буквално, почнав да ги живеам нивните судбини. Ми се приближува детенце, на возраст од десетина години, некако ми објаснува дека ги загубил родителите и сакаше да телефонира. Му го дадов телефонот. По педесет неуспешни обиди, вртејќи на некои сириски телефонски броеви, конечно ги доби. Којзмнае колкава беше телефонската сметка, а и колегите пратија фотографии пред мене, но не ми беше гајле. Не можам да ја опишам, таа радост во очите на детото кога го слушна гласот на родителите. Ти навираат и солзи и истовремено си среќен, дека ете барем малку си помогнал. Потоа, нашето секојдневие и реалноста, ми изгледаа некако рамни, во споредба со тоа што го гледав таму...ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА- „ЛУТИТЕ ПИЛИЊА“ ИЛИ ДОСТА НЕ ФАРБАВТЕ
И после речиси два месеци на граница, гледајќи реки луѓе, за Роберт немаше одмор. Почна спонтано социјано движење, кое зеде замав и стана симпатична револуција. Можеби е помалку важно каков импакт „Шарената револуција“, ќе има во подоцнежните општествени случувања, но фоторепортерското око вели, дека беше автохтона и искрена потреба на граѓаните за промена. И тука имаше се и сешто. Брутални пресметки со полицијата, позитивни и многу тензични денови, вели тој.
- Во сите овие години на македонска демократија, можам со сигурност да кажам дека не се случило толку масовно и автентично граѓанско движење за промена. Не сакам да навлегувам во полтичките мотиви, но тоа што го гледав со денови беше навистина шармантно. Затоа и очите на светската јавност се свртеа кон шарените. Бев среќен што светот можеше да ја види оваа прогресивна сила меѓу нашите сограѓани.И фасцинираше, пацифистикиот момент, значи вооружени со боја, ја упатуваа пораката, доста не фарбавте. Таквиот колорит, беше инспиративен за фотографија и прерасна во еден серијал што го нареков Angrie birds. Исто како епизодите од оваа анимирана серија, следуваа ден за ден рој фотографии што ги пренесуваа светските агенции. Морав да се држам и до вистината, без цензура. Значи, имаше и брутални моменти, соочувања со полицијата, и апаратот како буквално да одеше од кадар во кадар, во обид да пренесе целосна и вистинита приказна. Горд сум што на некој начин бев дел од овие шарени македонски состојби.
ВИСТИНА ВС ЦЕНЗУРА
За новинарската, репортерската професија, за жал важи правилото, лошата вест е добра вест. Колку повеќе драматичност, толку повеќе штоф за фотографија и текст. Но, за Атанасовски, не смее да се биде лешинар, да се гледа само профитот од тоа што го гледаш пред себе. Не смее да се додава ниту да се одзема. Виситината е најважна.
-Се обидувам секогаш да останам професионален. Познато е дека во оваа работа многумина го гледаат само профитот. Ги монтираат фотографиите, лажираат вистини во служба на некаква пропаганда. Тука лага не смее да има. Секогаш мислам на луѓето кои не се директни сведоци на тоа што го гледам во одреден миг, и морам да им ја пренесам вистината. Најголемо зло е да креираш, поинаква стварност. Ако се додава во естетска смисла, тоа е во ред, но никако да ја измести реалноста.
Работејќи со странските агенции, каде што конкуренцијата е огромна, разбрав дека автентичноста што можам да ја имам, се постигнува само со искрен сентимент што ќе го има фотографијата. Научив да го препознаам и флуидот, додека фотографирам. Некогаш приказните сами ти се внесуваат во објективот, има луѓе кои буквално влетуваат во апаратот, додека има и такви кога знам дека не можам да извадам никаква емоција. А единствено, за тој што ја гледа фотографијата, комуницира емоцијата, и се разбира вистината, која секогаш си го наоѓа својот пат.
ИЛЈАДА ФОТОГРАФИИ СО СТО РАБОТИ ОД МАКЕДОНИЈА, ШТО СЕКОЈ ТРЕБА ДА ГИ ВИДИ ПРЕД ДА УМРЕ
Никој никогаш не знае кога ќе го постигне зенитот на својата професија. Атанасовски вели дека не знае дали ја направил својата животна фотографија, но апаратот е како срастен орган за неговото тело, и никогаш не се знае кога ќе биде неговата фундаментална функција. На неговите фотографии се редат илјадници лајкови на социјалните мрежи, речиси секогаш кога успева да создаде композиција на контрасти. Тие му се омилени, веројатно заради рамнотежата што ја креира оваа естетика- во црното бело и белото црно. Вели, кога ќе сликаш манекенка на писта, е речиси незначајно но приказна има кога истата би ја фотографирал во рушевини. Неговата мисија и натаму останува да се фотографира вистинитоста на времето и просторот, но ветува проект во кој сака да го прикаже најдоброто од земјава. Таа фотографска биографија на Македонија би ја нарекол „Илјада фотографии од сто работи што секој треба да ги види од Македонија, пред да умре“. Во меѓувреме, тој ќе не изненадува со перекрасни фотографии од нашето секојдневие, приказни кои патем не ги забележуваме, а ги има во изобилие, да не постетат, замислат или изострат нашата субјективна перцепција.
Погледнете ја галеријата: