25 Април, 2024
0.0370

Интервју со Стефан Андоновски: Власта не изолира од сите процеси, мора да си поднесе оставка за нова влада за национален спас

Објавено во: Македонија 27 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа законот за попис и најави бојкот доколку истиот се спроведе согласно начинот на кој планира власта. Стефан Андоновски, еден од помладите опозиционери смета дека партијата застапува принципиелни ставови и дека бара попис според европски стандарди, а не фалсификуван процес и пописен инженеринг. Андоновски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ не се противи воопшто на гарантираните права на етничките заедници и дека наскоро ќе имаат конкретен коалиционен партнер од албанскиот политички блок со кого заеднички ќе настапат на следните избори. Со Андоновски разговаравме за можноста за подобрување на политичката атмосфера преку дијалог со власта, но и што може да понуди опозицијата како решенија освен редовни критики. Исто така Андоновски објаснува дека во партијата постојано има прочистување од поранешните функционери за ВМРО-ДПМНЕ да оди напред со модерните текови, но се додека премиерот може да нарачува политички пресуди ќе остане на ставот дека како опозција се под жесток политички прогон. За него неопходни се коренити политички промени бидејќи се согласува дека граѓаните, и особено младите биле разочарувани во изминатите 30 години, но со политичари кои имаат концесии смета дека не може да се изгради подобро општество.

Фактор: Во изминатиот период се бележи пад на довербата на граѓаните во институциите. Каде е тука одговорноста на самата опозиција како коректор на власта, и како дојдовме до ситуација на постојано деградирање на значењето на институциите, почитувањето на правото и законите, особено ако се земе во предвид дека борбата за правда и еднаквост пред законите не се исполнуваат?

Андоновски: 30 години македонските граѓани се разочарувани од политичките елити и сите очекувања кои ги имале биле во поголема или помала мера неостварени. Многу ветувања, многу разочарувања и ми се чини дека тоа е првиот факт кој придонесува за ова нерасположение и недоверба кон институциите. Можностите кои ги има опозицијата се во одредена мера, ние сме дел од Собранието, таму може да ги браниме интересите на граѓаните и ако можам добро да се сетам оваа парлемантарна структура која ја имаме сега ги брани тие интереси.  Чисто како примери би ги навел постапките кога со голем број на амандмани успеавме да ги блокираме измените во Деловникот со кои ќе се намалеше транспарентноста на работењето на Собранието. Поднесовме над сто амандмани на Предлог Буџетот за 2021 со кои ќе се подобреше состојбата на граѓаните, но за жал не беа прифатени. Отворивме бројни теми во Собранието каде ја имаме најголемата активност и во постојан контакт со граѓаните гласно ги кажуваме нивните проблеми и бараме решенија. Секако, за да се излезе од оваа политичка бара потребни се коренити промени и нова генерација на политичари кои немаат зад себе багаж на криминал и недела кон државата и народот, немаат концесии и само на тој начин може да изградиме подобро општество.

Фактор: Колку младите имаат можност да дојдат до израз во политиката, бидејќи од една страна е лесно да се активираат партиски и да бидат активисти, но кога говориме за конкретни промени, за суштински одлуки и резултати нивното учество изостанува. Тоа секако е одлика на последните 30 години, па како да се убедат младите да останат тука, да го дадат својот ангажман во општеството, и да се врати довербата дека може да се создаде квалитетна иднина?

