24 Јуни, 2025
0.0274

Интервју проф. д-р Венера Крлиу проректор за настава на УАКС, претседателка на Одборот на директори на УАКС, директорка на Американската Гимназија Скопје

ИНТЕРВЈУ Проф. д-р Венера Крлиу: Образовна трансформација, водена од визија и посветеност

Објавено во: Мои пари 20 Мај, 2025 08:17

Добивај вести на Viber

Со 20 години посветеност на квалитетното образование, Универзитетот Американ Колеџ Скопје не е само академска институција, туку е и приказна за визија, луѓе и вредности што го поминале тестот на времето и продолжуваат да живеат и понатаму. Во центарот на таа приказна стои професор д-р Венера Крлиу - проректор за настава, претседателка на Одборот на директори на УАКС, директорка на Американската гимназија и пред сè, лидер со интегритет.

Со неа разговараме за почетоците, за луѓето кои ја направија оваа идеја возможна, за студентите, и за тоа што значи да се гради универзитет кој е посветен на образование на иднината.

Проф. Крлиу, годинава УАКС слави 20 години постоење. Кога ќе се навратите назад, на почетокот, каде започна сѐ, што беше таа прва идеја што Ве поведе да го основате универзитетот? Вашата улога беше клучна во поставувањето на темелите на УАКС. Што лично Ве водеше тогаш – и што Ве води сè уште денес?

Сѐ започна како една храбра, можеби и амбициозна идеја - денес од оваа гледна точка поттикната од довербата од моите родители - која беше поддржана со безрезервната љубов од мојот татко Едмонд Крлиу. Тие не само што ја препознаа мојата страст и амбиција, туку и вистински верувааа дека можам да го направам тоа што тогаш изгледаше како голем чекор во непознато. Тоа за мене беше многу повеќе од поддршка - тоа беше момент што ми го трасираше патот и ми покажа колку е важно кога некој верува во тебе.

Од таму потекнува и мојата посветеност на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, затоа што тоа никогаш не беше и не е само институција за мене. Тоа беше и сѐ уште е заедничка мисија, семејна приказна, проект воден од љубов, вредности и визија. И токму затоа денес УАКС го гледам како семејство – затоа што така започна. Со семејна поддршка, со почит, со доверба, со желба да се создаде нешто што ќе трае и ќе има вистинско влијание.

Мојата улога во поставувањето на темелите беше лична, длабоко емотивна. Сакав да создадеме простор каде што ќе се негуваат знаењето, интегритетот и човечноста, вредности кои се длабоко вкоренети во мене од страна на мојата мајка. И тоа ме води и денес – желбата да создаваме средина во која луѓето се важни, каде што се работи со срце, и каде што секој чекор е воден од визија за подобро образование и подобро општество.

Тие почетоци не ги заборавам никогаш – тие се мојата мотивација и мојот компас. Затоа УАКС за мене не е работа. Тоа е животна приказна. И таа приказна ја живеам со истата страст и денес.

Често зборувате за УАКС како семејство. Каква е улогата на вработените во таа приказна? Ако можете да им испратите една порака на сите членови на УАКС тимот по повод 20 години – што би им рекле?

Токму така, УАКС за мене е семејство, и тоа не е фраза – тоа е нешто што го живееме секојдневно. Семејство се гради преку заедништво, почит, доверба, посветеност и поддршка. И ние тоа го правиме секој ден. Без разлика дали станува збор за донесување одлуки, справување со предизвици или славење на успеси – инсистирам сето тоа да го правиме заедно. И токму затоа УАКС е толку успешна приказна. Секој член на УАКС семејството е дел од мозаикот и има своја улога во создавањето на оваа институција. Ние не сме само професори, асистенти, координатори или администрација - УАКС се луѓето што вложуваат и срце и душа во она што го градиме заедно веќе 20 години.

И токму затоа мојата порака до УАКС семејството е едноставно: БЛАГОДАРАМ. За посветеноста. За човечноста. За тоа што не се штедите кога станува збор за студентите, за колегите, за универзитетот. Животот не се мери преку титули, признанија или формални успеси, туку преку љубовта што ја даваме, вредностите што ги практикуваме и она што го оставаме како влијание врз животите на другите. Да продолжиме заедно да создаваме разлика и убави спомени.

