НА ОНКОЛОГИЈА ПОВТОРНО НЕМА БИОЛОШКА ТЕРАПИЈА: Недостигаат лекови за најтешките пациенти со карциноми
Објавено во: Македонија 21 Јануари, 2025
Лекови од суштинско значење, како „atezolizumab
(tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“,
„fulvestrant“ и „cetuximab“, недостасуваат на Клиниката за радиотерапија и
онкологија. Пациентите во изјава за
МИА информираат дека моментално нема биолошка терапија, што го зголемува
нивниот страв за можен недостиг и на други лекови, како „trastuzumab emtansine
(kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
- Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет. Доколку Фондот за здравство и Министерството имаат разбирање за итноста на оваа промена и најдат соодветно решение, во иднина овие проблеми од немање терапија што значи живот за многу пациенти, нема да бидат предмет за дискусија. Затоа повторно апелираме до Министерството и Фондот за здравство да се најде моментално решение за пациентите кои во овој период се оставени без терапија, но и да се работи на решение за истите овие лекови во иднина да бидат на Позитивната листа, изјави за МИА, Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.
Од Клиниката за онкологија посочуваат дека состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година.
-Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови, одговорија од Клиниката.
извор: МИА