Андоновски: За мене е разочарувачки што на 15 јануари измина една година од донесување на Законот за младинско учество во чија изработка учествувавме од сите политички партии и голем број на граѓански организации коишто работат со млади. Во законот има 7-8 активности кои власта треба да ги спроведе во рок помал од една година, и со жалење можам да констатирам дека ниту една од нив воопшто не е спроведена, не постои Регистар на младински организации, нема намери за отворање на Младински центри, нема учество на младите во институциите. И ќе се сложам дека моите очекувања беа повисоки. Во носењето на овој закон учествувавме сите, а премиерот и тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт се фалеа дека е нивен личен проект, иако беше на сите организации, политички подмладоци и пратениците кои го гласаа. Кога зборуваме за разочарувања на младите, токму за ова станува збор. Никој веќе не зборува за проектот Младинска гаранција кој е пропаднат. Владата го започна чисто од ПР причини, но не успеа да го реализира. Никој не зборува за младински вработувања, поволности во општественото живеење, не се изградени двата нови факултетски објекти во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Сите овие аспекти ги прават младите да се чуствуваат дека немаат место под ова небо, а проблемот е во институциите кои во пракса работат многу лошо, ама имаат добар маркетинг. Проблемот е што граѓаните постојано се лажени, а резултатите никаде ги нема.

Фактор: Да, меѓутоа овие конкретни проблеми на младите со вработувања, животен стандард, напредок во кариера имладинско учество, некогаш се помалку важни за нив од оние проблеми кои се суштински, како борба со корупција, непотизам, справување со криминалот. Дали како партија можеби не успеавте да се дистанцирате од вашите претходници и пропуштивте шанса да го осудите криминалот, сѐ она што беше процесирано досега во судските предмети. Тоа го сведовте на ниво на политички прогон против вашата партија, наместо да речете да, еве тие наши функционери кои направиле кривични дела, треба да одговараат и да се постави една линија, секој да одговара без оглед на неговата партиска припадност, позиција, статус, моќ, богатство. Можеби тие прашање се поголем проблем за младите кои немаат доверба во државата?

Андоновски:Прашањето ви е повеќеслојно. Првиот дел кој би одговорил е дека ВМРО-ДПМНЕ е под политички прогон, затоа што нашиот имот е сѐ уште замрзнат, од страна на затвореното и поништено СЈО чијшто предводник видоме како и каде заврши. Нашиот имот е замрзнат токму благодарение на уцените на таа личност. Вториот аспект е дека јас лично и ВМРО-ДПМНЕ може да се согласиме дека некој направил криминал ако е осуден од правосудните органи во еден чист, транспарентен и праведен процес, а којшто за жал не го гледаме. Тоа е така бидејќи имаме јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција кој јавно кажува во неколку наврати дека има аверзија и одбивност кон ВМРО-ДПМНЕ, учествуваше во протестите и до денес на секоја прес-конференција коментира за одлуки и начин на функционирање на опозицијата. Ако некој може да најде јавен обвинител во било која демократска земја кој се занимава со внатрешно-политички и партиски теми, наместо со гонење на корупција и криминал, тогаш ќе речам во ред тоа е редовна обвинителска пракса. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави е константно внатрешно прочистување и катарза за да може да се развива напред и да оди во чекор со модерните текови. Може да забележиме и дека високи поранешни функционери на партијата се во блиски пријателски, бизнис и политички врски со сегашната власт. Тука мислам дека секој здраворазумски може да изнесе заклучок какви се состојбите во ВМРО-ДПМНЕ и општеството.

Фактор:Сепак, за одредни случаи не се дистанциравте целосно. На пример по правосилната пресуда за Гордана Јанкуловска поранешнтата министерка за внатрешни работи, рековте дека е резултат на политички прогон, а не на обидот за борба со корупцијата и криминалот. Дел од граѓаните сѐ уште на вас гледаат како на партија заштитник на поранешните функционери кои се осомничени или за кои се водат правосудни постапки, без оглед што некој може да го каже истото и за функционерите на останатите политички партии. Перцепцијата кај добар дел од граѓаните е дека не го надминавте овој впечаток?