Она што го потенцирате често е дека фокусот на УАКС е секогаш на студентите, и дека целиот процес е организиран за да ги задоволи нивните барања и потреби. Што значи тоа, конкретно? Како овој пристап влијае врз подготовката на студентите за реалниот свет и за иднината? Во што УАКС се разликува од другите институции кога станува збор за односот со студентите?

Студентите се во срцето на сè што правиме на УАКС. Тоа не е само политика или стратегија, туку наш начин на размислување. На УАКС, секој студент е личност, со свои цели, таленти и амбиции. И токму затоа пристапот е индивидуален, студентите добиваат менторска поддршка, имаат отворена комуникација со професорите кои се секогаш достапни за нив, и тие се активно вклучени во процесот на учење.

Наставните програми се динамични и дизајнирани така што ги следат актуелните трендови во индустријата и се приспособуваат кон реалните потреби и на младите и на пазарот на труд. Фокусот е ставен на подготовката на студентите за реалниот свет - преку практични задачи, студии на случај, истражувачки проекти, како и стручна пракса, со што студентите се подготвуваат не само академски, туку и професионално. Дополнително, секогаш инсистираме на мали групи студенти што овозможува персонализиран однос и континуирана евалуација, односно дава можност секој студент да може да го извлече максимумот од своето образование. На овој начин нашите студенти не само што стекнуваат знаење, туку учат да размислуваат критички, да поставуваат прашања, да решаваат проблеми и да создаваат иновации.

Она што вистински го издвојува УАКС е посветеноста на градење партнерски однос со студентите. За нас студентите не се бројки, туку се млади професионалци, идни лидери. Ги вклучуваме во процесот, ги слушаме нивните мислења, ги охрабруваме да дадат глас преку анкети, состаноци и неформални разговори, и тоа го правиме за да потврдиме дека наставниот процес е ефикасен, современ и инспиративен.

Една од карактеристиките на УАКС е поврзаноста со реалниот сектор преку организираните пракси во текот на школувањето. Како функционира тој модел? Според Вашите сознанија, како праксата го менува студентското искуство и како тие поврзувања влијаат врз самодовербата на студентите?

Моделот на практична настава на Универзитетот Американ Колеџ Скопје се заснова на стратешко поврзување со компании и институции од реалниот сектор, каде студентите добиваат можност да применат теоретски знаења во реални работни средини. Овој процес е системски организиран – со поддршка од координатори за пракса, ментори од компаниите и академски надзор – што овозможува структура и континуитет во искуството.

Од искуство, праксата има трансформативно влијание врз студентите. Студентите кои за првпат одат на пракса, назад се враќаат со самодоверба, со појасна слика за себе и за професионалниот контекст, со развиени практични вештини и професионални навики, односно со искуство кое ги подготвува за следните чекори. И тоа не завршува таму, често тие контакти стануваат први работни понуди, стажирања или дури долгорочни кариери. Овие искуства директно придонесуваат студентите да се чувствуваат подготвени, релевантни и способни да се справат со предизвиците на пазарот на трудот.

85% вработеност веднаш по дипломирање е исклучителен резултат. Според вас, што е клучот за тој успех?

Овој резултат не е случајност, туку последица на систем што работи. Кога студентите излегуваат од УАКС, тие веќе имаат искуство, контакти, знаат што сакаат и знаат колку вредат. Студентите излегуваат со конкретни вештини и тоа ги прави веднаш вработливи. Тие се подготвени за пазарот на трудот.

Воедно, УАКС има силна поддршка од Деловниот совет. Преку Центарот за кариера одржуваме работилници, на студентите им се овозможени менторства, насочувања, но и поддршка за изработка на CV и подготовка за интервјуа. Клучниот момент тука е што нашите програми не се само академски, тие се динамични и поврзани со индустријата, усогласени со пазарните потреби, што создава профили на дипломци што се барани. Нашата соработка и воспоставениот Деловен совет во кој членуваат повеќе од 250 реномирани компании, дава сериозни резултати. И секако, како краен заклучок - компаниите точно знаат што значи студент од УАКС. Затоа и вработливоста е толку висока.