Андоновски:Конкретниот случај кој го спомнавте е класичен пример на политички прогон затоа што станува збор за возило кое сѐ уште се користи од државните органи и начинот на набавката е спроведена како и сите претходни набавки од таков карактер. Се работи за специфично возило во рамките на безбедноста. Во таа смисла се работи за прогон на политички неистомисленици. Мене ме зачудува како тие случаи се процесираа брзо, со секојдневни рочишта, со брзање да се осудат обвинитетите, а други случаи во кои се сторени многу потешки кривични дела и во кои има класични примери за злоупотреба на функцијата рочиштата им се одложуваат, предметите се враќаат на почеток, или делата им застаруваат. Ние имаме принципиелен став. Сакаме да видиме еднаквост во постапувањето и транспарентност на правосудните органи. Ако премиерот може да нарачува пресуди никој не може да ни гарантира дека и оваа пресуда не е нарачана.

Фактор: Како може да се надмине недовербата во правосудството, колку вашата партија е подготвена на дијалог со власта и да понуди свои решенија за подобро справување со корупцијата на највисоко ниво. Имавте неколку несогласување, но за одредени реформи заедно соработувавте, одредени законски прописи поминаа заеднички, освен за Законот за јавно обвинителство. Што да очекуваме?

Андоновски:Состојбата е симптоматична бидејќи политиката сѐ уште многу силно се меша во правосудството, и се додека е тоа пракса ние не може да очекуваме дека правосудството ќе ги дава посакуваните резултати. Не е добро премиерот на една држава да биде раководител на телото за правосудни реформи, а во сега во втората фаза Министерот за правда да раководи со внатрешното прочистување на обвинителството и судството. Ја видовме методологијата која е понудена, која не нуди ништо ново, освен дека имаме очигледно директно замешателство на министерството за избор на обвинители и судии кои ќе бидат погодни за власта и ќе се одделат од оние кои не и одговараат, па ова е совршен начин тоа да се спроведе. Нашето учество во Собранието во носење на реформски закони во овој дел ќе биде понудено кога власта тоа ќе го побара тоа од нас на вистински начин. За жал Владата комплетно не изолира од сите прашања кои се клучни за државата без оглед дали е тоа правосудството, спорот со Бугарија, евроинтеграциите. Ние иако имаме сооднос речиси 50-50 во Собранието сме комплетно тргнати настрана и од нас се очекува да поддржиме готови решенија без воопшто да учествуваме во нивното носење. Таква беше ситуацијата со пописот и сите други прашања.

Фактор: За пописот исто така немате согласност со власта. Стравувате ли дека вашето противење на пописот може да биде протолкувано и претставено од вашите противници дека ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанска партија, дека по секоја цена сака да спречи да се покаже оној процент на население кој ги гарантира правата од Охридскиот рамковен договор. Дали може ВМРО-ДПМНЕ да им каже јасно на албанските партнери со кои треба да создаде и коалиција еден ден, дека немате ништо против албанската заедница и нивните права кои не треба да се сведат на бројка, за да се сфати дека вашето противење се однесува на правилноста на спроведувањето на пописоти гарантирање на точни резултати?

Андоновски: Прво треба да се разјасни дека ВМРО-ДПМНЕ е за кредибилен попис по европски стандарди. За жал ситуацијата е таква да голем број од европските и државите од соседството да ги одложуваат пописите оваа година, најмногу поради пандемијата со КОВИД-19 бидејќи се смета дека теренскиот попис нема да ги даде потребните резултати. Македонија има многу лоши резултати во справување со пандемијата што е причина плус. За конкретното ваше прашање ниту еден од нашите 30 амандмани не се однесува на бришење на права на било кој етникум. Напротив сакаме да гарантираме дека пописот ќе биде кредибилен и каков е составот на населението од сите параметри. Ако влезе попишувач кај вас дома и вие му издигтирате 20 матични броеви на тој начин не може да се гарантира дека тие луѓе навистина живеат тука. Ако наброите пет деца под 15 години ќе се претпостави дека треба да се отвори ново училиште или нова паралелка. Ако тие деца не се тука во моментот тоа ќе значи неправилно трошење на ресурсите на државата. И ако ние сакаме попис кој ќе ни покаже дека во Македонија има 3 милиони жители тогаш сме ја промашиле целта, затоа што ни требаат точни информации за државата да може да ги планира сите социо-економски активности во наредните 10 години. Затоа нашиот предлог не беше да правиме етно-национален попис, туку попис со отпечаток од прст за да се гарантира дека луѓето коишто се попишуваат се навистина тука. Тоа не ги одзема правата на ниту една етничка заедница. Многу поважно е што етничките заедници ги црпат своите права од бројката која ја имаат на локално и централно ниво, и тие права се еднаш воспоставени, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да отвора ревизионистички пристап кон овие прашања, туку да им даде на граѓаните еден точен и целосен увид во состојбите.

Нашите идеи и размисли беа можеби да се оди на целосно електронски попис, тоа е интересна стратегија која треба да се разгледа. Ваков попис набрзина истуркан во Собранието со лажно европско знаменце, со кој што се крие методологијата, се наметнуваат два врзани потписа како во Пржинска влада, еден на директорот и еден на неговиот заменик што е пар екселанс преседан и никаде не постои, се оди без консулатации со опозицијата и грешки во дефинициите за нас е се освен легитимен попис, односно фалсификуван пописен инженеринг.

Фактор: Кои се мотивите за еден таков пописен инженеринг како што го нарековте?

Андоновски: Ми се чини дека Владата прави сѐ оваа статистичка операција да стане политичка и да им помогне во продолжувањето на функционирањето на селојтеп коалицијата која е прилепена  од различни структури.

Фактор: Кога веќе говориме за коалициски потенцијали. Годинава треба да се одржат локалните избори некаде наесен. Секоја година во Македонија кога се одржуваат избори состојбата се наелетризирува, се разговорува политичката борба помеѓу партиите. Вие ги избегнавте локалните вонредни избори во Штип и како причина која ја наведовте беше состојбата со пандемијата. Што ако условите наесен со пандемијата бидат слични, секако тоа никој не го посекува, но е реално сценарио. Дали тогаш би оделе на бојкот на тие избори и дали размислувате за предизборна коалиција со партии од албанскиот блок со кои заеднички би настапиле?

Андоновски:Прво би се задржал на тоа како другата страна се подготвува за избори, а тоа е со операцијата поткуп која што започна со ребалансот на буџетот минатата година и со буџетот за оваа година со што се зголемуваат средствата за предвремени вработувања, се олеснуваат мерките за ограничување на задолжувањата на општините, а локалните самоуправи направија буџети со кои ги намалија капиталните инвестиции во инфраструктура и повеќекратно ги зголемија трошоците во привремени вработувања. Затоа може да се очекува масовен поткуп до одржувањето на изборите. ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите и се надеваме дека состојбата ќе биде подобра, најавено е вакцинирање во целиот свет, а со задоцнување во Македонија. Се надеваме дека до тогаш ситуацијата ќе се подобри за да може да се одржуваат собири и луѓето да се чуствуваат доволно слободни за да гласаат.

Ние веќе имавме разговори со одреден број на политички партии кои се опозициски, и од македонскиот и од албанскиот политички блок и се надеваме дека со нив ќе успееме да стигнеме до соработка која ќе биде официјализирана пред изборите. Значи да поддржиме заеднички кандидати во општините, да дојдеме до една силна платформа која ќе донесе убедлива победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Фактор: Оваа и минатата година иако Владата ветуваше дека по составувањето ќе се посвети на решавање на домашните проблеми, бидејќи минатиот мандат се фокусираше на надворешните односи и дипломатијата, сега повторно целото општество е преокупирано и опседнато со бугарското прашање. Ветото и односот на Бугарија се непринципиелни, но не и неочекувани. Дали сметате дека сте целосно исклучени од процесот на разговори со Бугарија. А, од друга страна дали пак го искористивте спорот за дневно политизирање, со постојани изјави, толкување на историјата, со што се создаде и несогласување во јавноста, а особено со поделби на социјалните мрежи. Како да излеземе од оваа негативна ситуација и како да се најде решение кое нема да биде на штета на националните интереси?