УАКС има преку 150 меѓународни партнерства. Што значи таа глобална мрежа за студентите, и како меѓународните соработки влијаат врз квалитетот на наставата и научната работа? Дали постои некоја соработка на која сте особено горди?

Приказната на УАКС е меѓународна во својата основа, нашите вредности се врзани со присуството на меѓународни професори, странски студенти и користење современа странска литература. УАКС е ризница на разноликоста.

Горда сум што УАКС е домаќин и активен учесник во меѓународните академски текови. Преку нашето долгорочно учество во Еразмус+ програмата, голем број студенти и наставници реализирале престој на универзитети во ЕУ, а истовремено и УАКС е домаќин на странски студенти и професори. Тоа создава една динамична академска средина и промовира интеркултурен дијалог и разбирање.

Особено сум горда на соработките со Универзитетот Tor Vergataво Рим, Универзитетот Cattolica во Милано и Rennes School of Business од Рен – партнерства што не носат само признание, туку и вистински трансформативни искуства за нашите студенти преку програмите со двојна диплома.

По повод јубилејот 20 години постоење, УАКС ќе додели почесна титула на проф. д-р Светлана Мојсов. Како дојдовте до таа одлука? Што значи ова признание за студентите, за Универзитетот, но и за општеството воопшто? Кои активности се планирани во рамки на прославата, и што сакате да испратите како порака преку нив?

Јубилејот 20 години УАКС за нас, за мене е исклучително значаен.Изминативе две декади заедно со сите членови на УАКС семејството направивме навистина многу и тоа сакавме и да го прославиме на соодветен начин.

А за мене, не постои подобар начин од давање конкретно признание за една исклучителна академска кариера, но и признание за интегритет, академска и професионална извонредност и признание за општествена одговорност, клучни работи кои се столбот на вредносниот систем на УАКС. Токму затоа ми е исклучителна чест и задоволство што проф. д-р Светлана Мојсов позитивно одговори на нашата иницијатива да ѝ ја доделиме титулата Професор Honoris Causa. Таа како светски призната биохемичарка, професорка на Рокфелер Универзитетот, и од скоро член на Американската академија на науки, е прекрасен пример за интегритет и академско достигнување за нашите студенти, а воедно е и неверојатен пример за тоа како знаењето може да се стави во служба на човештвото. Ова е една од највисоките академски почести што еден универзитет може да ја додели, и навистина сум среќна што проф. Мојсов ќе се вброи меѓу бројните и значајни имиња на УАКС кои низ годините го добиле ова признание.

Оваа почесна титула за проф. Мојсов е дел од јубилејната програма, која ќе опфати неколку клучни сегменти. На крајот на мај, под мотото „Family First“, ќе се одржи традиционалниот настан за вработените и нивните семејства, а веќе во јули ќе се одржи Летната школа по архитектура, преку која ќе го истакнеме влијанието на УАКС врз урбаното размислување. Во септември пак, организираме формален бизнис-настан со нашите партнери од деловниот совет со кои ја продолжуваме соработката и понатаму. Во ноември, организираме Едукативен форум посветен на иднината на високото образование во Македонија, кој лично сметам дека ќе биде клучен момент од кој ќе произлезат многу важни заклучоци за образованието во земјата. Ние секогаш сме биле предводници на новите идеи, така ќе биде и понатаму. Воедно, нѐ очекуваат и нови меѓународни соработки и академски иницијативи, а во тек е и развојот на еден нов проект во кој се спојуваат сите наши вредности, за кој повеќе детали ќе споделиме подоцна годинава.

Пораката на оваа прослава на значајниот јубилеј е многу едноставна, но силна - приказната на Универзитетот Американ Колеџ Скопје продолжува. А најдоброто следи.

Како директорка на АХСС, вие ја пренесувате визијата на УАКС и во средното образование. Како се поврзани овие две институции? Што Ви е најважно кога работите со тинејџери?

Работата со тинејџери е нешто навистина посебно. Како директорка на Американската гимназија Скопје или AHSS, ја чувствувам одговорноста – но и привилегијата – да го пренесам духот и визијата на УАКС во една нова средина и во тој контекст да бидам мостот помеѓу средното и високото образование.