Андоновски:Зоран Заев кажуваше дека економски години ќе бидат 2018, 2019, 2020, а дека во оваа 2021 година ќе сме имале квантен скок во економијата, но за жал ситуацијата е поразителна во сите аспекти. Што се однесува до состојбата со Бугарија, ние бевме први кои лани некаде во април-мај излеговме со информации дека се подготвува Анекс на одлуките на Советот на Европската Унија, со којшто се негираат основните постулати на македонскиот јазик, македонскиот народ и историја. Тогаш во многу емисии бевме обвинувани дека споделуваме лажни вести, дека ја замајуваме јавноста, а дека државата блеска и дека биле отворени преговорите за членство во ЕУ. Тоа беше уште една лажна вест на Зоран Заев и во програмата за предвремените избори на страна 245 во програмата на СДСМ се вели дека ги започнале преговорите со ЕУ, знаеме како да ги завршиме и ветувањето беше дека до 2024 година ќе бидат исполнети 80% од поглавјата. Што е реалноста? Со Договорот за добрососедство успеаја да вметнат историски прашања во политички евроинтегративен контекст. Тоа значи дека историчарите ќе мора да се договорат ако ние сакаме да одиме напред во ЕУ. И на тоа предупредувавме од 2018 година, но Владата сама го потпиша тој договор. Ние и сега сме исклучени од било какви дискусии, ќе ја потсетам јавноста дека на два состанока на Комисијата за меѓународни односи која е матичното тело во Собранието каде треба да се дискутираат овие проблеми, министерот за надворешни работи и заменикот премиер не учествуваат во дебатата и иако се поканети не доаѓаат. Ние не знаеме дали постои анекс, нон пејпер, агенда и што се тие содржаат, а кои се доставени од Бугарија. Јас како политичар не можам да и верувам на власта кога тројца претставници на Владата имаат три различни ставови, а и тројца претставници на Бугарија исто така имаат различни ставови. Во таа смисла бараме учество на опозицијата, дискусија во институциите и Собранието и на тој начин може да се гарантира дека овој процес ќе биде доволно квалитетен за да ни додаде позитивен исход. Факт е дека барањата на Бугарија се неприцинпиелни, но тоа некој им го дозволи од македонска страна. Е сега кое е решението? Мора Владата да си поднесе оставка, не може луѓе кои имаат долгови да преговараат. Тие во 2015 и 2016 година пред да дојдат на власт на бугарската страна и ветувале многу работи, и од делот на економијата, продажба на државни претпријатија и решавање на спорот по терк на бугарската страна. Решението е да дојдат на власт луѓе кои немаат такви концесии и да преговараат за нов подобар договор со Бугарија, а доколку овој договор ги поништува основните македонски национални интереси ние сме подготвени да се повлечеме.

Фактор: Очекувате ли да се подобри дијалогот меѓу власта и опозицијата и да се намали поларизираноста и поделбата во општеството?

Андоновски:Во една нормална држава за клучните национални прашања, било од економски било од политички аспект, главните политички партии седнуваат на маса и ги договараат црвените линии и приоритетите. Оваа власт за жал во Собранието се однесува како да има 119 пратеници, а не само 62 и во таа смисла сите опозициски партии се тргнати настрана и се анатемисани дека се антизападни, против НАТО и ЕУ, дека и мислат лошо на Република Македонија. Напротив, ако власта имаше сенс да ги седне сите овие партии на иста маса за да се дискутираат сите клучни приоритети за државата, тогаш и решенијата ќе беа прифатени од сите и ќе немаше простор за препукувања. Ние ова го гледаме како шанса Владата да си поднесе оставка за да се формира влада за национален спас составена од експерти, а поддржана од сите политички партии која ќе не извади од корона кризата, од економската криза и од кризата во евроинтеграциите, а ќе ја има широката национална поддршка. Граѓаните се разочарани, гледаат дека сме доведени до ѕидот, а до него има и бездна. Оваа криза покажа дека голем дел од граѓаните живеаат со помалку до 100 денари на ден и кај нив има и револт кој е разбирлив. Треба да работиме на средување на состојбите во општеството во една поширока слика и на економски и политички план, да се работи на едукација за намалување на говорот на омраза и правилни реформи во образованието кои ќе дадат резултати. 