Гимназијата и Универзитетот се природно поврзани – и тоа не е само формално. Двете институции имаат заедничка цел и ги делат истите вредности: квалитет, отвореност, критичко мислење, личен развој. AHSS е место каде што се поставуваат темелите, каде што младите учат како да прашуваат, како да бидат љубопитни, како да растат. Во AHSS се обидуваме навреме да ги препознаеме предизвиците со кои се соочуваат учениците – од неизвесноста околу идната професија, до притисоците од средината – и да им понудиме поддршка преку менторство, советување и академски насоки. УАКС е всушност следниот чекор – логично продолжение на тој развој.

Најважно ми е да ги слушнам тие млади луѓе – не само што мислат, туку што чувствуваат. Да ги разберам нивните амбиции, желби и потреби и да им помогнам да се препознаат себеси, да изградат самодоверба. Работата со тинејџери не е само наставен процес – тоа е грижливо, внимателно градење на личности.

И морам да признаам, она што навистина ми го полни срцето, е кога ќе видам дека наши поранешни алумни денес ги запишуваат своите деца во Американската Гимназија. Тоа е најубавата потврда дека сме изградиле нешто вредно – нешто што се пренесува од генерација на генерација. Семејството расте. И тоа е прекрасно.

Што следува за УАКС во наредните години? Каде ја гледате улогата на АХСС во тој поширок образовен систем? Лично, што е тоа што сакате да оставите како трага со оваа работа – и како визија?

УАКС останува верен на својата визија да биде лидер во високото образование во регионот. Тоа го постигнуваме преку интернационализација, дигитална трансформација и постојано подобрување на квалитетот на наставата и истражувањето. Во следните години, ќе продолжиме да се движиме напред со неколку јасни приоритети: ќе ги продлабочиме соработките со универзитети од ЕУ, ќе воведеме иновативни студиски програми кои одговараат на динамиката на пазарот на труд, ќе инвестираме во развој на истражувачките капацитети и ќе го зајакнеме нашиот општествен ангажман преку хуманитарни и граѓански иницијативи.

Во овој поширок едукативен систем, Американската Гимназија Скопје има многу важна улога. Таа не е само гимназија – таа е современа образовна институција која ја пополнува празнината меѓу традиционалниот и иновативниот пристап кон наставата и им дава на учениците многу повеќе од класично знаење. Силен акцент е ставен на работата преку проекти, користењето нови технологии, критичкото размислување и чувството за општествена одговорност. На тој начин всушност децата учат како да бидат и глобално свесни, но и локално активни. Преку фокусот на настава на англиски јазик, интердисциплинарната настава и пристапот преку кој учениците се центарот на нашето внимание, Американската Гимназија обезбедува природна и поддржана транзиција за учениците кои сакаат да продолжат со квалитетно образование во Македонија или во странство.

Во таа смисла, AHSS не е само мост кон УАКС и светот, туку и институција што гради карактери и вредности уште од тинејџерските години, но и создава генерации што можат да се вклучат во националниот и глобалниот развој со самодоверба и компетентност. Таа не е само „училиште“ – таа е став, заедница и, како што вели нејзиниот слоган – The Cool School.

А што сакам да оставам како лична трага?

Сакам да оставам институционална култура на критичка мисла, искрен дијалог, грижа за другиот и интегритет. Сакам генерации кои нема само да се академски подготвени, туку ќе бидат етички свесни, општествено ангажирани и храбри индивидуи. Мојата визија е УАКС и AHSS да останат симболи на одговорно, современо образование кое прави вистинска разлика, образование кое ги надминува границите на училницата и кое остава траен белег во општеството.

Вие сте и професорка и проректор за настава, покрај тоа што сте и претседателка на одборот на директори на УАКС и директорка на Американската гимназија. Како успевате да избалансирате меѓу менаџментот и академската работа? Што ви е најдрагоцено од вашето искуство како професорка? Дали се случува Вие да научите нешто ново од студентите?

Животот ме научи дека ништо вредно не доаѓа лесно – но и дека сè што е искрено и полно љубов, вреди!. Балансирањето помеѓу академската улога, менаџментот и стратегиското раководење е навистина предизвик. Но кога работата ти е страст, а тимот ти е поддршка – сè станува можно.

Мене лично, спортот и движењето ми се начин да ја задржам енергијата и фокусот во секојдневието исполнето со одговорности. Тоа ми е простор за прочистување на мислите и за нова сила. Но, најголемата мотивација ми доаѓа од дома - од моите деца и од моето најблиско семејство.Тие се моето зошто. Секој нивен насмев, секој нивен успех, ме потсетува зошто вреди да се вложува толку многу, и во работата и во животот. Со нив учам како да бидам подобра, и како човек и како професионалец. А пријателите… тие се таа тивка сила која никогаш не се гледа на сцената, но секогаш стои зад неа. Нивната поддршка ми дава стабилност, самодоверба и мир. Зад секој мој успех стои нивната верба во мене – тивка, но моќна.

Како професорка, најмногу ме исполнуваат интеракциите со студентите. Разговорите, идеите што ги споделуваат, моментите кога гледам дека некоја вредна идеја се разбудила во нив – тоа е неверојатно и непроценливо. И честопати, токму тие ме учат мене. Нивната креативност, искреност и различни животни искуства се вистинска инспирација и потсетник дека учењето е двонасочен доживотен процес.

За крај, имате можност да им се обратите на членовите на семјството на УАКС со една порака. Што би им порачале во контекст на заедничката иднина што ја градите на УАКС?

Драго ми е што ќе го затвориме ова интервју со порака кон моите колеги, за кои сметам дека се клучни за развојот на УАКС. Без нив, ништо од ова што го направивме, ниту она што следи нема да е возможно. Горда сум што сум дел од тим на кој можам да му верувам, на кој можам да се потпрам и со кого заедно чекориме напред!

Затоа мојата порака до нив е многу искрена: Во ова време на постојани промени и предизвици, би сакала да потсетам на моќта на заедништвото, посветеноста и визијата што ја споделуваме.

Универзитетот Американ Колеџ Скопје е нашата заедничка куќа, местото каде што создаваме, се поддржуваме и градиме иднина. Заедно ќе продолжиме да се стремиме кон нови успеси, да ја негуваме традицијата на добри дела и да придонесуваме за подобро општество. Нека УАКС остане простор каде што растеме - професионално, човечки и со срце!

Можеби ќе ве интересира

Седум медали за сите седум вина на „Монтеко“ на највлијателниот и најпрестижен вински натпревар во светот

Седум медали за сите седум вина на „Монтеко“ на највлијателниот и најпрестижен вински натпревар во светот

Добиј 10% cashback на сите твои летни трансакции со бесплатната ProYOUng дебитна картичка за млади

Добиј 10% cashback на сите твои летни трансакции со бесплатната ProYOUng дебитна картичка за млади

A1 Македонија ги отвора вратите за идната генерација на млади професионалци преку практикантската програмата A1 WayUp

A1 Македонија ги отвора вратите за идната генерација на млади професионалци преку практикантската програмата A1 WayUp

ВИДЕОЛОТАРИЈА ЈА РЕАЛИЗИРАШЕ ТРАДИЦИОНАЛНАТА КРВОДАРИТЕЛНА АКЦИЈА

ВИДЕОЛОТАРИЈА ЈА РЕАЛИЗИРАШЕ ТРАДИЦИОНАЛНАТА КРВОДАРИТЕЛНА АКЦИЈА

Бизнис, држава и иднина - Кочо Анѓушев отворено за многу општествено политички прашања

Бизнис, држава и иднина - Кочо Анѓушев отворено за многу општествено политички прашања

Volkswagen Tayron ја имаше својата македонска премиера Нов SUV од Volkswagen во важен сегмент помеѓу Tiguan и Touareg

Volkswagen Tayron ја имаше својата македонска премиера Нов SUV од Volkswagen во важен сегмент помеѓу Tiguan и Touareg

„Читај каде и да си!“ – летна акција на „Литература.мк“ со попуст до 50%

„Читај каде и да си!“ – летна акција на „Литература.мк“ со попуст до 50%

Халки поткаст – искрено и отворено за родителството

Халки поткаст – искрено и отворено за родителството

„Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски – хибридно прозно патување низ книжевноста, музиката и филмот

„Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски – хибридно прозно патување низ книжевноста, музиката и филмот