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

„Ај честито влез во БРИКС во комбинација со нова преговарачка рамка со ЕУ“: Колозова распали по изборните резултати, еве што вели

„Ај честито влез во БРИКС во комбинација со нова преговарачка рамка со ЕУ“: Колозова распали по изборните резултати, еве што вели

МАКСИМ ПОБЕДИ ВО КУМАНОВО, ЈАКИМОВСКИ ГО ЗАГУБИ КАРПОШ, ТАРАВАРИ СО ТЕСНА ПОБЕДА ВО ГОСТИВАР: Попрецизна анализа на изборниот исход

МАКСИМ ПОБЕДИ ВО КУМАНОВО, ЈАКИМОВСКИ ГО ЗАГУБИ КАРПОШ, ТАРАВАРИ СО ТЕСНА ПОБЕДА ВО ГОСТИВАР: Попрецизна анализа на изборниот исход

„НАБРГУ ЌЕ ВИДИТЕ ДЕКА СЕ САМО НОВО ПАКУВАЊЕ НА ИСТА МАТРИЦА“: Ванковска вели дека изборот е социјализам или варварство

„НАБРГУ ЌЕ ВИДИТЕ ДЕКА СЕ САМО НОВО ПАКУВАЊЕ НА ИСТА МАТРИЦА“: Ванковска вели дека изборот е социјализам или варварство

„ПРОФЕСОРКАТА СИЛЈАНОВСКА ГО ПРЕГАЗИ СТЕВО КАКО АВТОБУС“: Со коментар на изборите се јави и Грчева

„ПРОФЕСОРКАТА СИЛЈАНОВСКА ГО ПРЕГАЗИ СТЕВО КАКО АВТОБУС“: Со коментар на изборите се јави и Грчева

ВО НЕДЕЛА ТЕМПЕРАТУРИ И ДО 28 СТЕПЕНИ: Доаѓа очекуваното затоплување

ВО НЕДЕЛА ТЕМПЕРАТУРИ И ДО 28 СТЕПЕНИ: Доаѓа очекуваното затоплување

ДИК ГИ КОМПЛЕТИРАШЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВЧЕРАШНИТЕ ИЗБОРИ: Гордана убедливо најмногу гласови, еве ги точните бројки

ДИК ГИ КОМПЛЕТИРАШЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВЧЕРАШНИТЕ ИЗБОРИ: Гордана убедливо најмногу гласови, еве ги точните бројки

ИВОР МИЦКОВСКИ: Ако успеат да не коалицираат со ДУИ и да направат нешто..., ВМРО-ДПМНЕ ќе газат со години

ИВОР МИЦКОВСКИ: Ако успеат да не коалицираат со ДУИ и да направат нешто..., ВМРО-ДПМНЕ ќе газат со години

(ВИДЕО) Ечат македонската химна и народни песни на скопскиот плоштад

(ВИДЕО) Ечат македонската химна и народни песни на скопскиот плоштад

НАЈНОВИ РЕЗУЛТАТИ ОД ДИК: На обработени 90,49 отсто гласови - Давкова 326.310, Пендаровски 162.678

НАЈНОВИ РЕЗУЛТАТИ ОД ДИК: На обработени 90,49 отсто гласови - Давкова 326.310, Пендаровски 162.678